Свет
14 работници исчезнаа во поплавен тунел во Кина

Тунел во изградба на југот на Кина е поплавен, а нуркачки екипи се испратени на местото на настанот да бараат 14 работници кои се водат како исчезнати, соопштија денеска кинеските власти.
Локалните власти потврдија дека нивото на водата паднало за околу 11 метри, и дека покрај нуркачите, биле испратени и тимови со роботска опрема за активности под вода за спасување во потрага по исчезнатите, објавија властите.
„Водата од тунелот се испумпува, а спасувачите успеаја да пробијат околу 600 метри во внатрешноста на тунелот што е на далечина околу половина километар од местото каде исчезнаа работниците“, велат властите.
Поплавата започна во четвртокот околу три ипол наутро, веднаш откако навлезе вода, беше наредена евакуација на работниците, но 14 од нив останаа заробени во тунелот.
Засега не е позната причината за поплавата, но истрагата е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Застрашувачки вирус ги затвора границите на Европа со страв дека може да биде „биолошки напад“

Шап и лигавка, која не е откриена во Унгарија повеќе од половина век, се појави во земјата, принудувајќи ги соседните Австрија и Словачка да ги затворат своите граници, објави „Мирор“. Вирусот се шири во Европа, а постојат стравувања дека можеби станува збор за „биолошки напад“.
Илјадници грла добиток се колат по појавата на шап и лигавка во Унгарија – прва во повеќе од 50 години. Како одговор, соседните Австрија и Словачка затворија десетици свои гранични премини за земјата, според Светската организација за здравје на животните.
Унгарскиот портпарол на владата, Гергели Гуљас, рече дека болеста, која првпат била откриена на фарма за добиток во близина на северозападната граница, можеби била „вештачки конструирана“.
Тој додаде дека не можат да исклучат дека вирусот е резултат на биолошки напад.
„Во оваа фаза, можеме да кажеме дека не се исклучува можноста вирусот да не е од природно потекло, можеби имаме работа со вештачки конструиран вирус“. Сепак, тој не даде информации за тоа кој би можел да биде одговорен.
Животинските власти прегледаа речиси 1.000 фарми низ Унгарија и открија позитивни резултати од шап и лигавка на четири локации.
Гуљас тврди дека сомнежот е заснован на информации добиени од странска лабораторија, а наодите сè уште не се целосно докажани.
Свет
Европската комисија планира итни мерки: Птичјиот грип се шири

Европската комисија планира следната недела да донесе итни мерки за да се запре ширењето на птичјиот грип во два региони во Полска, соопшти ЕК.
„Со оглед на големиот обем на епидемиите (во тие два региона), неопходно е да се донесат дополнителни итни мерки кои ќе се применат во тие области со висок ризик, зајакнувајќи ги мерките за превенција и контрола“, рече портпаролот на ЕК во соопштение.
Според него, ЕК треба да ги донесе мерките следната недела. Преземањето на овие превентивни чекори е насочено кон заштита на полската живинарска индустрија, рече портпаролот на ЕК.
Тој не прецизираше што ќе вклучуваат вонредните мерки, но рече дека тие биле разговарани со националните и регионалните власти, кои се согласиле со нив.
Свет
Цената на златото урива рекорди

Цената на златото денеска за првпат на светските пазари надминаа 3.200 долари, додека инвеститорите бараат безбедно засолниште за својот капитал во услови на слабеење на доларот и стравувањата дека трговската војна меѓу САД и Кина може да ја загрози светската економија.
На физичкиот пазар унца злато попладне чинеше 3.223,36 долари и поскапе за 1,56 отсто од вчерашното затворање. Ова е највисока цена откако златото се тргува на берзата. Од почетокот на неделата поскапе за околу шест отсто.
На американскиот пазар златото се тргуваше по цена повисока за 2,14 отсто, по речиси 3.228 долари.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, вчера ги зголеми тарифите за кинески стоки на дури 145 отсто, а Пекинг возврати со зголемување на царините за увоз од САД на 125 отсто.
„Постои зголемен ризик од рецесија, приносите на обврзниците растат, а американскиот долар слабее. Сето тоа се фактори кои го поддржуваат златото во улога на еден вид заштита од криза и инфлација“, изјави трговецот со благородни метали во германската филијала на Хереус Металс, Александар Зумфе.
Инвеститорите традиционално купуваат злато за да ги заштитат вредностите на средствата во периоди на зголемена економска и политичка нестабилност и да се спротивстават на падот на каматните стапки. Клиенти се и централните банки кои сакаат да го зајакнат билансот на состојба и да ги обезбедат залихите.
Во вакви услови златото лани поскапе за повеќе од 28 отсто, покажуваат пресметките на здружението на рударски компании WGC. Од почетокот на годината неговата цена е зголемена за речиси 21 отсто.
Послабиот долар, исто така, ја зголемува побарувачката за злато бидејќи ја зајакнува куповната моќ на инвеститорите со други валути, забележува „Ројтерс“.