Свет
Американски дипломат 14 години дрогирал и силувал жени, му се заканува доживотен затвор
Поранешен службеник на американската амбасада во Мексико се изјасни за виновен за дрогирање и сексуална злоупотреба на најмалку 23 жени во текот на изминатата деценија, пишува „Њујорк пост“.
Брајан Џефри Рејмонд од Ла Меса се изјасни за виновен по обвиненијата за сексуална злоупотреба и дистрибуција на непристоен материјал, се наведува во соопштението од Министерството за правда.
45-годишниот Рејмонд го напушти Мексико откога една жена беше пронајдена гола и бараше помош од неговата тераса на 31 мај 2020 година, според судските документи. Таа рече дека не се сеќава на настанот по замањето на пијалаците и храната што тој ѝ ги донел, пренесуваат агенциите.
За време на истрагата што следуваше агентите пронашле стотици фотографии и видеа на кои се прикажани повеќе од 20 несвесни голи или делумно голи жени на мобилните телефони на Рејмонд, се вели во соопштението.
„Раката на Рејмонд е видлива на фотографиите и видеата, како и устата, очите, рацете и нозете на неговите жртви. На тие фотографии тој ги гали по градите и задникот. Исто така, се гледа дека Рејмонд лежи во кревет со жени што се во несвест“, се наведува во соопштението.
„Жртвите се соочувале со губење на меморијата за време на престојот кај Рејмонд и не знаеле за фотографиите, видеата и физичкиот контакт“, велат официјалните лица.
За време на истрагата, ФБИ утврдила дека Рејмонд пребарувал на интернет-страници поврзани со ефектите од употребата на дрога и алкохол.
Во спогодбата за вина Рејмонд признал дека имал сексуални односи со две жртви во својата резиденција во Мексико Сити. Тој посочил и дека жртвите не биле во можност да му дадат согласност.
Тој исто така признал дека во текот на 14 години фотографирал најмалку 20 жени и дека ги допирал нивните интимни делови од телото.
Се соочува со максимална казна доживотен затвор, соопштија надлежните.
„Брајан Рејмонд ја изневери довербата што му беше укажана како вработен во американската влада бидејќи со години ги злоупотребува, експлоатира и ги снимаше жените што ги таргетира во Соединетите Американски Држави и други делови на светот“, изјави помошникот на државниот обвинител, пренесуваат агенциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лукашенко помилува 123 затвореници во замена за укинување на американските санкции
Белорускиот претседател Александар Лукашенко помилува 123 затвореници како дел од договор со САД за укинување на американските санкции поврзани со увозот на белоруски калиумови ѓубрива, познати како поташа, јавија меѓународните медиуми.
Според информациите, ослободените лица се од различни националности и биле осудени по обвиненија кои вклучуваат шпионажа, тероризам и екстремизам.
Меѓу помилуваните е и Алеш Бјалијатски, основач на белоруската организација за човекови права „Вијасна“ и добитник на Нобеловата награда за мир за 2022 година, како и две истакнати опозициски фигури – Марија Колесникова и Виктор Бабарико, потврди американската амбасада во Вилнус.
Договорот бил постигнат по дводневни преговори меѓу Лукашенко и Џон Кол, претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ројтерс.
Меѓу ослободените има и петмина украински државјани, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој му се заблагодари на Вашингтон за посредувањето.
„Началникот на военото разузнавање Кирил Буданов презентираше детали за подготовката на специјална мисија за ослободување на нашите граѓани притворени во Белорусија. Благодарение на активната улога на САД и соработката на разузнавачките служби, околу сто лица, меѓу кои и петмина Украинци, сега се слободни“, напиша Зеленски на Телеграм.
Поташата е еден од најважните извозни производи на Белорусија и клучна суровина за производство на минерални ѓубрива, а санкциите кон овој сектор беа воведени од САД поради состојбата со човековите права во земјата.
Фото: depositphotos
Свет
Мерц: Носталгијата нема да помогне, ерата на Pax Americana за Европа е во голема мера завршена
Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека ерата на американската доминација по Втората светска војна, позната како „Pax Americana“, за Европа во голема мера е завршена. и дека континентот мора да се приспособи на новата глобална реалност.
„Децениите на Pax Americana за нас во Европа, а со тоа и за Германија, во голема мера завршија. Носталгијата нема да промени ништо“, изјави Мерц, пренесува Ројтерс.
Тој нагласи дека САД сè појасно ги следат сопствените национални интереси, поради што и Европа мора да развие поголема стратешка самостојност.
Според Мерц, промените што се случуваат во меѓународните односи не се обични подеми и падови во сојузништвата, туку, како што рече, „речиси тектонски поместувања“ во глобалниот поредок.
Германскиот канцелар оцени дека Германија не мора повторно да се гради од почеток, но дека ѝ е потребна длабока модернизација, што не може да се постигне за кратко време.
Тој исто така порача дека Германија треба да создаде услови младите и иновативни луѓе да можат да се реализираат дома, без да мораат да заминуваат во Соединетите Американски Држави.
Изјавите на Мерц доаѓаат во период на засилени дипломатски напори поврзани со војната во Украина и идната улога на Европа во безбедносната архитектура, при што, според оценките на аналитичарите, Берлин настојува да заземе појасна и поавтономна позиција во однос на Вашингтон.
Фото: depositphotos
Свет
Германија домаќин на преговори за прекин на огнот во Украина
Германија викендов е домаќин на клучни дипломатски разговори за можен прекин на огнот во Украина, на кои учествуваат американски и украински делегации. Разговорите претходат на самитот што во понеделник ќе се одржи во Берлин со европски лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски, потврди германски функционер.
Од Вашингтон беше потврдено дека американскиот пратеник Стив Виткоф и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер, пристигнале во Германија, што се толкува како сигнал дека САД гледаат можност за напредок во мировниот процес.
Во понеделник, германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе биде домаќин на самит со Зеленски и европски лидери. Средбата се одржува во услови на засилен притисок врз Киев да го прифати мировниот план на Вашингтон, кој, според нацртите, вклучува територијални отстапки, откажување од членство во НАТО и ограничувања на украинските вооружени сили.
Велика Британија, Франција и Германија во изминатите недели работат на измени на американските предлози.
Фото: pexels

