Европа
(Видео) На холандски новинар му пукале во глава на улица, претходно добивал закани од мафијата
Познатиот холандски криминалистички новинар, Питер Р. де Врис, синоќа бил застрелан и сериозно ранет на улица во Амстердам, јави националната телевизија НОС, додавајќи дека тој бил пренесен во болница.
Амстердамскиот весник „Парул“ извести дека очевидци на пукањето рекле оти Де Врис бил застрелан во главата. Весникот објави видео од луѓе собрани околу лице што лежи на земјата.
Градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема, рече дека Де Врис се бори за живот и е во кристична состојба.
Полицијата почна голема истрага по нападот, а подоцна објави дека уапсила три лица, вклучувајќи го и осомничениот за пукањето.
64-годишниот Де Врис важи за славна личност во Холандија и честопати се појавува како коментатор во телевизиски програми посветени на борбата против криминалот, односно тој е докажан репортер за криминал со доверливи извори во полицијата и подземјето.
Тој стана познат како истражувачки новинар кога во 1983 година беше киднапиран пивскиот магнат Фреди Хајнекен, а во САД го истражуваше исчезнувањето на тинејџерката Натали Холовеј во 2006 година. Во неколку случаи Де Врис добивал закани од криминалното подземје.
Во моментот тој соработувал со клучен сведок во големо судење за организиран криминал.
Според извештаите во медиумите, напаѓачот го застрелал Де Врис откога тој напуштил ТВ-студио. Де Врис претходно гостувал во директен телевизиски пренос.
Премиерот Марк Руте го нарече нападот врз Де Врис „напад врз слободното новинарство“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.