Македонија
(Видео) Пендаровски: Да се оттргнеме од летаргијата, демотивираноста и да отвориме нови перспективи за младите
Денеска беше промовиран проектот „Младихаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите“, којшто по повод 12 август, Меѓународниот ден на младите, се одржа во кабинетот на претседателот на државата.
Посочувајќи дека целта на денешниот настан е да се поврзат работодавачи и млади лица кои се во потрага по можности за кариерен развој, претседателот Пендаровски изрази уверување дека проектот ќе придонесе за професионален развој и економска независност на младите преку одржлив систем за градење вештини и компетенции, прилагодени на потребите на пазарот на трудот.
„Успехот на предвидените активности секако зависи и од тоа колку младите ќе бидат проактивни, трагајќи по можности за стекнување знаење и вештини, но и од тоа колку корпоративниот сектор и граѓанските организации ќе ја препознаат оваа добра можност и ќе се здобијат со вреден човечки капитал со потенцијал соодветно да одговори на нивните потреби и барања“, рече претседателот Пендаровски.
Проектот го спроведува Националниот младински совет на Македонија и Младинската група, а е поддржан од британската амбасада во Скопје и од кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија.
„Апсолутно сум убеден дека со заеднички напори на сите надлежни општествени субјекти можеме да помогнеме во отворањето нови можности и создавањето позитивна атмосфера, со цел младите да станат активен дел од важните општествени процеси. Заеднички да се обидеме да се оттргнеме од летаргијата, апатијата, демотивираноста и да отвориме нови перспективи, простор за нови идеи преку кои ќе ја канализираме младинската енергија“, додаде претседателот Пендаровски во обраќањето.
На настанот учествуваа околу 20 претставници од компании вклучени во програмата за практикантство во рамки на проектот Младихаб и околу 30 млади лица.
„Преку нашиот проект со канцеларијата на претседателот и Националниот младински совет ќе се обучуваат и менторираат млади луѓе како да основаат свои бизниси и ќе соработуваат со приватниот сектор и граѓанското општество за создавање партнерства. Овие партнерства ќе создадат можности за младите луѓе да стекнат корисно работно искуство од компаниите и граѓанското општество“, рече Доминик Отвеј, вршител на должност во британската амбасада во Скопје.
„Сè уште посветени на нашата мисија и водени од фактот што еден од најчестите предизвици при вработување за младите е недостигот на работно искуство, оваа година работиме на градење компетенции на младите. Проектот опфаќа практикантство, менторство, обуки за претприемништво и канцеларии во повеќе градови со цел да ги доближиме програмите за вработување, обука и дообука на младите“, заклучи Марија Крстевска, претседателка на Националниот младински совет на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со Ли Јиан, генерален директор за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина.
Посакувајќи му добредојде во законодавниот дом од името на пратениците, претседателот Гаши истакна дека и покрај географската оддалеченост, билатералните односи остануваат срдечни и продолжуваат да се развиваат во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка.
Тој ја повтори посветеноста на државата на принципот на „Една Кина“, односно признавањето на Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на кинескиот народ и признавањето на Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија.
Понатаму, претседателот Гаши информираше дека парламентарното мнозинство останува цврсто фокусирано на реализација на клучните стратешки цели кои се непроменети од нашето осамостојување, односно напредок кон отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија.
Двајцата соговорници се сложија дека иако соработката на билатерално ниво дава опипливи резултати во широк спектар на сектори – има простор за продлабочување на односите во областа на туризмот, културата и трговската размена. Беше нагласен и континуираниот придонес на Кинеската амбасада во Скопје за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.
Исто така, беше потенцирано дека Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, која се формира во Собранието во сите досегашни мандати, е форум за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски и размена на мислења за сите аспекти на законодавната работа меѓу меѓу двете држави.
Генералниот директор за европски прашања му врачи на претстедателот Гаши честитка од неговиот хомолог, Џао Леџи, претседател на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.
Македонија
Пуштена за сообраќај клучката на автопатот Охрид-Кичево, кај селото Подмољје
СВР Охрид ја известува јавноста дека од денеска, во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмољје, општина Дебрца.
Со тоа, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга , Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
„Апелираме до возачите на патнички и други моторни возила, при користење на овој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи како и и другата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.

