Свет
СЗО: Да се одложи вакцинацијата со третата доза

Светската здравствена организација објави дека тековните податоци покажуваат дека најранливите групи ширум светот треба да се вакцинираат пред богатите земји да почнат да даваат трета доза од вакцината против коронавирус.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека вакцинацијата против Ковид-19 треба да се одложи и да се даде приоритет на зголемувањето на бројот на вакцинирани во земји каде што само еден или два проценти од населението примило една или две дози.
„Доколку процентот на вакцинирани во светот не се зголеми, може да се појават нови соеви на вирусот, така што дозите планирани за ревакцинација на оние кои веќе примиле две треба да се донираат во земји каде што жителите не примиле ниту една или само една доза“, рече лидерот на СЗО за време на посетата на Будимпешта.
„Покрај тоа, во тек е дебата дали третата доза е воопшто ефикасна“, рече Гебрејесус на прес -конференција со унгарскиот министер за надворешни работи.
Тој посочи дека третата доза треба да ја земат оние кои имаат слаб имунитет и дека тоа е само мал дел од населението.
САД минатата недела објавија дека од 20 септември планираат да дозволат трета доза низ целата држава, во време кога бројот на новозаразени со делта-сојот расте.
Унгарија, исто така, започна да ја дава третата доза на вакцината за сите што ја примиле втората доза пред најмалку четири месеци, а Израел исто така нуди ревакцинација за сите постари од 40 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Свет
Ројтерс: Зеленски ќе му презентира на Трамп план за користење на ракетите „Томахавк“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски подготвува презентација за Доналд Трамп во која ќе објасни како Украина би ги користела крстосувачките ракети „Томахавк“ доколку САД одобрат нивна испорака, објави Ројтерс повикувајќи се на висок извор.
Според агенцијата, Киев смета дека овие ракети со домет од над 1.600 километри би можеле да го променат текот на војната, овозможувајќи напади врз цели длабоко во Русија, вклучувајќи енергетски постројки и воени бази.
Сепак, не е извесно дали Трамп ќе ја прифати украинската аргументација. Тој вчера изјави дека на САД им се потребни сопствените залихи на „Томахавк“ и изрази загриженост поради нивното исцрпување.
Свет
Орбан и Путин разговарале за можниот самит со Трамп во Будимпешта

Унгарскиот премиер Виктор Орбан телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за планираниот состанок меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта, соопшти Кремљ. Според соопштението, иницијативата за разговорот дошла од унгарската страна.
„Орбан ја изрази подготвеноста да помогне во организирањето на можниот руско-американски самит во Будимпешта“, се наведува во соопштението на Кремљ.
Путин го информирал Орбан за неговиот неодамнешен телефонски разговор со Трамп и изјавил дека планираниот состанок ќе го искористи за дискусија околу „алгоритамот на понатамошни чекори“ со цел пронаоѓање начин за завршување на војната во Украина.
По разговорот, Орбан на социјалните мрежи напиша дека „подготовките се во полн ек“, очигледно алудирајќи на можниот самит во унгарската престолнина.
Трамп и Путин разговарале вчера, првпат по речиси два месеца. Американскиот претседател потоа најави дека планира состанок со рускиот лидер во Будимпешта — што би билa првa неговa посетa на главен град на земја членка на ЕУ од почетокот на инвазијата врз Украина.
Трамп изјави дека Путин не ја поддржува идејата САД да ѝ испорачаат на Украина ракети „Томахaвк“ и додаде дека „можеби сега не е совршен момент“ за воведување дополнителни санкции насочени кон руските енергетски приходи.