Македонија
Објавени конкурсите за ученички и студентски стипендии за 2021 – 2022

Министерството за образование и наука информира дека се објавени конкурсите за доделување ученички и студентски стипендии за учебната, односно студиската 2021 – 2022 година. Во секој од конкурсите се наведени условите, критериумите, потребните документи и роковите за аплицирање, со цел остварување на правото на користење на соодветната стипендија.
МОН и Владата оваа година одлучија значително да ја променат политиката на стипендирање ученици и студенти, со цел да им се излезе во пресрет на што повеќе млади, но и да добијат зголемени месечни износи, со кои навистина ќе ја почувствуваат поддршката што државата им ја обезбедува во текот на образовниот процес.
Па, така, за повеќето од категориите ученички стипендии што се доделуваа и досега, месечните износи се зголемени за 60-ина проценти, а воедно воведени се и нови категории, од кои позначајни се оние за ученици што ќе се запишат во дуални паралелки, во дефицитарни струки или, пак, во тригодишно средно стручно образование. Исто така, зголемени се и месечните износи на поголем дел од студентските стипендии, некои од нив и за повеќе од 80 %.
Од оваа година постапката за аплицирање за стипендија е дигитализирана преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk, со што значително се поедноставува начинот на остварување на правото. Учениците и студентите што немаат можност да аплицираат електронски пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација според соодветниот конкурс во Министерството за образование и наука.
МОН обезбедува поддршка при аплицирањето за секој заинтересиран кандидат, кој ги исполнува условите за одредена категорија стипендии преку Секторот за ученички и студентски стандард, потенцираат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Партијата за движење на Турците: Неопходно е континуирано усовршување на Охридскиот рамковен договор

Денес одбележуваме значајна годишнина од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, документ кој претставува темел за градење на соживот, еднаквост и меѓуетничка хармонија во нашата држава. Овој договор е исклучително важен за унапредување на меѓуетничките односи и останува еден од клучните столбови на демократијата во Република Северна Македонија, велат од Партијата за движење на Турците – ТХП.
Од таму велат дека го поздравуваат, како што велат, историското значење на Охридскиот рамковен договор, кој поставил основа за инклузивно општество и за зајакнување на правата на сите заедници.
„Сепак, сметаме дека е неопходно континуирано усовршување на неговата имплементација, со цел целосно остварување на неговите принципи. Посебно внимание треба да се посвети на помалку бројните заедници, кои мора да бидат рамноправно вклучени во сите општествени процеси и да ги почувствуваат конкретните придобивки од овој договор.
Понатаму, нагласуваме дека за целосно остварување на демократските принципи на Охридскиот рамковен договор, постои потреба од воведување на подемократски изборен модел. Ваков модел би овозможил посилна и поправична застапеност на сите заедници, особено на помалку бројните, во демократските процеси, зајакнувајќи ја довербата во институциите и промовирајќи вистинска еднаквост.
Веруваме дека само преку заеднички напори, дијалог и посветеност на сите чинители во општеството можеме да изградиме држава во која секој граѓанин, без оглед на етничката припадност, ќе се чувствува рамноправен и вреднуван. ТХП останува посветена на промовирање на овие вредности и на поддршка на политиките што водат кон целосна реализација на духот на Охридскиот рамковен договор. Нека оваа годишнина биде потсетник за важноста на единството, солидарноста и заедничката работа за подобра иднина за сите“, велат од ТХП.
Македонија
Бесплатни униформи за сите основци и ранци со училишен прибор за сите првачиња во Општина Центар

Учениците во сите општински основни училишта на територија на Центар, учебната 2025-2026 година ќе ја почнат во училишни униформи коишто за првпат се воведуваат, а сите запишани првачиња ќе добијат и ранчиња со училишен прибор.
„Приближно 4.700 ученици, од прво до деветто одделение од центарските училишта годинава ја почнуваат со униформи кои ќе бидат бесплатни за децата. Со овој чекор ги подобруваме условите во училиштата и вложуваме во поквалитетно образование. Покрај воведувањето на униформи, но и бесплатни ранчиња со училишен прибор за првачињата, исто така ги подобруваме условите и преку реконструкција на училиштата. Во тек е реновирање на трите општински основни училишта „11 Октомври“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Миладинов“ за да им овозможиме на учениците подобра настава“, вели градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.
Македонија
ДУИ: Чаир не смее да се врати во рацете на човекот кој за 20 години ја претвори општината во приватна фирма за лично богатење

Чаир не смее да се врати во рацете на човекот кој за 20 години ја претвори општината во приватна фирма за лично богатење. Граѓаните на Чаир добро знаат кој е Изет Меџити и неговиот послушник Висар Ганиу. Знаат дека за време на нивните мандати, општината стана синоним за криминал, корупција и целосен хаос, обвинија од ДУИ.
„Знаат дека наместо да живее меѓу луѓето за кои наводно се грижи, тој удобно живее во Бутел, а Чаир го гледа само како поле за лични бизниси и брзи пари.
Меџити треба да одговори колку милиони евра влегле во нивните џебови од оваа корупција со градењето на диво?
И дали со тие пари Меџити планира да се обиде да прави поткуп за изборите што секако нема да го спаси.
Меџити на овие избори не се бори за чаир и граѓаните туку за својот сопствен бизнис интерес.
Ако имаше интерес за граѓаните во изминатите 20 години ќе направеше нешто.
За време на неговото владеење, од дивоградби и сомнителни легализации криминално беа украдени 225 милиони евра.
Ниту еден голем инфраструктурен проект, ниту едно трајно решение за проблемите на граѓаните – само згради, бизниси и договори за неговата мрежа на луѓе.
Затоа Меџитит знае дека нема поддршка од Албанците и мора понижено да ја бара раката на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
Седнат во скут на Мицкоски, се надева дека со платената пропаганда на вмровските портали ќе го спасат од пораз.
Но Чаир не заборава, а чаирчани нема да дозоволат со парите стекнати преку криминал Изет да го поништи нивниот глас. Ни со украдените милиони нема да ја избрише вистината за неговите 20 години уништување на општината.
Граѓаните на Чаир заслужуваат да живеат во општина без хаос, без корупција и без луѓе кои ја гледаат општината само како банкомат за лични интереси. На 19 октомври, време е за крај на ерата на дивоградби, криминал и уцени“, се наведува во соопштението.