Македонија
Пожарите локализирани и ставени под контрола, противпожарните служби остануваат на терен
Пожарот кај Кочани во текот на ноќта е локализиран и ставен под контрола, соопштија надлежните. На одделни места во близина на селото Тркање од рано изутринава сѐ уште се забележува чад од огнот што зафати шумски појас и нискостеблеста вегетација во пречник од десетина километри.
„По обиколката што утрово ја направивме на локациите што беа зафатени со пожарот околу Кочани и Тркање, констатиравме дека нема опасност од негово повторно ширење, но на терен и понатаму ќе останат противпожарните единици за да ја контролираат ситуацијата. Сега приоритет ќе дадеме на гаснењето на огнената стихија во атарот на планинските села Костин Дол и Новоселани, каде што гори дабова и букова шума на неколку десетици хектари. Без воздушна поддршка, таму е невозможно да се интервенира, поради што на терен веќе излегоа хеликоптерите на Армијата. Сакам да упатам благодарност до сите граѓани, особено младите од Кочани, кои синоќа беа солидарни и масовно помогнаа да се спречи катастрофа околу градот“, изјави градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Речиси 500 припадници на противпожарните единици од повеќе градови во државата, од Армијата и месно население ноќеска учествуваа во гаснењето на пожарот. Кочанци синоќа очајно се бореа со огнената стихија, која проголта куќи и други објекти. Според информациите од теренот, десетина граѓани побарале помош по вдишувањето чад додека се обидувале да ги спасат куќите и земјоделската механизација.
Според најавите од надлежните, во текот на денот ќе почне увидот на состојбата со куќите и другите објекти што беа зафатени од пожарот кај Кочани за да може општинската комисија за процена на штетите да изготви записник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Македонија
Убиство во Челопек, 78-годишна жена задушена со перница
Полицијата уапси дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек, соопшти денеска СВР Куманово. Како што наведуваат од кумановската полиција, на 12-ти февруари, осомничениот влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал и со перница ја задушил жената.
-Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б.(25) од с. Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничат дека на 12-ти февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М.С.(78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото, соопшти полицијата.
Тој се сомничи дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
СДСМ: Две недели без одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, бараме одговорност од Мицкоски
СДСМ обвинува дека и по 14 дена нема одговор од институциите за, како што велат, „најголемиот нарко-скандал во регионот“, поврзан со транспорт на пет тони дрога преку државната граница.
Од партијата посочуваат дека молчат премиерот Христијан Мицкоски, како и повеќе функционери, оценувајќи дека тоа отвора сомнежи за одговорност на власта.
„Овој гласен молк е најсилна потврда дека скандалот води до врвот на Владата“, се наведува во соопштението.
СДСМ реагира и на изјавите дека биле запленети 100 тони марихуана, оценувајќи дека доколку постоело толкаво производство, тоа претставува сериозен пропуст на институциите.
Според нив, за такво количество би била потребна површина од над 30 хектари, поради што прашуваат дали биле извршени контроли од надлежните служби, вклучително и полицијата, инспекторатите и безбедносните агенции.
Партијата дополнително прашува како пет тони дрога биле транспортирани со товарни возила покрај системите за надзор, камерите и граничните контроли.

