Култура
„Мојот маж“ на Југословенскиот драмски театар од Белград на „Охридско лето“
Претпоследната вечер од годинешното 61. издание на фестивалот „Охридско лето“ е резервирана за Југословенскиот драмски театар од Белград, Република Србија и тетарската претстава „Мојот маж“ од Румена Бужаровска, во режија на Јована Томиќ.
На сцената „Долни Сарај“ од 21 часот ќе играат српските актерки Jована Беловиќ и Сања Mарковиќ.
Румена Бужаровска во збирката раскази „Мојот маж“ создава портрети на различни жени, а поентата на нивната поврзаност е фактот дека мажите се централен фокус на нивните животи и постапки. Румена, создавајќи ги ликовите на нејзините хероини, храбро, грубо и духовито си поигрува со сите општи места на локалниот контекст, прецизно формирајќи ја иконографијата на патријархатот во кој сите сме заробени. Динамиката на односите е секогаш иста – мажот е на пиедесталот, додека жената во сивата зона на постоењето ги реализира своите цели и потреби без да ја наруши или загрози машката позиција и моќ. Румена овој поширок контекст кој ги детерминира односите, постапките и случувањата на ликовите не го преиспитува ниту го критикува. Таа протестира против патријархатот при што вели – патријархатот е наша реалност и ќе биде уште долго време. Во таква општествено-политичка рамка, каде што ниту на мажите не им е добро, таа ни раскажува приказни за жените кои сите ги знаеме, кои се нашето најблиско опкружување, а честопати и самите сме тоа.
Јована Томиќ, основните дипломски и мастер студии ги завршува на Факултетот за драмски уметности во Белград, на Катедрата за театарска и радио режија, во класата на Алиса Стојановиќ. Во Југословенско драмско позориште таа ја поставува претставата од Г. Е. Лесинг „Натан Мудриот“ (2019). Ги режирала претставите: „Г-дин Бидерман и пироманите“, „Урнебесна темнина“ (Ателје 212), „Кабаре Нушиќ“ (Театар Зоран Радмиловиќ, Зајечар), „Лолита“ (Мадленианум), „Боси во паркот“, „Лисистрата“ (Национален театар Суботица), „Чекаќи ја иднината“ (Паоло Граси), „Егзодус„ (Драгстор, 20/44) и многу други. Добитник е на првата награда на Радио Белград 2, на конкурсот за радио драма „Неда Деполо“. Претставата „Движење“ и носи шест награди во рамките на 65 тиот фестивал „Стерјино Позорје“.
Театарската претстава „Мојот маж“ не се препорачува за лица помлади од 16 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

