Македонија
(Видео) Со нова иновативна опрема Водно заштитено од пожари

Скопските пожарникари придружувани од екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ денеска изведоа показна вежба за гасење шумски пожар со помош на специјална опрема за гасење ваков тип пожари. Опремата се состои од два шумски трактора (четвороцикли), рачни пумпи за гасење пожар, моторни пумпи за вода, повеќенаменски алатки за гасење пожар, дрон со термална камера и моторни пили. На избрана локација на врвот на Водно единиците на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и на ЈП „Паркови и зеленило“ покажаа како се гаси запалена нискостеблеста шума со помош на специјалната опрема и специјален адитив со кои за кратко се ограничува ширењето на огнот и се гаси пожарот.
„Се наоѓаме на падините на нашето Водно со цел Градот Скопје да демонстрира дел од новонабавената опрема којашто ја користат единиците на Противпожарната бригада и одговорните од ЈП ‘Паркови и зеленило’ за одржување на Водно, а која е ефикасна при гасење на евентуалните шумски пожари. Дел од оваа опрема Противпожарната бригада ја користеше и при интервенциите што ги имаше ширум државата во екот на големите шумски пожари и токму ефикасноста којашто можевте да ја видите придонесе тие шумски пожари да не се рашират“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
За гасење шумски пожари БППЗ од сега ќе користи и специјален иновативен адитив за гасење пожари на отворено, произведен од македонската компанија ВТ Продакшн, која го произведе овој иновативен производ со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој и потоа го донираше за потребите на Противпожарната бригада. Станува збор за адитив што се додава во водата за гасење пожари и има уникатна способност да ја зголемува вискозноста и лепливоста на водата која останува на вегетацијата, што го прави процесот на гасење и контрола на шумските пожари многу поефикасен.
Шилегов денеска упати апел до граѓаните да се придржуваат кон забраната за движење во шумските предели која беше воведена во текот на овие топли летни месеци, за да се заштитат од пожари заштитените подрачја Водно и Матка.
„Во периодот од 26.07 до 16.08 на целата територија на Република Северна Македонија имало 106 пожари, а на територија на Град Скопје во периодот од 1 до 15 август имаше 129 пожари. Тоа значи дека на територија на Град Скопје имало повеќе интервенции, од кои 90 се на отворен простор, но ниту еден од нив не беше надвор од контрола, ниту, пак, побаравме помош од страна. Интервениравме секаде каде што можевме да интервенираме и секаде каде што беше побарана помош од нас, од пожарот во Старо Нагоричане на 2 август до последниот пожар во Пехчево и Делчево. Има институции кои ќе кажат дали пожарот е подметнат или не, но од нашето искуство се гледа дека причинител е човечки фактор“, објасни командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Владимир Симоновски.
Опремата за справување со евентуални шумски пожари на територијата на планинскиот појас од Водно до Матка е набавена во рамките на проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, кој е финансиран од Европската Унија, а се реализира од УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Докторот снимен додека „меша бело“ доби поддршка од колегите не Клиниката за неврологија

Колегите од Клиниката за неврологија преку писмо изразуваат поддршка на проф. д-р Игор Кузмановски како одговор на неодамна објавениот компромитирачки материал со кој, како што велат се дискредитира неговата личност и апелираат како што посочуваат, за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина. Кузмановски беше снимен како меша бела прашката материја, за која вели дека е „бело“ што асоцира на дрога.
Писмото ви го пренесуваме во целост:
-Ние, неговите колеги, ја изразуваме нашата професионална и човечка поддршка за Проф. д-р Кузмановски, кој во текот на своето долгогодишно раководење со клиниката, од 2012 -2017, комплетно ја реновираше клиниката, воведе поеќе дијагностички методи и иновативни тераписки процедури. Во секојдневната работа со пациентите и во комуникацијата со колегите, секогаш се однесувал со највисока стручност, одговорност и етичка посветеност. Ниту во еден момент не е забележано однесување кое би било недолично, несовесно или спротивно на професионалните стандарди.
Дури и во ситуации кога се појавуваат сомнежи или јавни дискусии за постапки кои би можеле да се толкуваат како спротивни на моралните и етички принципи на докторската професија, неговото професионално функционирање останува непоколебливо, водено од интегритет и грижа за пациентите.
Во духот на медицинската етика и човековото достоинство, сметаме дека секој поединец, особено во моменти на јавна изложеност и лична ранливост, заслужува поддршка, разбирање и соодветна психосоцијална помош. Наместо осуда, неопходно е да се поттикне сочувство – не само кон професионалецот, туку и кон неговото семејство, кое невино се соочува со последиците од јавната реакција.
Со ова писмо апелираме за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина, стои во писмото со поддршка за проф. д-р Кузмановски од колегите од Клиника за неврологија.
Македонија
141 болни и немоќни лица ќе гласаат на 18 октомври

Општинската изборна комисија во Битола претпладнево на седница утврди 141 болни и немоќни лица кои ќе гласаат на 18 октомври.
Претседателот на ОИК Битола Талевски истакна дека пријавувањето на лицата заврши синоќа, а ОИК Битола претпладнево ги потврди домашните адреси на сите болни и немоќни лица.
-Во законски определениот рок до ОИК Битола пристигнаа 151 апликација за гласање ден порано, односно на 18 октомври. Ние, членовите на ОИК Битола ги разгледавме сите барања и утврдивме дека право на глас во домашни услови имаат 141 болно и немоќно лице. За сите нив ќе ги обезбедиме законските услови за непречено гласање, изјави Талевски.
Од ОИК Битола информираа дека в сабота на 18 октомври ќе биде организирано гласање во старските домови и затворот во Битола.
-Новина оваа година е што освен во старски дом „Сју Рајдер“ ќе се гласа и во старски дом „Софија“. Во старскиот дом „Сју Рајдер“ право на глас имаат 60 стари лица, додека во старскиот дом „Софија“ ќе гласаат 37 лица. Според вообичаената пракса, в сабота на 18 октомври ќе се гласа и во битолскиот Затвор, посочи Талевски.
Како што е познато на овие локални избори во Битола конкурираат 8 кандидати за градоначалник и 16 листи со кандидати за членови на Советот на Општина Битола.
Македонија
Лабудовиќ: Денес не зборуваме за политика, туку за човечност

Во рамки на активностите по повод октомври – месец на свесност за ракот на дојка, кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, присуствуваше на настан во Градскиот парк, посветен на поддршка на жените кои ја водат својата најважна битка – битката за животот, стои во соопштението од ЗНАМ.
„Денес не зборуваме за политика, туку за човечност. Денес сум тука како син, сопруг, татко и пријател. Како човек кој верува дека здравјето е највисока вредност,“ изјави Лабудовиќ.
Тој ја истакна важноста на превенцијата и свесноста, најавувајќи конкретна мерка – доделување бесплатни ехо-прегледи на гради за жените во Општина Центар.
„Секој преглед може да значи спасен живот. Ова не е само гест – ова е порака: погрижете се за себе, животот е вреден,“ додаде тој.
Во своето обраќање, Лабудовиќ најави и нов концепт што ќе биде спроведен по неговата победа – „Центар – Здравствен хаб“, прв ваков модел во Македонија, наменет за граѓаните на Центар.
Овој хаб ќе биде модерен, достапен и пријателски простор за сите жители, со бесплатни услуги за проверка на здравствени параметри, совети од стручни лица, едукации за здрава исхрана, физичка активност, ментално здравје и родителство. Покрај тоа, ќе бидат поставени дигитални здравствени станици на неколку локации низ општината, каде граѓаните ќе можат самостојно да ги проверуваат притисокот, шеќерот, пулсот и другите вредности.
„Како иден градоначалник, мојата најголема обврска нема да биде само да градиме улици и паркови, туку да создадеме општина што се грижи за луѓето. Здрава заедница е темел на среќно општество,“ потенцираше Лабудовиќ.
Целта на проектот „Центар – Здравствен хаб“ е да ја врати грижата блиску до граѓаните, без чекање и бирократија, преку волонтерски ангажман на лекари, нутриционисти, психолози и физиотерапевти.
„Кога е здрава жената – здраво е семејството. Кога сите сме здрави – Центар живее и дише спокојно. Општината мора да биде партнер во здравјето на своите граѓани,“ заврши Лабудовиќ.