Македонија
Османи од „Глобсек 2021“- Иднината на регионот е во ЕУ
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска се обрати на Глобалниот безбедносен форум „Глобсек 2021“ во Братислава, на тема „Геополитичката Европа на крстопат: Западниот Балкан во Ера на Пост-Ковид-19 “.
Осврнувајќи се на регионалните и геополитички последици доколку се изгуби посветеноста на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан, Османи потенцираше дека иднината на регионот е во ЕУ, што истовремено е географски и геополитички факт.
„Земјите се наоѓаат во фаза на засилена меѓусебна економска соработка која неминовно ќе доведе до прием во заедничкиот европски пазар. Тоа е суштината на европската интеграција. Надворешната и безбедносната политика на ЕУ ќе биде предмет на натамошен развој, но фактот што сите ние на Европскиот континент, во најголема мерка се определивме за евро-атлантските либерални вредности, доволно зборува дека иднината е предвидлива, сите да бидеме дел од заеднички сојуз, во одбрана од заедничките закани“, истакна Османи.
Тој додаде дека за пристапниот процес на земјите од регионот, реформите се клучни, особено “фундаментите“, а она што е подеднакво важно на патот кон членство во ЕУ е помирувањето во регионот, нешто на кое земјите мора да продолжат активно да работат.
„Северна Македонија со Охридкиот Договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија е модел кој треба да се следи во оваа насока“, нагласи Османи.
Прашан дали постои начин ЕУ да покаже дека новата методологија е долгорочна операција што може да ја потикне проевропската приентација на земјите од Западен Балкан, министерот посочи дека доколку ни се дозволи да преговараме многумина пријатно ќе бидат изненадени од нашата посветеност, но и од нашиот стручен капацитет.
„Јас сум оптимист, и покрај мачнината создадена кај нашите трпеливи граѓани по однос на евро-интеграциите, заради билатералните пречки, набрзо ќе докажеме дека нашите граѓани без разлика на која заедница припаѓаат поседуваат квалитети да се натпреваруваат со своите врсници во ЕУ. Нашите млади ќе не надминат и ќе докажат дека неоправдано премногу долго не спречуваа да се развиваме, еквивалентно на поранешните земји кои веќе се членки“, истакна Османи.
На овие теми тој дебатираше заедно со министрите за надворешни работи на Хрватска и Словенија, Радман и Логар, придружени од специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
На конференцијата ќе учествуваат шефови на држави и влади, министри за надворешни работи, парламентарни делегации, претставници од бизнис заедницата, како и бројни претставници на влијателни меѓународни невладини и тинк-тенк организации од Европа и светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

