Македонија
Бочварски: Владата со 70 милиони евра ги реконструира локалните улици во сите општини

Со 70 милиони евра директна помош за општините го реализираме најкрупниот и најзначаен проект за реконструкција на локалните патишта и улици во сите општини во државата. Овој проект што го реализираме преку Министерството за транспорт и врски е пример за одличната соработка меѓу локалната и централната власт, истакна министерот Благој Бочварски при денешната работна посета во Тетово.
Инвестициите во патната мрежа се неопходни заради потребата да создадеме услови за подобар живот за граѓаните. Проекот за „Поврзување на локални патишта” овозможува токму развој на локалната патна мрежа и поодбрување на урбаното живеење, потенцираше министерот Бочварски.
Тој заедно со градоначалничката на општина Тетово, Теура Арифи, заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, извршија увид во реконструкција на улицата Гоце Делчев во стариот дел на градот.
„Пред извесен период бев овде во Тетово и заедно со градоначалничката ветивме реконструкција на две улици во градот. Денеска повторно сме тука за да го одржиме ветувањето и многу ми е драго што преку овие активности работиме на подобрување на условите за живеење на граѓаните од Тетово и населените места. Во првиот повик општината партиципираше со две улици, и тоа реконструкција на улицата Гоце Делчев со должина од 732 метри и вредност од 15.7 милиони денари како реконструкција на дел од улицата Гоце Стојчевски во вредност од 6 милиони денари. Денеска сме на увид на реконструкцијата на оваа улица Гоце Делчев, многу значајна за граѓаните на Тетово, која практично беше и нивно барање”,изјави министерот Бочварски.
Градоначалничката Теута Арифи истакна дека општината комплетно ја санирала канализациската мрежа на улиците и потенцира дека дополнително преку овој прект ќе се реконструираат уште две улици.
„Нам ни беше многу важно овие улици да добијат на приоритет. Затоа аплициравме веднаш за реконструкција и тие беа одобрени. Во рамките на третиот повик преку Министерството за транспорт и врски аплициравме за уште две улици кои се одобрени и сега чекаме да бидат финансирани за реконструкција“, изјави Теута Арифи, градоначалничка на општина Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“

Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време и според вообичаената маршрута, но без давање официјална изјава од нив, што досега беше начин на комуникацијата на родителите на починатите со јавноста.
Преку испишаните пораки на транспарентите, тие и денеска за трагедијата во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење. Десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот за нивните ангели родителите го почнаа од „Паркот на Револуцијата“, од каде се упатија кон Трговскиот центар. Марширањето продолжи кон Основниот суд со кратки запирања пред зградата на УЈП и Полициската станица.
27. „Марш за ангелите“ во Кочани денеска заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата“.
Македонија
Починато лице на списокот за гласање, ДИК отфрли седум и прифати три приговори за лично избирачко правo

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница отфрли седум приговори поднесени од граѓани за лично избирачко правo, а прифати три. Отфрлени како неосновани беа приговорите на Радица Радеска од Битола, Зилќафете Мемеди од Желино, Иџел Камбери од Желино, Гордана Радеска од Битола, Јетон Далипи од Струга, Весна Трајкова од Кичево и Оливер Трајановски од Куманово. Прифатени, пак, беа приговорите на Божидар Алтипармаков од Битола, Адис Таири од Гостивар и Едина Таири од Гостивар. Тројцата утре ќе може непречено да го остварат своето право на глас, но се должни со себе на гласачкото место да го донесат и покажат решението што ќе го добијат од ДИК како правен основ да бидат запишани во дополнителнот образец на Избирачкиот список.
На седницата беше усвоена и Одлуката за поништување на потврдена листа за членови на Совет на Град Скопје поднесена од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ). Образложението е дека ДИК на 17 октомври, по допрен глас, дошла до информација дека на оваа листа има починато лице. ДИК предложи за овој случај понатаму да постапува Јавното обвинителство.
-ДИК согласно Деловникот и Изборниот законик констатира дека се поништува потврдената листа од Изборната комисија на Град Скопје за членови на Совет поднесена од ДНЕТ. ДИК одлучи дадените гласови за поништената листа членовите на избирачките одбори да ги евидентираат како неважечки гласачки ливчиња во записникот за гласање. Исто така, членовите на општинските изборни комисии кои спроведуваат гласање за Град Скопје, како и Изборната комисија на Град Скопје нема да ги сметаат како добиени гласови во соодветните записници за сумирање и утврдување на резултаите од гласањето, објасни претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Членот на ДИК, Александар Даштевски рече дека ваков случај, на предложено починато лице, имало и лани. Листата била отфрлена.
-Беше покрената и кривична постапка што е предвидено за вакви случаи, истакна Даштевски.
На седницата ДИК информира дека досега за следење на утрешните локални избори се пријавени 1 463 набљудувачи од кои 807 домашни и 644 мешународни, како и 12 странски новинари. ДИК воедно денеска им одобри акредитации за следење на изборниот процес и на уште двајца новинари од Радио-телевизија Косово.
Беше прифатена и Одлуката за доделување дополнителни средства на општинските изборни комисии за локалните избори.
Попладневната 147. седница на ДИК, како што напомена Кондарко, останува отворена за евентуално пристигнување на други приговори.
-Јавноста ќе биде известена за продолжение на седницата. Сега само ја прекинуваме, а ќе ја продожиме денеска ако има потреба, ако не, утре ќе констатираме дека ја затвораме, објасни Кондарко.
Македонија
Скандал во студентскиот дом „Гоце Делчев“, студент снимал девојки додека се туширале

Студент бил фатен како тајно снима студентка во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
„На 16 октомври 2025 во 20 часот и 10 минути во СВР Скопје, 22-годишна девојка од Прилеп, со престој во студентски дом на подрачјето на Карпош, пријавила дека истиот ден околу 17 часот, додека се туширала забележала телефон над параваните.
Според пријавата, А.М. (22) од Богданци ѝ кажал дека тој ги направил фотографиите. Лицето е приведено во полициска станица, а одземени му се лаптоп и компјутер.
„СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.