Економија
Меморандум за соработка и јакнење на финансиската стабилност меѓу банкарскиот и осигурителниот сектор
Народната банка и Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) склучија нов меморандум, кој ќе придонесе за зајакнување и продлабочување на соработката помеѓу двете институции на повеќе нивоа, а со тоа и кон натамошно јакнење на финансиската стабилност. Меморандумот за соработка беше потпишан од страна на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски.
Унапредувањето на соработката помеѓу Народната банка и АСО е од големо значење, имајќи ја предвид и интензивираната соработка меѓу банкарскиот и осигурителниот сектор, пред сè преку поврзување на банкарските и осигурителните производи. Продлабочената соработка меѓу двата сектора на финансискиот систем е фактор за поблиска координација и содејствување на двете институции заради подобро управување и справување со можните ризици и одржување на стабилноста на финансискиот сектор.
Меморандумот содржи три групи активности за кои двете институции ќе се координираат и заедно ќе делуваат: соработка при изработка на регулативата, размена на податоци и информации и можност за спроведување заеднички контроли доколку се оцени потреба од нив.
Поконкретно, како што информираат надлежните, со Меморандумот се предвидува и соработка помеѓу двете институции при изработка на подзаконските акти коишто се однесуваат на субјектите кои се од заеднички интерес. Предвидено е да се разменуваат мислења за нацрт-актите, како и формирање заеднички работни групи составени од претставници на Народната банка и АСО.
Согласно со документот, ќе се зголеми и опфатот на податоци и информации коишто ќе ги разменуваат двете институции за потребите на анализите на финансиската стабилност, како и во доменот на микропрудентиот надзор. Исто така, се задржува континуитетот на размена на податоци за статистички цели.
Со одредбите од Меморандумот попрецизно се предвидува можност за организирање заеднички контроли во однос на субјектите што се од заеднички интерес, што е дополнителен влог кон одржувањето на стабилноста на двата сектора, а со тоа и на севкупната финансиска стабилност.
Финансиската стабилност е заеднички приоритет и обврска на финансиските регулатори. Поблиската соработка меѓу регулаторите во изминатиот период и новиот формат на Комитетот за финансиска стабилност воспоставен во април минатата година, во кој се вклучени сите финансиски регулатори, придонесуваат за напредок во остварувањето на заедничката цел – одржување на финансиската стабилност. Сето ова обврзува на натамошно унапредување на меѓусебната соработка, со цел јакнење на стабилноста и отпорноста на финансискиот систем како носечки столб на економијата, посочуваат од овие институции.
Додаваат дека воспоставената соработка во сегментот на финансиската едукација, финансиската инклузија и заштитата на потрошувачите придонесува и за натамошен развој на финансискиот систем и за подобрување на благосостојбата на населението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.

