Македонија
(Видео) МВР и РСБСП со камапања за зголемена безбедност во сообраќајот
МВР и РСБСП продолжуваат со засилени едукативни, сообраќајно превентивни активности, но и со засилени контроли на сообраќајната полиција, се со цел заштита на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот.
„ Безбедноста во сообраќајот на прво место“. „ Не го потценувај заморот. Вози одморен!“. „ Не вози под дејство на алкохол“. „ Намали ја брзината, затоа што брзото возење изнудува грешки кои завршуваат фатално!“ се дел од пораките кои МВР и РСБСП овој викенд ги упатуваа до учесниците во сообраќајот во Битола, со цел подигање на свеста за важноста и за потребата од одговорно и безбедно учество во сообраќајот.
МВР и РСБСП апелираат до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни и да разберат колку е важно да се почитуваат сообраќајните правила и прописи затоа што само на тој начин, преку јакнење на колективната свест, и колективното разбирање може да го направат сообраќајот побезбеден за сите.
„ РСБСП и МВР продолжуваат со активностите во рамките на Летната кампања. Сообраќајно превентивните активности се наменети за сите учесници во сообраќајот. Укажуваме на влијанието на заморот на безбедноста во сообраќајот. Со помош на таканаречени “Пијани наочари“ кои симулираат перцепција на лице под дејство на алкохол, укажуваме на ризикот, опасноста и последиците од возењето под дејство на алкохол, укажуваме и на последиците од брзото и агресивно однесување во сообраќајот. Учесниците во сообраќајот даваат поддршка за кампањата и веруваме дека сите вложени напори од РСБСП и МВР на крајот ќе резултираат со намалување на бројот на сообраќајни незгоди“ изјави Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП на денешниот настан во Битола.
Од МВР најавуваат дека продолжуваат превентивните и репресивни теактивности.
„ Наша цел е да допреме до сите граѓани. Во активностите кои што ги реализираме со РСБСП ги потсетуваме граѓаните дека безбедноста во сообраќајот, покрај другото е лична обврска и лично право на секој учесник во сообраќајот, и секој кој што учествува во сообраќајот е должен да ги почитува сообраќајните правила и прописи. Најголем дел од граѓаните се одговорни и совесни учесници во сообраќајот, но за жал се уште имаме учесници во сообраќајот кои возат под дејство на алкохол, управуваат моторно возило без возачка дозвола или ги прекршуваат правилата за ограничување на брзината. За ваквите возачи нема место во сообраќајот и ќе бидат санкционирани и отстранети од сообраќајот. Во текот на вчерашниот ден во периодот од 07 до 12 часот на територијата на целата држава имаме 434 санкции за возење со поголема брзина од дозволената. Синоќа пак, во периодот од 23 до 05 часот санкционирани се 231 возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, а од нив 35 на територија на СВР Битола. Сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период се со цел заштита на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот“ изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Македонија
Продолжува генералката во Скопје, денес на ред е реката Вардар
Од ЈП „Улици и патишта”- Скопје информираат дека продолжуваат активностите со машинско и рачно чистење на коритото и косините на река Вардар.
-Екипи на ЈП „Улици и патишта”- Скопје и денес се активни со машинско чистење на коритото и рачното чистење на косините на река Вардар. Рачно се отстранува насобраната пластична амбалажа и смет од косините на реката, а со багери и останата механизација машински се чисти кабаст и земјан материјал кој е насобран во централниот дел на кејот, информираат од ЈП „Улици и патишта”- Скопје во објава на Фејсбук.
Посочуваат дека во акцијата за чистење од Град Скопје се вклучени сите екипи на ЈП „Улици и патишта”-Скопје со целата расположлива механизација и работен капацитет. Потенцираат дека тие деновиве ќе работат до целосно расчистување на кејот на реката Вардар.
Македонија
Алиу: Примената на вештачката интелигенција во медицината помага за подобрување на дијагностиката
Применаата на вештачка интелигенција има голем потенцијал да ја подобри дијагностиката, персонализираната медицина, откривањето нови лекови и молекули кои ќе овозможат одредени болести многу подобро да се лекуваат со помалку нус појави. Исто така, таа ќе помага во намалувањето на времето коешто лекарите и медицинскиот персонал го трошат на административно работење. Ова се дел од заклучоците од овогодишното издание на „HEALTH INNOVATION EXPO 2025“ – најсовремениот Саем за медицина, стоматологија и фармација, кој денеска и утре се одржува во Скопје.
На Саемот беше посочено дека вештачката интелигенција треба да биде интегрирана заедно со медицинскиот персонал со лекарите и таа ќе даде дополнителна вредност, односно дополнителна способност и вештина на медицинските лица во обезбедување подобра здравствена заштита на самите пациенти, а не нивна замена.
Министерот за здравство, Азир Алиу истакна дека дигиталната трансформација во здравствениот систем не е едноставна, бидејќи, како што рече, еко-системот во секоја земја е комплициран.
-Ценам дека чекалните со пациенти кои имаат папки и ќесиња со документи треба да биде минато, историја. Знаете дека еден од клучните пет столба кои ги имаме како Министерство е дигиталната трансформација. Дигиталната трансформација во здравствениот систем не е едноставна, бидејќи еко-систем како во секоја земја е комплициран. А кога се прави свичување од еден во друг процес, дигитализирање на процесите, тогаш треба и обуки и заеднички пристап и на приватните и државните институции со цел таа дигитална трансформација да не биде скенирање и дигитализација на документи, туку да донесе автоматизирани и дигитализирани процеси во здравството, рече тој.
Министерот нагласи дека за да имаме алгоритми што обработуваат и алармираат за некој процес во здравството, вие морате да имате интегриран систем кој што црпи податоци од секоја здравствена институција во државата.
-Првиот наш чекор беше тоа – мапирање на здравствените институции и од аспект инфраструктура, човечки капацитети и сервиси коишто ги нудат. Еден од податоците веќе е јавно достапен на нашата веб-страна и веќе имате податоци за здравствени институции обработени од нашиот систем. Многу скоро, најверојатно за недела-две ќе имаме прес-конференција за човечките капацитети во државата кои ги кластериравме на доктори, медицински сестри, технички персонал. Врз основа на тие податоци на човечки ресурси, ние ќе треба да дефинираме и мапираме кој тип на протоколи ќе ги дефинирани, а поврзани со дигиталните процеси во здравството. И понатаму сите алгоритми поврзани со вештачката интелигенција ќе бидат алатки коишто ќе помагаат на дневна основа и за медицинскиот персонал и за докторите, но и за пациентите. Тие се алатки коишто постигнуваат интеракција помеѓу здравствениот систем и пациентот и целта на тие алатки не е да се менува доктор со машина или алгоритам, туку тие да бидат алатки што ќе помагаат и ќе носат здравствени услуги кои ќе бидат во реално време, попрецизни и достапни од секоја точка. Фактички, здравството да биде поблиску до граѓаните, а не граѓанинот да трча по здравствени институции, рече тој.
Алиу информира дека веќе работат на пилот проект во два града – во Дебар и во Делчево за теле-медицина. Потенцира дека работат и на измени на 12 закони кои се однесуваат на здравствената заштита.
-Ќе имаме центар за теле-медицина, кој во првата фаза ќе почнеме и веќе е при крај проектот за консултации помеѓу специјалисти и пациенти во овие два града и понатаму ќе се развие тој протокол за да може да биде дел од здравствената инфраструктура и теле-медицината. Во моментот работиме на промена на 12 закони – во Законот за здравствена заштита ќе има поглавје за дигитална трансформација на здравството, бидејќи во моментот немаме дефинирани протоколи за нудење на здравствени услуги преку теле-медицина или преку дигитални алатки. Сите здравствени институции се известени од страна на Министерството за здравство. Технички гејтот е отворен, значи имаме двојна комуникација помеѓу нашиот систем и здравствени систем. Идејата е дека државата треба да креира протоколи и правила, додека сите здравствени институции во државата треба да ги следат и да се адаптираат на тие протоколи и правила и тоа ние го направивме – креиравме стандарди и протоколи за комуникација помеѓу институциите и тоа е во согласност со европските стандарди. Ние мора да креираме здравствен систем кој ќе биде централизиран и за кој ќе имаме јасна здравствена слика за секој наш граѓанин, без разлика дали тој црпи здравствени услуги од приватна или државна здравствена институција, рече министерот Алиу.
Алиу истакна дека лекарите не треба да се плашат дека вештачката интелигенција ќе им го заземе местото во здравствените установи.
-Не треба да се плашат. Мојот докторат е поврзан со медицина. Јас пред околу 15 години имав докторат кој се поврзува со дигитализација и детектирање на мирко-фалсификати во радиологија. Тогаш беа првите почетоци на тоа како треба технологијата да биде дел од здравствениот систем. И тогаш имаше вакви прашања – дали вашите софтвери ќе не менуваат нас како доктори? За наша среќа, денеска технологијата е дел од нивниот секојдневен живот и тие гледаат реално спас во дигиталните содржини и таа технологија е вклучена во нивниот секојдневен живот. Ние веќе имаме дигитални решенија кои се препознатливи не само кај нас, туку и надвор од државата. Како што е Мој термин, кој е функционален, функционира и е една добра база за дигитализација. Дигитална трансформација на здравството веќе постои кај нас, само треба да се надополни со други компоненти и елементи и да имаме здравствен систем во кој секој од нас папката за нашата здравствена картичка ќе ја имаме на нашиот мобилен телефон, а не да трчаме со папки и ќесиња пред доктор. Треба да креираме здравство во кое податоците ќе ги следат пациентите, а не пациентите да трчаат по податоци, рече Алиу и најави дека за брзо време ќе имаат прес-конференција на која ќе биде претставено логото – една ќесе и црта, со кое кесата веќе не треба да се носи и да биде дел од нас.

