Црна хроника
Повеќемина ги застрелале убиените од блиску со три типа на оружје
Повеќе лица пукале кон четирите момчиња и постариот жител на село Црешево кои беа убиени во четвртокот вечерта во атарот на селото Смилковци кај езерото.
Ова го соопшти министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска откако денеска го разгледале обдукцискиот извештај.
Според нивните информации, кон убиените било пукано од блиску со три типа на огнено оружје.
„Врз основа на направената обдукција потврдено е дека смртта кај петтемина убиени настапила како последица од повеќе прострелни рани кои кај четири од лицата се нанесени од непосредна близина, додека кај петтото лице од малку поголема оддалеченост.Според вештачењето се претпоставува дека е пукано од три локации и од три различни оружја. Поголем дел од чаурите се подигнати од лице место и се вештачат. Исто така, од страна на Министерството за внатрешни работи пронајдени се и одземени неколку возила врз кои се вршат вештачења, а можно е да биле поврзани со убиството“ соопштуваат од МВР.
Засега МВР не ги исклучува сите можности и варијанти, па дури и дека се работи за професионални убиства и дека убијците избегале надвор од државата. Министерството побарало од полициите во соседните држави, доколку имаат било каква информација за убиствата да ги информираат и да соработуваат.
Министерката вели дека до овој момент се уште не може да се каже дали убиството било меѓуетничко бидејќи полицијата не ја знае ниту етничката припадност на сторителите, ниту нивниот идентитет.
Таа уште еднаш упати апел да не се разгоруваат меѓуетничките односи. „Без оглед на тежината и сериозноста на кривичното дело не треба да дозволиме нарушување на меѓуетничките односи“ изјави Јанкулоска.
Таа ги повика граѓаните да соработуваат со полицијата и за време на собирите по повод големиот празник Велигден да не се предизвикуваат нереди и да не се изразува револтот на граѓаните преку протести.
Според неа, со ова сите полицајци би се ангажирале и би се концентрирале кон пронаоѓање на сторителите наместо да го обезбедуваат јавниот ред и мир.
Според сегашните информации на полицијата, во населбата Радишани од каде што потекнуваат четирите убиени момчиња нема протести и не се најавени. Полицијата сепак е присутна во оваа населба. Во тек се погребните церемонии на убиените.
Граѓаните кои имаат било каква информација за убиствата може да се јават на телефонската линија 199 и да пријават доколу нешто знаат.
Засега полицијата само врши разговори со лица кои можеби ќе помогнат во расветлувањата на убиствата и оваа листа постојано се проширува, осомничени нема. Во текот на денешниот ден на службен разговор во полиција досега се повикани петнаесеттина лица кои би можеле да имаат некаква информација во врска напаѓачите, а се продолжува со интензивна оперативна работа така што можно е да бидат повикани и други лица. Повеќе информации не соопштуваат во интерес на истрагата и поради тоа што убијците се се уште на слобода.
Во четвртокот вечерта беа убиени Александар Наќовски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и Филип Славковски на возраст од околу 20 години од скопската населба Радишани и 45-годишниот Борче Стефковски од село Црешово додека ловеле риба на езерото кај Смилковци. Се уште не се знае кој и зошто ги застрелал./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

