Топ
Татко си ја малтретирал својата ќерка, ја удирал со тупаници и ѝ се заканувал на сопругата дека ќе ја убие

38-годишен жител од Брвеница, татко и сопруг, е осомничен за малтретирање на својата ќерка и за семејно насилство над блиски членови на семејството.
Јавен обвинител од Обвинителството во Тетово донесе наредба за спроведување истражна постапка против 38-годишен жител на Брвеница за кого постои основано сомнение дека ги сторил кривичните дела – запуштање и малтретирање дете од член 201 став 1 и загрозување на сигурноста од член 144 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 2 август, во семејната куќа во Брвеница, со грубо запоставување на своите должности за грижа и воспитување, осомничениот ја малтретирал својата малолетна ќерка, родена 2011 година, им ја загрозил сигурноста на својата сопруга и на својот татко заканувајќи им се дека ќе посегне врз нивниот живот.
Во вечерните часови тој пристигнал во домот во алкохолизирана состојба и иако со решение на Основниот суд Тетово му биле изречени повеќе забрани да не ги вознемирува домашните и не да врши семејно насилство, тој најпрвин почнал да ѝ се заканува на сопругата дека ќе ја убие. Девојчето побарало од осомничениот да не ја вознемирува мајката. Тогаш тој грубо ја фатил ќерката за десната рака, ѝ ги свиткал прстите и почнал да ѝ удира шлаканици нанесувајќи ѝ физички повреди, болка и страдање. Мајката се обидела да ја одбрани ќерката, но тој ја удрил со тупаница.
Во собата влегол таткото на осомничениот, кој побарал од синот да не прави проблеми. Во тој момент осомничениот од џебот извадил два скалпела, го фатил за коса својот татко и ставајќи му го скалпелот на вратот, му се заканил дека ќе го убие. Потоа го пуштил, а со скалпелите продолжил да им се заканува на домашните со зборовите: „Вечерва ќе има крв“.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена, соопштија надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Руте: Русија би можела да не нападне во рок од пет години

Русија би можела да започне напад врз НАТО во рок од пет години, предупреди шефот на воената алијанса, Марк Руте, пренесуваат медиумите во регионот.
Во својот говор, тој предупреди дека „веќе нема Исток или Запад“ со оглед на брзината и моќта на руските ракети.
„Да не се лажеме, сите сме на источното крило. Нема Исток или Запад, постои само НАТО. Растојанието помеѓу европските престолнини е само неколку минути“, рече тој, осврнувајќи се на брзината на руските ракети.
Тој нагласи дека заканата „нема да исчезне кога ќе заврши војната во Украина“, повикувајќи ги членките на алијансата да ги зголемат трошоците за одбрана. Тој ги повика земјите-членки да ги зголемат трошоците за воздушна и ракетна одбрана. Тој се согласи со барањето на американскиот претседател Доналд Трамп секоја земја-членка мора да издвои минимум пет проценти од БДП за одбрана.
На прашањето кој е главната закана Руте рече дека секој напад врз НАТО би имал „разорни последици“.
„Смртно сериозни сме дека ако некој се обиде да нè нападне, последиците за него ќе бидат разорни, без разлика дали е тоа Русија или некој друг“, рече тој.
„Не станува збор само за пари и оружје, туку и за менталитет. Свесни сме дека тука многу работи се во прашање. Луѓето кои се обидуваат да дејствуваат против нас мора да го разберат тоа“, додаде тој.
На прашањето дали главната закана за НАТО е Русија или Кина, тој одговори: „Главната долгорочна закана за НАТО е Русија. Нема сомнение за тоа. Но, има повеќе од Русија. НАТО никогаш не е основан само за да се бори против Советскиот Сојуз. Станува збор за заштита на НАТО од секој што сака да нè нападне. Она што го гледате во Кина е огромно зголемување на нивната војска.“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека НАТО е „инструмент на агресија и конфликт“.
„НАТО, откако ја симна маската, го покажува своето вистинско лице како инструмент на агресија и конфликт на секој можен начин“, рече Песков на редовниот брифинг за медиумите.
Македонија
(Видео) Тренчевска: Хаосот во здравството не може да го среди министер информатичар

Владата, наместо да гради систем што треба да се грижи за здравјето на граѓаните, создава систем што го става во ризик животот на луѓето, систем кој убива. И овој хаос треба да го среди новиот министер за здравство – Азир Алиу, кој е професионалец во информатиката, но не и во здравството.
Хаосот во здравството не може да го среди министер информатичар. Алиу нема никакво претходно искуство во здравството, и додека да се запознае со областа во која влегува, најверојатно и него ќе го сменат или сам ќе си отиде. И повторно нема да е криво ВМРО-ДПМНЕ, туку ќе бидат криви коалиционите партнери затоа што дале такви кандидати, рече пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница.
Тренчевска се осврна на, како што рече, сите пропусти на оваа влада, потсетувајќи и на вчерашната прослава, 34 години од постоењето на Унијата на млади сили на ДПМНЕ, со скандалозно шоу од пиротехнички средства, на неполни три месеци од пожарот во Кочани.
„Како паметот да не им доаѓа, или намерата беше да се испрати јасна порака дека сè им е дозволено. Цехот ќе си го носат родителите, сестрите, браќата, фамилијата, роднините, пријателите, граѓаните, а тие ќе си тераат како сакаат и ќе отвораат телефонски линии за да покажат некаква божемски грижа. Од финансиската поддршка, ништо не обезбедија. Обезбедија граѓаните и компаниите со донации, а на ДПМНЕ им остана фалбата и лажниот ПР, рече Тренчевска.
Таа потсети дека имаме влада која, заради својата неспособност, се соочи со најголемата трагедија во историјата на независна Македонија – кочанската трагедија, каде што згаснаа 62 млади животи, а 200 се повредени.
Влада која не знае како да се справи со здравствените предизвици. Токму во контекст на оваа трагедија, таа, додаде Тренчевска, не прифаќа понудени законски решенија од опозицијата, со кои се нуди вистинска и реална поддршка и помош, потенцираше Тренчевска.
Таа потенцираше дека во моментов ја имаме најнеспособната влада од осамостојувањето на Македонија до денес, која го донесе здравството до степен на „тежок пациент“ на кој му нема спас.
„Секој сектор од здравството е метастазиран од неспособноста и негрижата на власта, а граѓаните го плаќаат цехот со сопственото здравје“.
Македонија
Aлиу нов министер за здравство

Попладнево пратениците во Собранието го избраа Азир Алиу за нов министер за здравство.
Алиу кој доаѓа од редовите на коалицијата „Вреди“ беше избран од присутните 95 пратеници, при што 65 гласаа „за“ Алиу, а 15 беа „против“. Тој доаѓа на местото на Арбен Таравари кој ја напушти Владата и коалицијата.
Алиу според неговата биографија е дипломиран електроинженер и доктор по компјутерски науки, кој моментално ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при факултетот во Тетово.