Спорт
Волонтерка во Токио му позајми пари за такси, тој освои злато на 110 метри со пречки

Неверојатна приказна доаѓа по неодамна завршените Олимписки игри во Токио.
Јамајчанецот Хенсл Парчмант освои злато на трката на 110 метри со пречки и го изненади фаворитот Грент Холовеј. Но, малку недостигало тој воопшто да не успее да стигне пред почетокот на трката.
На денот на финалето 31-годишниот атлетичар влегол во погрешен автобус, па наместо на атлетскиот стадион, завршил во пливачкиот центар.
Побарал помош, ама официјалните лица му рекле дека единствена опција е да се врати во олимпиското село и од таму да седне во вистинскиот автобус. Таквата опција на атлетичарот немала да му остави доволно време за подготовка пред трката. Стигнала ненадејна помош.
Every Jamaican knows that gratitude is a must. @ParchmentHansle demonstrates that perfectly here.
Video credit: @ParchmentHansle #Gratitude #Jamaica ?? pic.twitter.com/EWYfvbOSvn
— Andrew Holness (@AndrewHolnessJM) August 7, 2021
25-годишната волонтерка во Токио, извесна Тијана Стојковиќ, му дала на Јамајчанецот пари за такси за да отиде директно на стадионот. Благодарение на тоа, тој стигнал на време, се подготвил и го освоил златото на трката.
Потоа ја пронашол Тијана и ѝ се заблагодарил за помошта.
Два дена по трката, Парчмант на „Твитер“ објавил видео од средбата со волонтерката, кое го споделил и премиерот на Јамајка.
Владата на Јамајка ја повика Тијана Стојковиќ да биде гостин во нивната земја. Непознато е дали ја прифатила понудата, но таа на „Инстаграм“ објави фотографија со маицата што ѝ ја подари атлетичарот.
View this post on Instagram
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Челзи гледа кон Сергеј Милинковиќ-Савиќ

Италијанскиот „Кориере дело спорт“ денес објави бомбастична информација – Челзи сака да го доведе Сергеј Милинковиќ-Савиќ како слободен играч.
Според овој извор, Челзи сака да ја зголеми конкуренцијата во средниот ред, а Сергеј, кој станува слободен на лето, е сериозна мета.
И во минатото Челзи покажуваше интерес за Сергеј, но Србинот секогаш остануваше во Рим и на крајот го избра – Ал Хилал.
Сега ситуацијата е поинаква, клубот за Сергеј не мора да плати обесштетување.
Србинот се поврзува и со Јувентус во последните недели, но клубот од Торино досега не повлекол конкретни потези.
Да ве потсетиме дека Сергеј пристигна во Ал Хилал во летото 2023 година за 40.000.000 евра, а одигра 102 натпревари за клубот од Саудиска Арабија со учинок од 30 гола и 26 асистенции.
Спорт
Осумгодишната сноубордерка од Карпош, Нина Неделковска, е поканета да тренира во Австрија

Пред само две години малкумина знаеја дека во Македонија расте мала, но бестрашна сноубордерка. Денес, осумгодишната Нина Неделковска веќе е име што се спомнува со восхит на снежните патеки во регионот. Малечка на години, но голема во духот – таа со храброст, труд и истрајност покажува дека кога желбата е доволно силна, детскиот сон може да стане реалност.

На само шест години првпат застана на сноуборд
Нина е ученичка во трето одделение во ОУ „Војдан Чернодрински“ во Карпош и на шест години првпат застана на сноуборд. Нејзиниот талент прв го препозна легендарниот, сега веќе починат тренер, Дане Гегој, кој ја прифати да тренира и покрај тоа што беше најмлада. Токму тој ја насочи кон професионалниот спортски пат и ја научи дека успехот не доаѓа преку ноќ – туку преку љубов, посветеност и многу падови што ја прават посилна.
Како член на српскиот клуб „ММ ски“, Нина во изминатите две сезони (2023/2024 и 2024/2025) редеше медали во повеќе дисциплини – BA, SS, SL и GS и се закити со титулата најмлад државен првак на Република Србија.

Нина во изминатите две сезони редеше медали во повеќе дисциплини
Со своите настапи на натпревари таа успеа да се издвои меѓу конкурентите постари од неа и да покаже дека иднината на сноубордот во регионот има ново лице.
Нејзините зимски тренинзи се одвиваат на Копаоник под будното око на селекторот Филип Филиповиќ, а летните подготовки најчесто се одвиваат на глечери или во хали со вештачки снег.
Семејството е нејзина најголема поддршка – секој тренинг, секое патување и секој натпревар се заедничка победа.

Можност да тренираат во Австрија добиваат само најперспективните млади сноубордери во Европа
Оваа година нејзината приказна добива ново возбудливо поглавје. Нина е поканета да тренира во Австрија во рамките на престижната програма NASH (Next Austrian Snowboard Hero) – можност што ја добиваат само најперспективните млади сноубордери во Европа. Таму ќе тренира со врвни тренери и ќе има шанса да ги усоврши техниките што ја одвојуваат од своите врсници.
Со срце полно со љубов кон спортот, со насмевка и став на вистински борец, Нина веќе ја инспирира својата генерација. Таа е доказ дека возраста не е пречка за големи соништа и дека македонските деца може да блеснат и на меѓународната сцена – ако веруваат, работат и не се откажуваат.
Спорт
Го декласира европскиот првак Фенербахче па од Дубаи доби нов договор

Кошаркарскиот клуб Дубаи објави дека го продолжил договорот со главниот тренер Јурица Големац до 2028 година.
Големац се приклучи на Дубаи по основањето на клубот, во летото 2024 година.
Словенецот е клучна фигура во брзиот подем на клубот, кој импресионираше во дебитантската сезона во АБА лигата, а потоа обезбеди билет за Евролигата. Дубаи ја заврши регуларната сезона во АБА лигата со резултат 25-5, а потоа стигна до полуфиналето од плејофот.
Оваа сезона, Дубаи моментално има скор од 2-2 во Евролигата, со победи против Партизан и Фенербахче.
Богата 17-годишна кариера на поранешниот словенечки репрезентативец заврши во 2013 година, а тој играше, меѓу другите тимови, за Крка, Задар, Алба, Панатинаикос, Роман Виртус, Хапоел од Ерусалим, Цибона, Ефес и Унион Олимпија.
Како играч, тој беше шампион на АБА лигата во 2002 година со Олимпија, двапати шампион на Словенија, еднаш на Турција и трипати победник на Купот на Словенија.
По пензионирањето, Големац работеше прво две години во Цибона како асистент, а потоа ги водеше Тајфун, Копер, Цедевита Олимпија и Хапоел Елијат. Тој беше и асистент во репрезентацијата на Грузија.
Тој ја освои АБА2 лигата со Копер во 2019 година, додека со Цедевита Олимпија освои 12 трофеи во домашните натпреварувања за околу четири години.
Дубаи ќе биде домаќин на Барселона во петтото коло од Евролигата, во четврток од 18 часот.
Фото/ АБА лига