Македонија
Се отвора модуларната болница во Скопје, каде што ќе се препраќаат пациенти од Струга, Гостивар и Тетово

Во Струга, Гостивар и Тетово има најголем наплив на пациенти заразени со коронавирус. Таму капацитетите се исполнети, а пациентите кои ќе треба да се хоспитализираат ќе се препраќаат во Скопје. Министерот за здравство, Венко Филипче, соопшти дека се отвора и модуларната болница до Инфективната клиника.
„Расте бројот на новодијагностицирани. Во Тетово се хоспитализирани 90 пациенти, во Гостивар се 70 пациенти. Болницата во Лешок е исто така наполнета со пациенти. Утрово направивме и координација каде да се препраќаат пациентите. Од денеска со работа ќе почне модуларната болница до Инфективната клиника, инфективното одделение на ‘8 Септември’, три тријажни центри. Направен е распоред на лекарите. И покрај тоа што дел се на одмор, има доволен број на кадар“, рече Филипче.
Има голем број пациенти каде има и помал број на вакцинирани, рече Филипче, по што посочи дека во Охрид, Битола, Штип нема пациенти заболени од корона во болниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Манасиевски: Срамна одлука на судот, газдата на Марковски компани наместо во затворски притвор, доби куќен притвор

Срамна одлука на судот, газдата на Марковски компани со стотици милиони местени тендери во РЕК наместо во затворски притвор, доби куќен притвор, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Газдата на Марковски компани е фатен инфлагранти како испумпува пари од РЕК со документи и докази е заштитен од судот на СДС и ДУИ. Газдата на Марковски компани кој е близок до Заев и Филипче наплатил по 16.000 денари за час ископ со машини во РЕК. Криминалот кој траел со години и кој заврши со испумпување на над 200 милиони евра од тендери од РЕК и ЕСМ сега е на пат да биде амнестиран. Нема да дозволиме судството на СДС и ДУИ да ги ослободува криминалците кои ја украдоа државата. Газдата на Марковски компани мора да каже каде завршија милиони евра од тендерите, дали крајна дестинација биле фирми на Заеви во Бугарија и Дубаи, дали со тие пари е финансирана СДС и дали со тие пари се купувани други бизниси на Заеви?“, рече тој.
Манасиевски најави дека во наредните неколку денови ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со објавување на, како што кажа, криминалите на Марковски компани, за целата јавност да се запознае како е ограбувана Македонија.
Македонија
Поликлиника во Расадник со пари од унгарскиот кредит најавија Ѓорѓиевски и Стаменкоска-Трајкоска

По триесет години празни ветувања, поликлиниката во Расадник станува реалност, кажаа денес актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО – ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и кандидатката за негова наследничка во Општината од ВМРО – ДПМНЕ, Бети Стаменкоска-Трајкоска.
„Овде зад нас обезбедивме градежна парцела за изградба на новата поликлиника, а целосно е изработен и основниот проект според кој новата зграда ќе се простира на . Објектот ќе биде лоциран токму на оваа локација, зад нас, зад постојниот паркинг во Расадник на централна и достапна локација за сите наши жители. Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари. На катот ќе биде интерна медицина, кожно, гинекологија, ординација за уво нос и грло заедно со административни простории“, рече Ѓорѓиевски.

Поликлиниката ќе биде на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат, рече Ѓорѓиевски
Парите за изградба на поликлиниката во Расадник ги обезбеди Владата. Заменик – министерот за здравство, Јовица Андовски, вели дека ќе биде објектот ќе биде сличен со неколкуте објекти што ги најавија изминативе месеци.
„Проектот ќе биде сличен како оној во Бутел што го потпишавме договорот, како што се изгради во Илинден, во Зелениково сме во завршна фаза со градење на поликлиника. Парите се обезбедени од Владата, односно од унгарскиот кредит. Сметаме дека е многу значајно граѓаните да имаат здравствена заштита поблиску до нивните домови. Со тоа нема да мораат да одат во другите општини за да го остварат правото на здравствена заштита“, рече заменик-министерот Андовски.
Стаменкоска – Трајкоска на граѓаните на Кисела Вода им вети дека ќе одржи континуитет на промените што се случуваа во изминатите четири години. Ќе изгради пешачко – велосипедска обиколка на Кисела Вода, ќе работи на проекти за здрава животна средина, на проекти за квалитетно образование, реконструкција на училишта и ќе ги продолжи сите почнати проекти.
Македонија
Алиу-Кузмановска по повод Европскиот викенд на органодонорство: Дарувањето орган е надеж за пациентите

Министерот за здравство, Азир Алиу и заменик министерот, Јовица Андовски, учествуваа на работна средба по повод одбележување европски викенд на органодонорство, во организација на националниот координатор за трансплантација, Билјана Кузмановска и директорите на универзитетските клиники за дигестивна хирургија, Костовски, на урологија Шабани и на нефрологија Ѓорѓиевски.
– Континуирано сме посветени на унапредување на оваа дејност и стручно доусовршување на тимовите за трансплантација. Изминатиот период, седум доктори хирурзи и специјалист-нефролог беа упатени на обука во Република Турција за трансплантација на бубрези. Во сегментот на трансплантација на црн дроб, двајца хирурзи се едуцирани во Турција за трансплантација од жив донор. Само од почетокот на годинава досега, тимовите за трансплантација кои работат исклучително посветено и пожртвувано, извршија трансплантација на бубрези кај шест пациенти од починат донор, две трансплантации на црн дроб од починат донор, како и експлантации на коски и лигаменти, истакна министерот Алиу.
Одбележувањето на европскиот викенд на органодонорство е на иницијативна на Европската комисија со цел подигнување на јавната свесност за важноста на овој чин кој спасува човечки животи.
– Дарувањето орган претставува највозвишен акт на хуманост и солидарност, а воедно е надеж за пациентите – светлото на крајот од тунелот што им го спасува и продолжува животот. Нашата тенденција е што е можно почесто да зборуваме за органодонорството како исклучително значајна медицинска и општествена тема, рече министерот Алиу.
На денешната средба по повод одбележување на Европскиот ден на органодонорство – ден посветен на хуманоста, солидарноста и надежта, Кузмановска упати искрена благодарност до сите дарители и нивните семејства, кои дури и во моменти на најголема болка, донеле храбра одлука да подарат живот.
-Органодонорството претставува еден од највисоките изрази на човечка добрина — чин со кој се спасуваат животи и се дава втора шанса, истакна Кузмановска.
Директорот на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, Огнен Костовски информираше дека клиниката има направено голем исчекор во трансплантациите на црн дроб, кои се едни од најсложените трансплантации и претставуваат голем предизвик за медицинските тимови.
Башким Шабани, директор на Клиниката за урологија се осврна на унапредување на новиот Центар за трансплантација, кој е целосно реновиран, како и на континуираното зголемување на бројот на тимовите кои ја вршат трансплантацијата.
Исто така, директорот на Клиниката за нефрологија, Никола Ѓорѓиевски укажа на важноста на органодонорството, посебно за лицата со бубрежна болест, што претставува најдобар метод за нивно лекување.