Македонија
Можни се брзи тестови во училиштата

Здравствените експерти ја разгледуваат можноста за воведување брзи тестови во училиштата по стартот на учебната година со физичко присуство.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека иако засега нема нови мерки, нивно воведување ќе зависи од развојот на епидемијата.
„Разгледуваме и некои светски искуства за тоа што се прави во училиштата во однос на брзите тестови кај децата и така натаму. Сето тоа се разгледува од страна на експертите. Засега не се препорачуваат никакви дополнителни мерки, но може да донесеме и други препораки, согласно тоа како е се одвива сликата за епидемијата“, рече министерот Филипче.
На новинарско прашање зошто парите за кампањата за вакцинирање, која јавноста ја оцени како задоцнета, не ги пренамени за брзи тестови во училиштата, министерот Филипче рече дека кампањата е планирана и за нејзина сметка не се скратени пари од ниту едно друго место.
Грција, како и многу други земји во светот, веќе најави почеток на школската година со физичко присуство, но учениците бесплатно ќе бидат тестирани двапати неделно.
Кај нас, согласно протоколите, учениците ќе треба да ги почитуваат истите протоколи од лани кога со физичко присуство наставата ја следеа првите три одделенија во основните училишта, односно ќе носат маски, ќе внимаваат на дистанца и при влез во училиштето ќе им се мери температура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Три хеликоптери го гасат пожарот кај селата Чучер и Блаце

Утрово трите хеликоптери (два на МВР и еден на АРМ) во 05.00 часот почнаа со дејство над пожарот на територијата на Општина Чучер Сандево, селата Чучер и Блаце, извести ЦУК.
На пожарот дејствуваат и силите на БППЗ на Град Скопје со повеќе екипи и противпожарните возила, ЈКП од Општината, Црвен крст со еден базен од кој хеликоптерите полнат вода, како и тимови со противпожарните возила на ДЗС.
ЦУК е во постојана комуникација и координација со сите надлежни институции на терен.
Македонија
Дел од Сарај и Илинден денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 13:00 часот, дел од корисниците од село Кондово, општина Сарај;
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. 534 и ул. 531 во село Марино, општина Илинден.
Македонија
На Табановце се чека до половина час за влез во државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Се бележи зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце, времето на чекање за влез во државата е околу 15 до 30 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.