Македонија
Пендаровски до Мишел: Билатералните прашања не треба да бидат пречка на патот кон ЕУ
Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на работната посета на Украина по повод 30-годишнината од независноста на земјата, денеска во Киев оствари средба со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.
На средбата, соговорниците разменија мислења за најновиот развој на настани во контекст на процесот на проширување на Европската Унија, како и за македонскиот напредок во клучните реформски области и можностите за одржување на прва меѓувладина конференција.
Претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот дека одржувањето на првата меѓувладина конференција во најскоро време е клучен приоритет за Северна Македонија, при што нагласи дека е неопходно Европската Унија да ги зголеми напорите за да се динамизираат односите со земјите од Западен Балкан. Претседателот Пендаровски го реафирмираше и ставот дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за валоризирање на напредокот на ниту една земја на патот кон Европската Унија и дека во тој контекст треба да се бара решението за нашата држава.
Покрај ова, двајцата соговорници се осврнаа и на состојбите во Европската Унија и кај нас, а разменија мислења и информации и за случувањата во Авганистан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До недела дожд, на повисоките планини и снег, најавуваат метеоролозите
До недела ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Утре и во сабота наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 литри на метар квадратен за 24 часа, локално во форма на невреме со засилен ветер и појава на грмежи. Во недела поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег.
Во понеделник и вторник утринските температури значително ќе опаднат.
Во Скопје, до недела ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Во сабота во делови од котлината врнежите ќе бидат поројни и пообилни со услови за ретки грмежи.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Отворена општина за најмладите, градиме одговорни граѓани
Во Општина Центар се одржа серија едукативни посети на ученици од повеќе општински училишта, во рамки на наставната тема локална самоуправа.

Градоначалникот Горан Герасимовски на четвртоoдделенците им ја доближи работата на општината и начинот на кој функционира локалната самоуправа, им објасни и како се донесуваат и реализираат одлуките што го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните.

Децата внимателно ја следеа презентацијата и со голем интерес поставуваа прашања за надлежностите и работата на општината, се наведува во соопштението.

„Ми беше чест да им ја доближам работата на Општина Центар на најмладите. Ваквите средби се важни затоа што го поттикнуваат нивниот интерес и свесност за тоа како функционира нашата заедница“, истакна Герасимовски.

Во рамки на посетата се реализираше и едукативната работилница „Нацртај го своето стебло“, во соработка со Сојузот на извидници како дел од проектот „Боренка“, со цел подигнување на свеста за значењето на зачувувањето на животната средина и обновата на опожарени подрачја, се додава во соопштението на Општината.

Македонија
Телевизиите без прекршувања во вториот круг од кампањата – објавен извештајот на АВМУ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изработи Извештај од изборното медиумско претставување и Извештај за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за време на вториот круг од изборната кампања за Локалните избори, од 20 до 31 октомври 2025 година.
Примерокот за мониторингот на изборното медиумско претставување и овој пат ги опфати трите програмски сервиси на Јавниот радиодифузен сервис: МРТ 1, МРТ 2 и Собранискиот канал, како и 8 комерцијални национални телевизии: Сител, Алфа, Канал 5, Телма, Алсат-М, Компани 21-М, Шења и 24 Вести. За другите програмски сервиси се постапуваше врз основа на претставки.
За време на изборната кампања и за време на изборниот молк во вториот круг од Локалните избори не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите. Наодите покажаа дека телевизиите вложија напори да обезбедат подробна информираност на гледачите како потенцијални гласачи за изборната кампања, а преку вестите и преку посебните информативни емисии, се обидоа да ја претстават и пошироката, пообјективна слика за постојниот општествено-политички амбиент во кој се одвиваше изборната кампања.
При медиумското покривање на изборната кампања, медиумите генерално, се придржуваа до професионалните правила за правичност, избалансираност и непристрасност, со почитување на начелото за еднаквост кон преостанатите кандидати за градоначалници. Во однос на обезбедување баланс во дневноинформативните емисии, сите анализирани медиуми, генерално известуваа неутрално за учесниците во изборната кампања. Јавниот радиодифузен сервис и националните телевизии што емитуваа платено политичко рекламирање, ја исполнија законската обврска да информираат на начин прилагоден за лицата со сетилна попреченост преку – едно издание на вестите секој ден и едно издание на актуелно- информативна емисија неделно.
Извештајот за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за време на вториот круг од изборната кампања за Локалните избори, беше изработен согласно обврската на Агенцијата од Изборниот законик и истиот е доставен до Државната изборна комисија.
Вкупно 41 радиодифузер – 22 телевизии и 19 радија, склучија договори со учесниците во изборната кампања. На сите 22 телевизии заедно беа емитувани вкупно 52 часа 56 минути и 15 секунди ППР, а на 19-те радија заедно беа емитувани вкупно 47 часа 34 минути и 31 секунда платено политичко рекламирање. Во вториот круг од изборната кампања на телевизиите и радијата беа емитувани вкупно 100 часа 30 минути и 46 секунди ППР.
Од 9-те национални телевизии што склучија договори за емитување ППР во вториот круг од кампањата, најголем обем рекламно време емитуваа Канал 5 (4 часа 53 минути и 36 секунди), Алсат-М (4 часа 43 минути и 19 секунди) и Алфа (4 часа 42 минути и 17 секунди). Од вкупно четири национални радија, три склучија договори за емитување ППР, а најмногу рекламно време емитуваа Антена 5 (5 часа 29 минути и 47 секунди) и Канал 77 (2 часа 51 минута и 26 секунди). Радио Метрополис емитуваше 53 минути и 5 секунди, а Јон радио не емитуваше ППР во вториот круг.
Извештајот од изборното медиумско претставување на радиодифузерите за вториот круг од изборната кампања за Локалните избори 2025 е достапен на линкот.

