Култура
Свечено се отворија јубилејните 60. „Струшки вечери на поезијата“
Манифестација „Струшки вечери на поезијата“ синоќа беше свечено отворена со традиционално палење на поетскиот оган на летната тераса на хотелот „Дрим“ во присуство на голем број поети од земјава и од странство, како и на владини претставници и љубители на пишаниот збор.
Вечерта ја отвори поетот и писател и некогашен директор на СВП, Јован Стрезовски, кој имаше наративно излагање, ставајќи акцент на историјата на фестивалот, на неговото создавање, тек и растеж.
„Со доделувањето на меѓународната награда ‘Златен венец’ на ‘Струшките вечери на поезијата’, и со издавањето на посебна книга со поезијата на добитниците двојазично: на оригиналниот јазик и во превод на македонски јазик, собрани во педесетина изданија, странските јазици придонесоа за прекрасен спој и потпора во нашиот јазик. Нашиот голем Блаже Конески, кому оваа година му ја чествуваме 100-годишнината од раѓањето, кога во 1981 година беше прогласен за добитник на ‘Златниот венец’ и кога требаше да објавиме избор од неговата поезија, ни испрати најкраток, строго направен избор. Кога му јавивме дека книгата ќе биде мала и ќе се изгуби на полиците меѓу дебелите книги на другите добитници, ни рече дека ‘за поезијата не е важно колку е голема книгата, туку – да биде добра’. Секое писмо што ми го испраќаше го завршуваше со следниот поздрав: ‘Остани со добра мисла’. Па, еве, на крајот, и јас ве поздравувам со тие негови зборови: ‘Останете со добра мисла’“, рече во своето обраќање Стрезовски.
Обраќање имаше и министерката за култура, Ирена Стефоска, чиј говор беше изведен во акростих од песната „Т’га за југ“ на Константин Миладинов.
„Тивката Струга по 60-ти пат ги рашири своите прегратки за поетите од целиот свет. Гостољубива е нашата Струга. Во неа добредојдени сме сите. А дури и Дрим денеска ги стивна своите води за да ги слушнеме стиховите, за да се напоиме со збор во ова време без зборови. А тука беа и Блаже Конески и Десанка Максимовиќ и Вознесенски и Оден и Диздар и Гинсберг и Гилвик и Падрон и Хјуз и заминаа, останаа нивните зборови и празни страници за уште поети. Јагулата тргнува на своето свадбено патување минувајќи среде овој град. Утеха од најдолгиот пат ѝ е нејзината рожба. Ќе се врати таа, како што се враќа и поетот во градот на Миладиновци. Секоја година во исто време. Ова обраќање како акростих вам ви го посветувам почитувани поети. Нека се множат вашите стихови. Нека се множат годините на ‘Струшките вечери на поезијата’“, рече во своето обраќање министерката Стефоска.
Специјално видеообраќање имаше и годинешната лауреатка, британската поетеса Керол Ен Дафи, која го најави своето физичко присуство на следното издание во 2022 година.
„Во овие сурови, мрачни времиња за светот, трогната сум што пред мојот праг го наоѓам сјајот на ‘Златниот венец’. Тоа што им се придружувам на поети коишто толку многу ми значеле во текот на целиот мој живот како читателка и писателка е извонреден подарок за којшто сум многу благодарна. Последниве 18 месеци, изразот ‘останав без зборови’ доби ново значење за мене како поетеса, па оваа прекрасна награда од Струга ми го врати духот и радосна сум што сум добредојдена во оваа голема македонска традиција на вреднување на поезијата. Првпат ги посетив струшките поетски читања пред 30 години, како релативно нова поетеса во деновите пред мобилните телефони, социјалните медиуми и Пандорината кутија на интернетот. Тогаш, навистина, светот беше поинаков и песните што се рецитираа на Мостот на поезијата не мораа да викаат за да бидат чуени над деноноќното брборење на звукот којшто, за жал, сега ни е добро познат. Но вашиот фестивал и неговиот ‘Златен венец’ опстојуваат и нè потсетуваат дека поезијата мора да опстане, како што и е случајот. Повеќе од кога било, можеме да се согласиме со Семјуел Бекет дека ‘сета поезија е молитва’. И, можеби, како добитничка на оваа награда треба да се сетам на Дилан Томас и неговата причина за пишување: ‘Не за слава или леб/Ни за да се топорам и тргувам со восхитот/На бините од слонова коска/Туку, за просто, да ми платат/Со нивното најскришно срце’. Ги испраќам мојата љубов и благодарност до сите во Струга и со нетрпение очекувам да ве посетам повторно следната година и да го запознам следниот лауреат на ‘Златниот венец’“, рече Ен Дафи во своето видеообраќање.
Вечерта продолжи со меѓународната манифестација „Поетски меридијани“, на која настапија поголем дел од странските гости.
Програмата на фестивалот, почнувајќи од изданието во 2019 година, целосно се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП со што е овозможено целосно следење од страна на поширокиот аудиториум.
„Струшките вечери на поезијата“, кои ќе траат до 30 август, годинава се одржуваат под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување на дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Скопје концертна промоција на „Афро гитано“: албум снимен на три континенти
Во сабота, на 8 ноември, во Јавна соба, како дел од програмата на Skopje Design Week, македонската публика ќе има ретка можност да ја доживее концертната промоција на албумот „Afro Gitano“ ,заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџеј Гоце САФ.
Овој необичен спој на африкански ритми, балканска душа и урбан електронски грув претставува автентично музичко патување што ги руши границите меѓу жанровите и континентите. Китановски вели дека „’Afro Gitano’ е музика што се движи како реката, како луѓето, како слободата“.
Албумот, снимен во време на пандемијата на три континенти и во шест земји, ја носи енергијата на спонтаноста и заедништвото.
„Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата се нафрламе на неа како мала глутница“, раскажува Китановски, откривајќи ја суштината на нивната уметничка хемија.
Африка, Балканот и урбаната сцена во едно
За Баба Сисоко, кого Китановски го опишува како „музичар од највисок ранг и гриот кој со музиката придонесува за мирот на земјата“, оваа соработка претставува спој на духовноста на западноафриканската традиција и џез-импровизацијата.
Во проектот се вклучува и диџеј Гоце САФ, кој со својата хип-хоп енергија внесува современа урбана димензија: „Џезот и хип-хопот се од иста мајка“, вели Китановски, додавајќи дека триото создава „компактна единица во која секој ја задржува својата музичка суштина, а заедно пловиме беспрекорно“.
Музика што ја почитува традицијата и ја прегрнува слободата
Во „Afro Gitano“, Китановски ја продолжува својата долгогодишна мисија – да создава музика што е истовремено прастара и современа, длабоко вкоренета и бескрајно слободна. „Музиката е секогаш онолку добра колку што е блиска до коренот“, вели тој, нагласувајќи дека искреноста кон себеси е единствениот пат до автентичност.
Албумот го издава лондонска издавачка куќа, а како што посочува Китановски, „само оригиналноста може да ја отвори портата кон светот“.
Настан што обединува музика, уметност и дизајн
Настапот е дел од Skopje Design Week – платформа што ги поврзува различните уметнички дисциплини. „Музиката е дизајн од невидливи треперења во воздухот и со тоа природно се вклопува во настанот“, додава Китановски.
Публиката може да очекува концерт исполнет со ритам, импровизација и слобода. „Сакам да си поминат убаво, да се изнаиграат без да им биде гајле за другите околу нив, и секој да си пее различна песна од нашиот репертоар на пат за дома – само тогаш ќе знам дека албумот е навистина добар“, вели Китановски.
Култура
„Андерфест 7“ – алтернативниот рок-фестивал се враќа со уште поголема енергија
„Андерфест“, еден од најпрепознатливите алтернативни рок фестивали кај нас, ја најавѝ програмата за своето седмо издание! Настанот ќе се одржи во петок на 7 ноември во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, а и ова издание ветува вечер исполнета со моќна енергија, автентична музика и врвни настапи.
„Андерфест“ со годините изгради статус на фестивал што ги спојува најдобрите имиња од домашната алтернативна сцена, создавајќи уникатно музичко искуство за сите љубители на рокот и неговите поджанрови.
Оваа година, публиката ќе има можност да ги чуе и види LOST IN REVERIE, АУДИОЦИГЛА, ДИМИШ, ЗАНАДУ, ДЕМЕНСИ, ГОЛЕМАТА ВОДА и НОВИОТ ПОЧЕТОК – бендови кои носат свеж звук, различни емоции и препознатлив сценски настап.
Организаторите најавуваат уште повисоко ниво на продукција, динамична атмосфера и простор каде што ќе се слави вистинскиот дух на независната музичка сцена. За многумина, „Андерфест“ е повеќе од фестивал – тоа е традиција, движење и заедница што ја поттикнува домашната рок култура. Билетите се пуштени во продажба преку drugastrana.mk.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.

