Македонија
(Видео) Обвинителството незадоволно од ослободителната пресуда за апсењето на Љубе Бошкоски
Со ослободителната пресуда за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и припадниците на „Алфи“ се остава впечаток дека начинот на апсење на Љубе Бошкоски е дозволен и законит начин, изјави јавниот обвинител, Љубомир Лапе, кој го застапува предметот „Тортура“.
Тој тврди дека обвинението е прецизно и дека има јасни и недвосмилени докази и најави жалба на пресудата.
„Обвинението е детално и доволно прецизно. Тоа го објаснив и во завршен збор и во одговор на решението на судот за преотворање на главната расправа. Секако ќе ја обжалиме пресудата. Во модерните демократски цивилизирани општества, вакво лишување од слобода е забрането и санкционирано. Судот пропушти да ги санкционира сторителите, при јасни докази и недвосмислени докази. Ќе вложиме жалба на сите околности“, рече Лапе.
Прашан дали очекувал ослободителна пресуда во момент кога судот одлучи да ја преотвори постапката, обвинителот Лапе вели дека тоа може да се толкува како увертира.
„Може да се толкува како еден вид увертира во таквиот епилог, бидејќи странките немаа предлог за преотворање на главната расправа, судот самоиницијативно ја преотвори. На следните две рочишта не беа преземени никакви дејствија. Обвинението е прецизно“, рече Лапе.
Судијката Александра Ристеска ги ослободи ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, второобвинетиот кој е поранешен прв човек на единицата „Алфа”, Ивица Анчевски – Пуки, полициските службеници Новица Станковски, Филип Атанасов, Петар Милошевски, Јован Боцевски, Метуш Шабани во случајот „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.
Македонија
15 возачи лишени од слобода поради возење без возачка дозвола и под дејство на алкохол
Полициски службеници на целата територија на државата, во текот на вчерашниот ден, лишиле од слобода 15 возачи, од кои шест за возење под дејство на алкохол, на територија на Делчево, Кичево, Гевгелија, гевгелиско и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, пет лица се лишени од слобода затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на Скопје, Градско, светиниколско, Прилеп и неготинско. Четворица возачи пак се лишени од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа еден во Гевгелија, еден во Скопје, а двајца во тетовско. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

