Црна хроника
За долг од 3.500 денари со дрвена рачка од секира се обидел да го убие својот роднина
Велешанец се обидел да го убие својот роднина за долг од 3.500 денари. Тој со дрвена рачка од секира неколкупати го удрил роднината по глава и побегнал од местото.
„ Осомничениот, на 31 јули, со умисла се обидел да го убие неговиот роднина. Тој отишол во дворот од куќата на оштетениот и помеѓу нив настанала вербална расправија околу нерасчистени должничко-доверителски односи, поради невратен долг од 3.500 денари. Притоа осомничениот го повикал оштетениот да дојде до неговиот автомобил паркиран на блиската улица. Од автомобилот извадил дрвена рачка за секира и со неа неколку пати го удрил оштетениот во пределот на главата. Од задобиените удари оштетениот паднал на земја. Му била нанесена тешка телесна повреда изразена во нагмечување на главата, крварење и крвен подлив под тврдата мозочна ципа и мозочна кома. Веднаш потоа осомничениот заминал од местото на настанот“ соопшти обвинителството.
Основниот суд му определи мерка притвор од 30 дена, поради постоење на околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците и со тоа да ја попречува истражната постапка и опасност дека ќе го повтори или доврши кривичното дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Откриен еден од убијците во Чашка, по вториот се трага – жртвата намамена, застрелана во главата и оставена покрај патот
Велешкото Обвинителство донесе Наредба за истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека бил соизвршител за убиство.
На 5 ноември, во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, осомничениот заедно со уште едно лице кое се уште не е идентификувано, го убиле велешанецот Ѓело Ѓошев.
Најпрво осомничениот го намамил и со својот автомобил го однел оштетениот на локацијата. Потоа заедно со другото лице пукале во него со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот од која жртвата починала.
Осомничениот претходно бил сторител на кривично дело разбојништво, а според дел од доказите кои веќе се обезбедени, по убиството во Чашка се обидел да ги прикрие трагите и со тоа да влијае на постапката.
Од тие причини, за јавниот обвинител јасни се опасноста од бегство, можноста за влијание на сведоците и ризикот да го повтори делото, па достави предлог за определување мерка притвор.
По наредби на јавниот обвинител МВР интензивно работи на откривање и на другиот соизвршител, како и на точните мотиви за убиството.
Црна хроника
Повеќе сообраќајни незгоди во државата – пијан велосипедист и тинејџер со мотор меѓу повредените
Во текот на 5 ноември биле регистрирани повеќе сообраќајни несреќи низ земјата, во кои четворица учесници се здобиле со тешки телесни повреди, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во Скопје, на обиколницата кај клучката Хиподром, автомобил „Фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 78-годишниот Б.В., излетал од коловозот. Возачот е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде му биле констатирани тешки повреди.
Во село Радање, општина Карбинци, 22-годишен велосипедист изгубил контрола и паднал на коловозот, при што се здобил со тешки повреди и бил пренесен во штипската Клиничка болница. Истиот ден, во село Бучим кај Радовиш, 13-годишен малолетник управувајќи мотоцикл „Хамачи“ паднал и исто така се здобил со тешки телесни повреди.
Тешка несреќа се случила и во Гевгелија, на улицата „Моински пат“, каде што автомобил „Ленд Ровер“ удрил во велосипедист. Повреден е 51-годишен жител на Гевгелија, кај кого, по извршени проверки, било утврдено присуство на 1,94 промили алкохол во крвта.
Во сите случаи полициски екипи извршиле увид, а се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите на сообраќајките.
Црна хроника
Насилство во две основни училишта во Скопје
Во текот на изминатите денови во Скопје биле пријавени два одделни инцидента во училишта, информира Министерството за внатрешни работи.
На 3 ноември, околу 8:40 часот, во основно училиште во општина Карпош, малолетно дете било физички нападнато од друг ученик. Настанот бил пријавен два дена подоцна, на 5 ноември, од страна на мајката на ученикот.
Исто така, на 4 ноември, околу 12:20 часот, во училишен двор во населбата Драчево бил нарушен јавниот ред и мир поради физичка пресметка меѓу три ученици – двајца од едната и еден од другата страна.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на двата случаи.

