Црна хроника
Запленети златен накит, девизи, пиштол, муниција, стоматолошки инструменти, цигари и фалсификати
Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани златен накит, девизи, стоматолошки инструменти и материјали, пиштол, муниција за огнени оружја, цигари, текстилни производи, регистарски таблички и фалсификати. Покрај тоа откриени се 11 илегални мигранти и две царински измами.
На граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата откриени биле 21 парче златен накит (синџирчиња, алки, обетки, приврзоци и прстени) со вкупна маса од 145 грама. Непријавениот накит е пронајден во една хартиена кеса сместена зад совозачкото седиште и едно најлонско кесе сместено во багажниот простор на возилото.
При личен претрес на српски државјанин, кој со патничко возило со словачки регистарски таблички на граничниот премин Табановце, пријавен за излез од државата, биле откриени 2.800 евра. Во џебови од палтото и панталоните на возачот пронајдени се вкупно 12.800 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи на патникот му се вратени 10 илјади евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата.
На граничниот премин Деве Баир, при личен претрес на две македонски државјанки, кои се пријавиле за излез од државата биле пронајдени 38 штеки цигари TROKADERO BLUE и BENSTON WHITE 100 S, со македонски акцизни маркички. Кај едната патничка пронајдени се 20 штеки цигари, а кај другата 18 штеки цигари. Во двата случаи цигарите биле сокриени околу половината и околу нозете, под облеката на патничките.
На граничниот премин Богородица е спречен обид за нелегален влез во државата на 11 патници. На граничниот премин за влез во државата се пријавило празно товарно моторно возило со бугарски регистарски ознаки, управувано од бугарски државјанин, кој изјавил дека оди за Австрија за да товари стока и нема што да пријави за царинска контрола.
Поради сомневање во неговата изјава, царинските службеници, во соработка со полициските службеници од преминот, извршиле детална контрола на возилото, при што во специјално изработена преграда во товарниот дел откриени се 11 сириски државјани. Илегалните патници предадени се на полициската служба на граничниот премин за понатамошна постапка./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Комбе удри пешак во Скопје, со тешки повреди е пренесен во болница
Вчера околу 14:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на бул.„Борис Трајковски“ во Скопје, товарно возило „фолксваген кеди“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Т.(21) од Скопје, удрило во пешакот З.С.(56) од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Црна хроника
Старица паднала од автобус, па била прегазена
Вчера околу 12:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, автобус „мерцедес“, управуван од В.А.(56) од Скопје, ја прегазил преку нога 72-годишната А.Б. од Скопје, откако претходно паднала од автобусот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила А.Б., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Топ
Во Белград уапсен Саит Саитов, кој прегази жена во Капиштец и избега
Министерството за внатрешни работи извести дека вчера биле информирани од надлежните служви во Србија дека во Белград е лишен од слобода Саит Саитов од Скопје, кој се бара со меѓународна потерница, распишана од македонското МВР, под сомнение за извршени тешки кривични дела „против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, за кривично-правен настан кој се случи во Скопје на 09.01.2026.
На Саитов му е одреден екстрадициски притвор и следува постапка помеѓу министерствата за правда на двете држави, со цел негово екстрадирање во Македонија и изведување пред лицето на правдата и негово соодветно санкционирање.

