Македонија
Министерството за здравство: Масовната вакцинација единствен спас од делта-сојот
Вакцинацијата е единствен начин да се спречи ширењето на делта-сојот во земјата, а со тоа да се спречи и евентуален нов силен бран на вирусот.
„По детектирањето 7 пациенти кај кои е утврдено присуство на индиската варијанта, се утврди дека тие не биле вакцинирани, што уште еднаш го потврдува фактот колку е потребно граѓаните што побргу да се вакцинираат“, велат од Министерството за здравство.
Од таму нагласуваат дека делта-сојот е присутен во 100-ина земји во светот, па затоа, како што велат, и ние како држава не може да бидеме изземени тој да се рашири и кај нас.
„Состојбата во нашата земја, гледано од епидемиолошки аспект, засега е мирна, секојдневно се следи ситуацијата и се прават анализи. Сепак, делта-сојот има висока трансибилност, па оттука важно е граѓаните масовно да се вакцинираат. Сите официјални информации од меѓународните здравствени институции, домашни анализи на експерти и стручњаци во областа на вирусологијата и епидемиологијата укажуваат на тоа дека единствен начин да се спречи ширењето на делта-сојот или другите соеви на SarsCov2 е вакцинацијата“, велат од Здравство.
Од таму додаваат дека сите вакцини што ги има кај нас се безбедни, признаени од СЗО и од националните институти на земјите што ги произведуваат.
Надлежните потенцираат дека секоја вакцина е ефикасна и штити од тешка форма на болеста, компликации или смртен исход.
Министерството за здравство апелира до граѓаните дека е важно да се спрoведе брза и ефиксна вакцинација и затоа упатуваат повик до сите граѓани што досега не се пријавиле за вакцинација или се двоумат – да се вакцинираат што побргу.
„Вакцините се безбедни, ефикасни и единствен начин да ја одржиме состојбата стабилна. Веќе од понеделник, 12 јули, вакцинацијата во државата ќе се одвива и без закажан термин, а ќе почне и теренската вакцинација, така што вакцините ќе бидат достапни до секого и секаде“, нагласуваат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прифати да биде покровителка на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, театролог, писателка и редовна професорка на Драмскиот факултет во Скопје.
Директорката детално ја запозна со програмата на 60. јубилејно издание на фестивалот којшто ќе се одржи во јуни следната година под провокативното мото „Храбриот нов театар“.
„Импресионирана од иновативноста на програмската содржина, претседателката со задоволство прифати да биде покровителка на фестивалот. Соговорничките споделија мислења за македонската драматургија, местото и улогата на славните глумци во неа, но и хроничните проблеми со коишто се соочуваат театрите, вклучувајќи ги и најтешките: просторните и финансиските. Сепак, недвосмислено заклучија дека театарот мора да остане жив и витален, обидувајќи се да привлече нова публика меѓу децата и младите, воден од чесната намера да ја поттикне кај нив љубовта кон уметноста. Претседателката смета дека знаењето, професионалноста, храброста и ентузијазмот на директорката и нејзиниот тим гарантираат незаборавен фестивал којшто заслужува институционална и финансиска поддршка“, соопштија од претседателскиот кабинет.
Македонија
Гаши на средба со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес одржа работен состанок со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe, проф. Беким Фетаји, како и со претседателот на Синдикатот на Универзитетот, проф. Авни Авдиу.
За време на средбата, соговорниците разговараа за можностите за зајакнување на соработката меѓу Собранието и академските институции, со посебен фокус на подобрување на квалитетот на образованието и потребата од одржливи реформи во оваа област.
Беа разменети мислења за конкретни чекори што можат да се преземат за подобрување на условите за академскиот кадар и студентите, како и за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на образовниот систем.
Ректорот го информираше претседателот за развојните проекти и планови на Универзитетот, додека претседателот Гаши, од друга страна, изрази целосна подготвеност да ги поддржи овие напори, соопштија од Собранието.
„Гаши високо го пофали придонесот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и целиот персонал во развојот на образованието во земјата, охрабрувајќи ги континуираните напори за квалитетно, современо и инклузивно образование“, се наведува во соопштението.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната кинеска амбасадорка Џианг Сјаојен
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Обете изразија задоволство од квалитетот на македонско-кинеските односи, втемелени на заемна почит и разбирање.
За Сиљановска-Давкова, забрзаната интеграција во Европската Унија е македонски стратешки приоритет, а дијалогот – единствен начин за решавање на регионалните и глобалните проблеми и предизвици.
Пренесувајќи ги срдечните поздрави од претседателот Си Џинпинг и изразите на највисоко почитување од кинеската влада и народ, кинеската амбасадорка истакна дека Народна Република Кина е наш искрен, доверлив и сигурен пријател којшто ги почитува суверенитетот на македонската држава и достоинството и интегритетот на македонскиот народ.
Претседателката ги поздрави активностите на Катедрата за македонски јазик, при Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Соговорничките препознаа неискористен потенцијал за проширување и продлабочување на соработката во економијата, образованието, културата, науката и туризмот.
Тие веруваат и го поддржуваат ефективниот мултилатерализам, чијшто центар на одлучување ќе бидат реформираните Обединети нации.

