Свет
(Во живо) Милијардерот Ричард Брaнсон денеска лета во вселената
Компанијата „Вирџин Галакси“ на милијардерот Ричард Брансон денеска ќе изврши пробен туристички лет во вселената.
Брансон ќе биде меѓу шесте патници во ракетата со крила, што ќе полета од наменскиот комерцијален космодром СпејсПорт Америка, во американската сојузна држава Ново Мексико.
Времето сè уште не е објавено, но компанијата соопшти дека преносот во живо ќе започне во 7 часот по локално време, што е во 15 часот по средноевропско време, пренесуваат американските медиуми.
Авионот-носач ќе полета од пистата и ќе го лансира вселенското летало „ВСС Јунити“ на надморска височина од 15 километри, а двајца пилоти ќе палат ракетни мотори што ќе го однесат леталото над 80 километри надморска височина, што САД ја сметаат за граница на вселената.
Патниците, Браносн и претставниците на неговата компанија, ќе можат да се одврзат и да уживаат во бестежинската состојба неколку минути. Авионот потоа ќе се врати на пистата од која заминал.
Брансон сака да го процени искуството за идните клиенти што се очекува од 2022 година. Околу 600 луѓе веќе купиле билети, чија цена се движи од 200.000 до 250.000 американски долари.
„ Кога ќе се вратиме, ќе објавам нешто многу возбудливо за да им дадам на повеќе луѓе можност да станат астронаути“, вети тој.
Компанијата на милијардерот Џеф Безос, „Блу ориџин“, ќе го лансира своето летало на 20 јули, на годишнината од првото слетување на Месечината во 1969 година. Ракетата „Њу Шепард“ го носи името на Алан Шепард, првиот Американец во вселената.
Иако се најавуваше со години, ерата на вселенскиот туризам ќе зависи од успехот на овие пробни летови. Во 2014 година, авионот „Вирџин Галакси“ се сруши, а пилотот загина, што предизвика големо одложување на програмата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.

