Свет
Сите училишта во Европа и Централна Азија да останат отворени и побезбедни, велат СЗО и УНИЦЕФ
Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија повикуваат училиштата да останат отворени и да се направат побезбедни преку донесување мерки за намалување на пренесувањето на вирусот.
Ваквите мерки опфаќаат понуда на вакцина против Ковид-19 за наставниците и другиот училиштен персонал како дел од националните планови за вакцинација, истовремено обезбедувајќи им вакцинација на ранливите популации. Освен тоа, треба да се земе предвид и вакцинација на децата на возраст од 12 и повеќе години со медицински состојби, кои значително им го зголемуваат ризикот од тешка манифестација на Ковид-19; унапредување на училишната средина преку често проветрување на училниците, помали паралелки кога е можно, физичко дистанцирање и редовно тестирање на децата и вработените итн.
„Пандемијата предизвика катастрофално нарушување на образованието во историјата. Затоа, од пресудно значење е учењето со физичко присуство во училница непрекинато да продолжи во европскиот регион. Ова е од исклучителна важност за образованието, менталното здравје и социјалните вештини на децата за да може училиштата да ги оспособат нашите деца да бидат среќни и продуктивни членови на општеството“, објаснува д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Тој додава дека ќе помине извесно време пред да ја оставиме пандемијата зад нас, но образованието на децата со безбедно физичко присуство во училиште мора да остане наша примарна цел, па затоа, вели Клуге, не смееме да ги лишиме од можностите што ги заслужуваат.
„Ги охрабруваме сите земји да ги држат училиштата отворени и ги повикуваме сите училишта да воведат мерки за минимизирање на ризикот од Ковид-19 и ширење разни варијанти.
Според Клуге, високопреносливиот делта-сој придонесе за дополнителна загриженост и компликации за отворањето на училиштата оваа година.
Податоците јасно покажуваат дека примањето целосна серија вакцини против Ковид-19 значително го намалува ризикот од тешко заболување и смрт. Затоа, вели Клуге, кога ќе ве повикаат да ја примите вакцината, направете го тоа и погрижете се да ги примите сите дози.
„Вакцинацијата е нашата најдобра одбрана од вирусот, а за да заврши пандемијата, мора бргу да го прошириме вакцинирањето еднакво во сите земји, вклучувајќи и поддршка за производството на вакцини и распределба на дози, со цел насекаде да ги заштитиме најранливите. Исто така, мора да продолжиме да ги следиме јавноздравствените и социјалните мерки за кои знаеме дека функционираат, каде што спаѓаат тестирање, секвенционирање, следење, изолација и карантин“, рече д-р Ханс Хенри П. Клуге.
Заменик-регионалниот директор од УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Филип Кори, вели дека децата и младите не смее да ризикуваат уште една година со нарушено образование. Вакцинацијата и заштитните мерки, според него, ќе помогнат да се спречи враќање во најмрачните денови од пандемијата кога луѓето мораа да трпат затворања, а децата имаа нарушена настава.
„Децата беа тивки жртви на пандемијата, а најмаргинализираните беа меѓу најтешко погодените. Пред Ковид-19, најранливите деца во регионот веќе беа надвор од училиште или беа на училиште, но не учеа на исто ниво како своите соученици. Училиштето е многу повеќе од зграда. Тоа е место на учење, безбедност и игра во срцето на нашите заедници. Кога училиштата се затворени, децата пропуштаат настава, не се со своите пријатели и оние што живееат во нефункционални семејства може да бидат изложени на насилство во домот. Пандемијата ја влоши и онака неприфатливата ситуација – мора да се погрижиме училиштата да се отворат и да останат безбедно отворени“, нагласи Кори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Апокалиптични сцени од Турција: силен ветер уништи објекти
Силни ветрови ја погодија северозападната турска провинција Коџаели предизвикајќи значителна материјална штета, при што на повеќе објекти им биле целосно откорнати покривите, јавуваат локалните медиуми.
На снимките објавени од локалниот портал „Коџаели Гундем“ се гледа моментот кога силен ветер подигнува покрив од зграда во населбата Диловаси и го носи од објектот. На друга снимка, објавена подоцна, покривот може да се види речиси неоштетен како лежи на земја.
A massive storm hits #Istanbul, #Turkey. pic.twitter.com/YOzRNoToE4
— Siraj Noorani (@sirajnoorani) January 8, 2026
Дополнителни видеа од местото Хереке прикажуваат куќа што останала без покрив, а предмети од внатрешноста се расфрлани по просториите поради силните налети на ветерот.
Од Кабинетот на гувернерот на провинцијата Коџаели уште во средата било издадено предупредување дека се очекуваат олујни ветрови со брзина од 50 до 70 километри на час, додека во повисоките предели ударите можеле да достигнат и до 80–90 километри на час.
Фото: pexels
Свет
Шефот на гренландска рударска компанија: САД сакаат инвестиции во минерали, преговорите се во тек
САД разгледуваат можност за инвестиции во ископување стратешки минерали на Гренланд, потврди извршниот директор на рударската компанија Аморок, Елдур Олафсон, во изјава за Си-Ен-Би-Си.
Компанијата работи во јужниот дел на Гренланд, каде што се занимава со ископување и истражување на злато, бакар, германиум, галиум и други стратешки минерали. Олафсон наведе дека се водат разговори со американски владини институции за можни инвестиции, но дека договорите сè уште не се финализирани.
Според него, потенцијалната соработка би можела да вклучува договори за откуп, инфраструктурна поддршка и кредитни линии, без да прецизира за кои проекти станува збор.
Портпарол на Стејт департментот изјави дека САД сакаат да изградат долгорочни комерцијални односи кои ќе им користат и на Американците и на народот на Гренланд, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп ја истакнал важноста на Гренланд за одбраната на САД.
Интересот на Вашингтон се засилува во период кога Трамп повторно ја нагласува идејата за купување на Гренланд, кој го смета за клучен за националната безбедност. Следната недела американскиот државен секретар Марко Рубио треба да разговара со дански претставници за иднината на островот.
Белата куќа ги гледа богатите минерални ресурси на Гренланд како можност за намалување на кинеската доминација на пазарот на стратешки минерали.
Фото: pexels
Свет
(Видео) Експлозија на гас разнесе станбена зграда во Германија
Три лица, меѓу кои и шестгодишно дете, загинаа во силна експлозија на гас што рано утринава целосно уништи станбена зграда во германскиот град Албштат. Уривањето се случило околу 5 часот наутро во градската населба Тајлфинген, а полицијата потврди дека загинатите се членови на исто семејство на возраст од 33, 30 и 6 години, пренесе Билд.
На местото на несреќата се ангажирани повеќе од 200 припадници на итните служби. Откако семејството првично се водело како исчезнато, спасувачите подоцна ги пронашле нивните тела во урнатините.
Детонацијата била исклучително силна и го вознемирила целото соседство. Еден од станарите изјавил за Шварцвелдер Ботен дека околу 5 часот наутро целата куќа му се затресла, предмети паѓале од полици, а стаклото на влезната врата пукнало. Друга соседка помислила дека станува збор за земјотрес.
Според полицијата, во експлозијата не била уништена само погодената куќа, туку и неколку околни згради биле сериозно оштетени. Соседите биле евакуирани и никој од нив не е повреден. Итните служби им укажале помош, а многумина биле во состојба на шок.
Од безбедносни причини, дотокот на гас во целата улица бил прекинат. Градоначалникот Тралмер изјавил дека нема опасност од нови експлозии и дека се очекува снабдувањето со гас за околните куќи повторно да биде воспоставено во текот на денот.
Фото: pexels

