Македонија
Бугарското МНР: Скопје да ги повлече малцинските претензии кон Бугарија
Ефективната имплементација на Договорот за добрососедство треба да биде дел од Преговарачката рамка за Mакедонија, Скопје да ги повлече малцинските претензии кон Бугарија, да се рехабилитираат жртвите на југословенскиот комунизам и да се адаптираат учебниците за да ја одразуваат заедничката историја, се барањата од Софија до македонските власти а ги објави бугарското МНР за „БГНЕС“.
„Бугарија беше принудена да ја одложи поддршката за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ на состанокот на Советот за општи работи, се вели во соопштението на бугарското министерство за надворешни работи.
Таму се наведени и петте точки од разговорите меѓу македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев со бугарскиот државен врв на 17 јуни годинава. Според бугарското МНР првата точка од договореното е македонската делегација да потврди пред ОН дека краткото и долгото име на земјата се однесуваат само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“, а не на географскиот регион „Северна Македонија“, чиј дел се наоѓа во рамките на суверените граници на Бугарија.
„Република Северна Македонија конечно да ги повлече своите малцински побарувања кон Бугарија, потврдувајќи дека не постојат историски, етнички и други основи за барање статус на малцинство за која било група на луѓе кои не се нејзини државјани на територијата на Република Бугарија. Република Северна Македонија да започне процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзината територија поради нивната бугарска самосвест. Овој историски гест од страна на Република Северна Македонија во пракса би го одразувал нашиот заеднички европски цивилизациски избор“ се вели во соопштението.
Се додава уште и дека бугарската страна продолжува да се држи до сигурни гаранции дека фундаментални интереси нема да бидат нарушени. „Мора да се запре практиката на газење на правата на луѓето со бугарски идентитет во Македонија. Ние се држиме до неповратноста во целосната и ефективна имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година“, пишува во соопштението.
Следи и точката според која Северна Македонија треба да ја прилагоди со Бугарија содржината на наставните програми, со цел, како што се вели во соопштението, објективно да се рефлектира заедничката историја заради елиминирање на образовната содржина која, како што е напишано во соопштението, влева омраза кон Бугарија.
Следна точка е отстранување на таблите и натписите на територијата на Македонија кои шират омраза кон Бугарија и Бугарите, се наведува од МНР на Бугарија.
Во соопштението се истакнува дека министерот за надворешни работи Светлан Стоев испратил писмо до неговиот колега министерот Бујар Османи, во кое изразил очекување за исполнување на преземените обврски.
Софија ја потврдува својата желба да продолжи со истражувачки консултации и сите други потребни форми на билатерални преговори со Скопје. Се приближуваме конструктивно и со добра волја, но очекуваме Македонија да продолжи со практично спроведување на преземените обврски на високо ниво. Нивната точна и непосредна примена ќе биде тест за искреност и добра волја. Ова ќе ни овозможи да се движиме во навистина позитивна насока, стои во соопштението на бугарското МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

