Свет
Иранскиот претседател најави нов нафтовод во близина на Оманскиот Залив

Иранскиот претседател Хасан Рухани најави отворање на првиот нафтен терминал во земјата во Оманскиот Залив, што ќе му овозможи на Техеран да избегне користење на бродската рута преку теснината Ормуз, пренесува „Спутник“.
„Ова е стратешки потег и важен чекор за Иран, кој ќе обезбеди продолжување на нашиот извоз на нафта. Денес, првата пратка од 100 тони нафта е натоварена надвор од теснината Ормуз. Ова го покажува неуспехот на американските санкции“, рече Рухани во телевизискиот говор во четвртокот осврнувајќи се на гасоводот „Горех-Јаскоил“ долг 1.000 км.
Производството на нафта во Исламската Република значително се намали во последните три години по воведувањето строги енергетски санкции од страна на САД, кои еднострано го напуштија иранскиот нуклеарен договор во 2018 година.
Рухани додаде дека Иран почнал со работа на извозниот терминал на пристаништето Бандар-е-Јаск во регионот Макран и дека извозот на нафта од Иран нема да биде запрен, дури и ако меѓународниот поморски премин еден ден се затвори алудирајќи на теснината Ормуз.
Иранскиот претседател исто така рече дека Техеран планира да извезува најмалку 1 милион барели дневно нафта од новиот цевковод на иранскиот брег на Оманскиот Залив, јужно од теснината Ормуз.
Сместена помеѓу Персискиот Залив и Оманскиот Залив, теснината Ормуз е клучен канал што производителите на нафта го користат за транспорт на сурова нафта од Блискиот Исток до пазарите во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Палестинското прашање и понатаму останува нерешено

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план за Газа на Доналд Трамп не го решава целосно израелско-палестинскиот конфликт, пренесе RT.
Тој нагласи дека Русија го оценува планот како „најдобро што моментално е на преговарачката маса“, но додаде дека „палестинското прашање со тоа не е решено“.
Лавров порача дека конечно решение би било можно само со создавање на палестинска држава во границите од 1967 година, во согласност со резолуциите на ОН, и повтори дека Москва останува посветена на решението со две држави.
Свет
Трамп: Не сум сигурен дека ќе влезам во рајот, но на многумина им го разубавив животот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е сигурен дека ќе може да влезе во рајот, но додаде дека на многумина им го направил животот подобар.
Изјавата ја даде во претседателскиот авион Air Force One. За време на летот, еден од новинарите што го придружуваа 79-годишниот претседател го праша за неговите претходни коментари кои ги дал во контекст на преговорите за мировниот договор во војната меѓу Русија и Украина.
Трамп уште во август, во емисијата „Fox and Friends“, изјави: „Ако можам да спасам 7.000 луѓе неделно, мислам дека тоа е прилично добро – сакам да се обидам да влезам во рајот, ако е можно. Слушам дека не ми оди добро. Навистина сум на дното на листата. Но ако успеам да влезам во рајот, ова ќе биде една од причините“
На прашањето дали неговите шанси се подобриле по договорот меѓу Израел и Хамас, Трамп сега одговори: „Малку се шегувам. Мислам дека ништо нема да ме одведе во рајот. Можеби не сум предодреден за тоа. Можеби сум во рајот токму сега, додека летаме со Air Force One,“ рече Трамп.
Тој повторно ја обвини администрацијата на Џо Бајден за неспособност и додаде дека војната во Украина никогаш немаше да се случи доколку изборите во 2020 година не биле наместени.
Свет
Египетскиот претседател до Израелците: Претворете го овој историски момент во нов почеток

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси ги повика Израелците моментот на потпишување на мировниот договор за Газа да го претворат во нов почеток за поправеден и помирен живот во регионот.
„Погледнете кон подобра иднина за нашите деца,“ рече Сиси по потпишувањето на договорот во Шарм ел-Шеик.
На самитот присуствуваа Доналд Трамп и бројни меѓународни претставници. Обраќајќи му се на Трамп, Сиси додаде: „Господине претседателе, нека војната во Газа биде последната војна на Блискиот Исток.“