Европа
Папата Франциско се чувствува добро по операцијата на дебелото црево, соопшти Ватикан
Папата Франциско е добро по операцијата на дебелото црево, објави Ватикан откога 84-годишниот поглавар на Римокатоличката црква беше хоспитализиран првпат по изборот во 2013 година.
Портпаролот Матео Бруни изјави дека папата добро реагирал на операцијата, извршена под општа анестезија, а за која Ватикан соопшти дека била претходно закажана и не била резултат на итен случај.
Бруни не даде дополнителни детали за операцијата, ниту за тоа колку траела ниту, пак, кажа колку долго папата ќе престојува во римската болница „Гемели“.
Франциско пристигна во болницата во неделата попладне, а изјавата на Ватикан беше објавена нешто пред полноќ.
Папата беше опериран поради симптоматска дивертикуларна стеноза на дебелото црево. Операцијата ја изврши медицински тим од 10 лица.
Освен што предизвикува болка, состојбата може да доведе до надуеност, воспаление и тешкотии во празнењето. Има тенденција повеќе да влијае на постарите луѓе.
Ова е првпат папата Франциско да биде примен во болница по изборот во 2013 година.
Само неколку часа пред да објави дека ќе се оперира, папата им се обрати на илјадници луѓе на плоштадот Свети Петар за време на благословот во неделата и најави патување во Словачка и Будимпешта во септември.
На папата Франциско понекогаш му недостига здив затоа што му е отстранет дел од едното белодробно крило поради болест од која се лекувал како млад во својата родна Аргентина, анализираат медиумите.
Според написите, тој исто така страда од ишијас, состојба што предизвикува силна болка од долниот дел на грбот по должината на нервот до нозете.
Поради болката, понекогаш има тешкотии во одењето и редовно оди на физикална терапија и од таа причина пропушти неколку настани на почетокот на оваа година, стои во написите на новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германски министер: Дроновите во Белгија се порака да не се допираат замрзнатите руски средства
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес посочи врска помеѓу неодамнешните инциденти со беспилотни летала во Белгија и дебатата за користењето на замрзнатите руски средства што ги поседува белгиската финансиска институција „Еуроклеар“ за финансирање на огромен заем за Украина.
Појавата на беспилотни летала над аеродромите и воените бази стана чест проблем во Белгија во последните денови и предизвика големи нарушувања низ цела Европа во последните месеци. Некои официјални лица рекоа дека инцидентите низ Европа претставуваат „хибридна војна“ на Русија. Москва негираше каква било поврзаност со инцидентите.
„Да, сите го гледаме тоа. И Белгијците исто така. Оваа мерка има за цел ширење несигурност и заплашување на Белгија: Не се осмелувајте да ги допирате замрзнатите средства. Ова не може да се толкува на друг начин“, им рече Писториус на новинарите на прес-конференција во Берлин.
Белгиското Министерство за одбрана одби да коментира неговите изјави, но рече дека „оваа можност веќе е покрената во Белгија“. Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека на неговата земја ѝ се потребни конкретни и цврсти гаранции пред да спроведе план за користење на замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина во борбата против руската инвазија.
Ставот на Белгија е клучен бидејќи белгиската финансиска институција Евроклер држи замрзнати руски средства. Белгискиот аеродром во Лиеж ги продолжи летовите откако привремено го прекина сообраќајот во понеделник поради забележан дрон, втор ваков инцидент оваа недела.
Дроновите забележани над аеродромите во главниот град Брисел и источниот град Лиеж пренасочија бројни летови и приземјија некои авиони што требаше да полетаат пред три дена. Белгиската влада вчера свика итен состанок на клучните министри и шефови на безбедносни служби за да разговараат за она што министерот за одбрана го опиша како координиран напад.
фото: принтскрин
Европа
Данска ќе ги забрани социјалните мрежи за децата под 15 години
Данска ќе ја забрани употребата на социјалните медиуми од страна на деца под 15 години, соопшти денес данската влада, но родителите ќе можат да дадат согласност за пристап до одредени платформи за деца на возраст од 13 години и повеќе.
Овој потег доаѓа откако премиерката Мете Фредериксен во говорот пред парламентот во октомври повика на ограничувања за користењето на социјалните медиуми од страна на децата поради загриженост за менталното здравје на младите. „Таканаречените социјални медиуми сè повеќе им го крадат времето, детството и благосостојбата на нашите деца, и ние сега ставаме крај на тоа“, изјави министерката за дигитализација Каролин Стејџ Олсен.
Повеќето партии во парламентот изјавија дека ќе го поддржат планот пред официјалното гласање. Snapchat, YouTube, Instagram и TikTok се најпопуларните платформи на социјалните медиуми за деца во Данска, соопшти владата.
Според анализата од февруари на Данскиот орган за конкуренција и потрошувачи, младите луѓе во нордиската земја поминуваат просечно 2 часа и 40 минути дневно на социјалните медиуми. Данска ја следи Австралија, која минатата година ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: На Украина ѝ е потребна меѓународна помош за заштита на енергетската инфраструктура
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина ѝ е потребна меѓународна помош за да ја заштити својата енергетска инфраструктура од руски напади.
Зеленски во видео порака рече дека системите за воздушна одбрана и заштитата на енергетската инфраструктура се „највисоки приоритети со оглед на руските напади“.
„Всушност, нашите добавувачи на енергија, тимови за поправка и силите за цивилна одбрана се зафатени со обновување на областите по нападите секој ден“, рече Зеленски, апелирајќи за помош од меѓународната заедница.
Четврта зима од војната
Додека војната влегува во својата четврта зима, руската војска повторно систематски ги гранатира електраните и трафостаниците за да го прекине снабдувањето со електрична енергија, греење и вода на украинското население.
Укренерго соопшти дека во четврток повторно се планирани фазни прекини на електричната енергија низ целата земја за да се стабилизира мрежата.
фото: принтскрин

