Топ
Мигрант заврши зад решетки поради напад и разбојништво врз други мигранти во Липково
Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против лице на возраст од 21 година, државјанин на Пакистан, поради разбојништво.
Осомничениот на 18 јули, околу пладне, во атарот на селото Лојане, општина Липково, во состав на група со уште девет непознати лица пресретнал мигранти што се движеле пеш по што, упатувајќи закани кон нив, почнале со метални шипки да ги удираат по главите и телата.
„Од секој од оштетените одзеле пари во износ од 600 до 800 евра, а од некои од нив и златен накит, кој оштетените го носеле со себе. Осомничениот заедно со други засега непознати лица од групата ги задржал оштетените заканувајќи им се за животот сѐ до моментот кога биле откриени од страна на полициските службеници по што непознатите лица од групата се разбегале во непознат правец, а осомничениот бил фатен од полициските службеници“, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово поднесе предлог за определување на мерката притвор против осомничениот бидејќи постои основан страв дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и оправдан страв дека може да се даде во бегство, но и да го повтори кривичното дело доколку се брани од слобода.
Судијата на претходна постапка, по спроведена постапка, донесе решение, со кое на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема веќе одење во Царина за потврди за царински долг, Централен регистар со еден клик ги гледа електронски
Хартиените потврди за царински долг кои се потребни за упис и промени на правниот субјект во Централниот регистар стануваат минато. Централниот регистар со само еден клик ги добива овие податоци од Царинската управа електронски во реално време, што за фирмите и граѓаните значи заштеда на време и ресурси. Истовремено на овој начин овозможуваме безбедност, интегритет и точност на обезбедените податоци со што делуваме во насока на сузбивање на можни измами. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски на заедничка прес-конференција со директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, на којашто беше промовирана ваквата новина во работењето.
На годишно ниво се издаваа во просек од седум до девет илјади хартиени потврди за царински долг. Ова значеше пет до десет дена за обработка на секое барање, што за фирмите и граѓаните низ цела држава претставуваше административен товар. Сега, граѓаните нема да мораат веќе да доаѓаат лично до централната управа во Скопје или да ангажираат адвокати кои ќе им ги вршат овие услуги во нивно име и за нивна сметка.
„Со овој чекор, јасно ги покажуваме нашите заложби за создавање подобри услови за водење бизнис, преку намалување на бирократските процедури и зголемување на ефикасноста на администрацијата, како едно од клучните ветувања пред бизнис заедницата. Бизнисот нема време за чекање, а ние како институции сме должни и јасно ги демонстрираме нашите напори кон создавање одржливо општество во кое економскиот раст ќе биде движен од зголемената ефикасност и доверба во системот“, потенцира Николовски.
Директорката на Централен регистар, Анита Стамнова вели дека успешно е завршена првата фаза од проектот за надградба на Едношалтерскиот систем со обезбедување на доказ за платени царински давачки по службена должност во постапките за упис на промена – пренос на удел.
„Централниот регистар и Царинската управа остануваат посветени на трансформација на услугите со фокус на корисниците и нивните потреби, користејќи модерни дигитални технологии за овозможување на поедноставни и поефикасни услуги. Во оваа насока продолжуваме да ги развиваме нашите услуги и ги охрабруваме сите чинители во давањето на јавни услуги за бизнисите и граѓаните на меѓусебна соработка со цел имплементација на поефикасни електронски услуги, односно градење на функционален систем на јавни услуги како основа за враќање на довербата во институциите на нашата држава“, истакна директорката на Централен регистар, Анита Стамнова.
Македонија
Спасовски 3 месеци го кочел затворањето на станицата за технички преглед во Сарај и овозможил незаконски профит од 90 000 евра, ЈО да реагира, бара ВМРО-ДПМНЕ
„Оливер Спасовски овозможил противзаконско богатење на фирма во Сарај, со што фирмата се здобила со противправна имотна корист во висина од над 5,5 милиони денари или околу 90 000 евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Спасовски ја злоупотребил својата службена положба и овозможил на станицата за технички преглед да се стекне со против правна имотна корист од 90 000 евра додека го чувал во фиока решението за затворање на станицата каде меѓу другите поминал и автобусот на Беса Транс во кој загинаа 45 луѓе во Бугарија.
Зошто Спасовски 3 месеци не го потпишувал решението за затворање на станицата и го чувал во фиока? Дали зад заштитата на Спасовски стои нешто друго?
Зошто Спасовски дури 3 дена по несреќата на Беса Транс го ставил својот потпис на решението?
Колку возила кои ја загрозиле безбедноста во сообраќајот ја поминале контролата на тој технички преглед?
Оливер Спасовски ја загрозил безбедноста на илјадници возачи низ државата. ЈО веднаш да постапи.
СДС наместо да се огради ги штити криминалците во своите редови“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Почината жена пронајдена во дупка во атарот на гостиварско Неготино: за едно осомничено лице одреден краткотраен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар во текот на ноќта изврши увид во атарот на гостиварското село Неготино, каде беше пронајдено тело на засега неидентификувано починато лице закопано во дупка.
Поради сомненија дека станува збор за жена која била претходно пријавена за исчезната со индиции дека била противправно лишена од слобода, јавниот обвинител нареди обдукција и идентификација на починатото лице и прибирање траги од лице место.
Во текот на ноќта беа преземени повеќе истражни дејствија, по што за едно осомничено лице е одредена мерка краткотраен притвор од 48 часа за обезбедување докази, додека уште едно лице е задржано и за него се вршат проверки.
По наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за целосно испитување на настанот.

