Македонија
(Видео) Заев во Блед: Европа е нашето семејство и очекувано е семејството да ја прифати Северна Македонија
Европа е нашето семејство и очекувано е семејството да ја прифати Северна Македонија, која е во срцето на континентот, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, на лидерскиот панел на Бледскиот стратегиски форум посветен на темата „Иднината на Европа – Проширувањето“.
„За нас ЕУ нема алтернатива. Ситуацијата на Северна Македонија е како кога некој сака да биде прифатен од некое семејство на кое отсекогаш му припаѓа, а Европа е нашето единствено семејство. Ние ќе продолжиме понатаму да ја оствариме нашата определба да станеме следна членка на ЕУ за која што нема алтернатива“, потенцираше Заев.
Тој потсети дека нашата земја е веќе 16,5 години земја кандидат и земја која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година веднаш по Словенија, а пред Хрватска.
„Ги спроведовме сите реформи предвидени во пристапната фаза за членство во ЕУ, како и сите критериуми утврдени согласни процедурите за проширување на Брисел. Имаме 12 препораки и конечна препорака на Европската комисија со Европскиот совет дека земјата може да ги почне преговорите за членство со организација на првата меѓувладина конференција. Имаме одлични односи со соседите и ги надминавме отворените прашања со што ни се отворија вратите за да бидеме 30-та членка на НАТО. Имаме функционално мултиетничко општество кое ги доби сите признанија и се препознава како модел и пример за другите, и се надевам дека конечно ќе ги започнеме преговорите по поглавјата за членство во ЕУ“, нагласи премиерот Заев.
Тој говореше и за иницијативата „Отворен Балкан“ за која рече дека е иницијатива посветена на соработката меѓу земјите од регионот за да ги постигне европските стандарди за квалитетен живот за граѓаните и за одржување на мотивацијата за остварување на членство во ЕУ.
Воведно обраќање на лидерскиот панел „Иднината на Европа – Проширувањето“ на Бледскиот стратегиски форум имаше претседателот на Словенија Борут Пахор, кој истакна дека оваа година форумот е специјално посветен на земјите од Западен Балкан и укажа дека регионот е дел од Европа и дека треба да активно да учествува во проширувањето на ЕУ и дека одложувањето на проширувањето ќе предизвика сериозни последици.
Словенечкиот претседател потенцираше дека проширувањето на ЕУ со Северна Македонија и Албанија не е само политичка, туку морална обврска за Брисел и поради фактот што Република Северна Македонија направи сè што беше неопходно, а ЕУ за возврат не испорача ништо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Правосудството со 2 отсто доверба бара двојно повисоки плати
Во соопштение до јавноста, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ оцени дека наместо да работи на ефикасност и подобрување на довербата кај граѓаните, која изнесува само 2 отсто, правосудниот систем дополнително ја нарушува својата слика со барање за двојно зголемување на платите.
„Не треба да заборавиме дека македонските правосудни органи се едни од најплатените во регионот и Европа, со 2,3 до 3,2 просечни плати, односно нешто над 100.000 денари па се до над 144.000 денари или од 1700 евра до 2360 евра. Претседател на суд, пак, во Македонија зема околу 180.000 денари или 3000 евра, а за ефикасност и да не зборуваме, далеку под сите европски просеци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како аргумент, ВМРО-ДПМНЕ наведува примери од други држави: Србија: судиите земаат околу 120.000 денари, доверба 20%, Хрватска: платите се околу 3350 евра, доверба 20%, Словенија: платите се од 1738 до над 4000 евра, доверба 41%, Германија: судиите земаат околу 3300 евра, доверба 58%.
Според соопштението, доколку бидат прифатени сегашните барања, судија би земал околу 160.000 денари, а претседател на суд 360.000 денари – што е еквивалент на осум просечни плати и повисоко од примањата на нивните колеги во Европа со многу поголема ефикасност и доверба.
Во заклучокот, ВМРО-ДПМНЕ повикува на разумност и наведува дека е време правосудните органи да се фокусираат на работа и резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните.
Македонија
Променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето денес ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд.
Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на невреме со грмежи и силен ветер. Преку денот ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 19 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Максималната температура ќе достигне до 18 степени.
Македонија
Дел од улицата Партение Зографски денес без струја
ЕВН Македонија извести дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од ул.Партение Зографски од раскрсницата со ул.Рилски Конгрес до Бул. Тодор Александров ( општина Центар )

