Македонија
Камчев негира вина за „Плацовите на Водно“: Осудени сме уште пред да влеземе во судница
„Осудени сме уште пред да влеземе во судница“, со ова тврдење бизнисменот Орце Камчев на денешното судење за „Плацовите на Водно“ негираше дека е виновен за што било кое му се става на товар од обвинителниот акт.
Тој смета дека обвинувањата се лажни, а со доказите кои ги предложила обвинителката Лиле Стефанова се манипулира пред судот.
Бизнисменот смета дека е во притвор поради пријавувањето на случајот „Рекет“, бидејќи по него, пропадна и Специјалното јавно обвинителство. Нему не му е јасно ниту зошто не е направено финансиско вештачење. За земјиштето на Водно, поради кое сега е на обвинителна клупа, Камчев кажа дека било планирано да се гради болница, но откако планот пропаднал, земјиштето било продадено за профит.
На второто рочиште, бизнисменот Камчев пред судот потенцираше дека од судницата ќе излезе со чист образ, со што ќе докаже дека не е криминалец. За предметот „Плацови на Водно“, бизнисменот Камчев е во притвор речиси половина година. Обвинителството смета дека тој може да избега, поради тоа што има имот и фирми во странство, но и бугарско државјанство и место за престој. Дополнително, доказ беше и белешката од АНБ според која тој имал средба со странци, што според нив, спремал договор за бегство.
Камчев во изминативе месеци се жалеше на влошена здравствена состојба и негрижа за неговото здравје во затворот. За ова известуваа неговите адвокати. Од затворот „Скопје”, ги негираа обвинувањата.
Според обвинението, Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе. Станува збор за 1,3 милиони евра.
Во средината на 2012, според обвинението, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите. Мијалков стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе, и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.
Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра.
Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје – овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.
Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.
Притвор беше определен и за поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство од земјава и е азилант во Будимпшета. Мерки на претпазливост им беа определени и на обвинетите Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

