Европа
(Видео) Големи пожари во Грција, силните ветрови го шират огнот, населението се евакуира
Во грчката област Атика беснее голем пожар, а гори и во Евија, Илија и Месинија.
Утрово, во раните утрински часови, жителите на Капандрити, Полидендрија и областите Агиос Стефанос, Пефкофито и на населбата Понтија добиле порака да ги напуштат своите домови, пренесува грчки „Етнос“.
Во четвртокот, околу 23 часот, жителите почнаа да ги напуштаат Агиос Стефанос, Капандрити и Полидендри.
Сите напори се оперативно насочени да се спречи ширењето кон високонапонскиот центар во Агиос Стефанос, кој, како што пренесуваат медиумите, е загрозен и кој ги снабдува Атика и Кикладите со електрична енергија. Според пишувањата, доколку огнот го зафати овој центар, тоа би значело непроценлива катастрофа.
Како што нагласи премиерот на Грција, Мицотакис, во своето итно обраќање, „тешкотиите се пред нас и ноќта е закана“, а во исто време објави прогласување вонредна состојба во шест региони, вклучувајќи ја и Атика.
Непосредно пред полноќ почна евакуацијата со брод на жителите на загрозените села во Евија.
Големиот пожар што гори во Евија од вторникот сѐ уште не е под контрола, а според последните информации, пламенот стигнува до селата Скепасти и Куркули. Агонијата трае и во селата Амелантес и Керамеја.
Градоначалникот Мантуди рече дека 25 села се евакуирани и дека огнот гори веќе три дена. Како што беше речено, сите села свртени кон Егејското Море беа изгорени. Пожарот, поради ветровите, се движи со голема брзина и силите на противпожарните бригади и пешадиските единици вложуваат големи напори да го држат пламенот подалеку од куќите.
Исто така, е наредена евакуација на три населени места лоцирани во Аркадија поради големиот пожар што гори од средата во Месинија. Тоа се населбите Васта, Исарис и Чранои.
Во вонредното обраќање до граѓаните премиерот Мицотакис предупреди за тешките часови што доаѓаат во текот на ноќта поради катастрофалните пожари што беснеат во земјата, особено во областите Атика, Евија и Илија.
Тој упати важна порака до граѓаните нагласувајќи дека „сите мора да останат обединети“. Исто така, Мицотакис објави дека заедно со Цивилната заштита е направен план за итни ситуации во шест региони, вклучувајќи ја и Атика.
Мерките што ќе бидат во сила до понеделник, 9 август, забрануваат движење, поминување или престој во шуми, национални паркови и природни области на целата земја.
Во исто време, сите активности или дејства што може да предизвикаат пожар се забранети. За секој прекршок, освен сериозни кривични санкции, предвидени се глоби од 1.000 до 10.000 евра.
Силниот ветер вчера ги прошири шумските пожари северно од Атина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украинците првпат објавија фотографии: Ова е новата ракета на Путин
Објавени се фотографии од остатоците од новата експериментална руска ракета, која беше пробно лансирана во четвртокот погодувајќи фабрика во Украина.
Украинските власти во четвртокот известија дека фабрика во централниот украински град Днепар била погодена од балистичка ракета со среден дострел. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека лансиорањето на експерименталната ракета „Орешник“ е одговор на употребата на американски и британски ракети, кои се способни да погодат подлабоко во руска територија.
Украинската безбедносна служба вчера на новинарите им ги покажа остатоците од новата експериментална балистичка ракета. Ракетата наречена „Орешник“ (на руски значи лешник), наводно е базирана на интерконтиненталната балистичка ракета „РС-26“, „Рубеж“, и може да носи нуклеарни или конвенционални бојни глави.
Остатоците, кои сè уште не се детаљно анализирани, открија јагленосани остатоци и уништени компоненти. Според безбедносните службеници, деловите им биле прикажани на медиумите пред истражителите да ги извлечат на непозната локација во Украина.
Европа
Се состануваат министрите за одбрана на Германија, Франција, Полска, Италија и Велика Британија
Министрите за одбрана на Германија, Франција, Полска, Италија и Обединетото Кралство денеска во Берлин разговараат за мерките за зајакнување на безбедноста и одбраната во Европа.
Руското истрелување на нова ракета со среден дострел кон Украина, за која се смета дека има импликации за цела Европа, најверојатно ќе биде главна тема на разговор.
Германецот Борис Писториус, Французинот Себастиен Лекорну, Британецот Џон Хили, Полјакот Владислав Косињак-Камиш и Италијанецот Гвидо Кросето исто така се состануваат пред враќањето на критичарот на НАТО, Доналд Трамп на функцијата претседател на САД.
Трамп, кој треба да биде инаугуриран на 20 јануари, побара од Европа да инвестира значително повеќе пари во сопствената безбедност и се очекува да ја намали воената помош за Украина.
По неодамнешното одобрение од Вашингтон, Украина почна да ги користи ракетите ATACMS од САД и британските крстосувачки ракети Storm Shadow за гаѓање воени локации во Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин потоа нареди ракетен напад врз украинскиот град Днепар, кој има повеќе од еден милион жители, со нова ракета со среден дострел во четвртокот наутро.
Тој рече дека новата ракета Орешник е единствена и ќе оди во масовно производство. Москва вели дека проектилот лета со хиперсонична брзина, што го оневозможува пресретнувањето на противвоздушните системи. Експертите претпоставуваат дека проектилот технички би можел да биде опремен со нуклеарни боеви глави.
Европа
(Видео) Пожар во фабрика за воена опрема во Русија
Украински беспилотни летала ја нападнаа фабриката „Тајфун“, дел од рускиот воено-индустриски комплекс, во градот Калуга објави Андриј Коваленко, раководител на Центарот за борба против дезинформации на Советот за национална безбедност и одбрана.
Коваленко вели дека фабриката произведува комуникациски системи, електронска разузнавачка и радарска опрема и прави компоненти за системи за надзор и наведување за воена опрема.
In Kaluga, the Typhoon factory, which is part of the russian military-industrial complex TsPD, was also attacked
This plant is engaged in:
— Development and production of radio-electronic equipment
— Production of components for surveillance and control systems installed on… pic.twitter.com/m35xdilDsk
— Jürgen Nauditt 🇩🇪🇺🇦 (@jurgen_nauditt) November 25, 2024
„Тајфун“, исто така, произведува делови за системи за противвоздушна одбрана, авиони и ракетни системи и одржува опрема за руската војска.
Фабриката произведува и специјализирана опрема потребна за интеграција на различни воени системи.
Руските канали на Телеграм пишуваат дека беспилотните летала биле соборени во Калуга ноќта меѓу 24 и 25 ноември. Гувернерот на руската област Калуга изјави дека остатоците од едно од беспилотните летала паднале на подрачјето на индустриско претпријатие и предизвикале пожар.