Македонија
Филипче во Велес: Да се вакцинираме за иднината на нашите деца, за нашата иднина
СДСМ продолжува со маалските средби, заедно со граѓаните, онаму каде што ни е местото. Потпретседателот Филипче вечерва присуствуваше на маалска средба со граѓаните на урбаната заедница Трајко Панов, во центарот на Вардарскиот Регион, Велес.
Пред присутните потпретседателот Филипче посочи дека СДСМ е одговорна партија, партија која работи во интерес на граѓаните, во интерес на државата. Преку континуирана заложба дејствуваме да обезбедиме подобри услови и поголема заштита за граѓаните. Во услови на пандемија, која зема замав, СДСМ е партија која воведе превентивни и рестриктивни мерки со цел да го заштити секој еден граѓанин и јавното здравје.
„Се наоѓаме во деликатна фаза со мутацијата на коронавирусот и само преку масовна имунизација, најсигурно можеме да ставиме крај на пандемијата. Вакцинацијата на територијата на целата држава тече непречено. Во изминатиот период бележиме и најголем просечен раст на вакцинирани граѓани во регионот. Се надевам дека ќе продолжиме со истиот капацитет и во периодот кој следи. Ве повикувам да им помогнеме на здравствените работници и на здравствениот систем. Да се вакцинираме, да покажеме пример, да покажеме одговорност кон себе и другите. Вакцините се безбедни, го подигнуваат имунолошкиот систем и штитат од тешки форми на заболувања на вирусот. Ова е единствен начин да успееме да се вратиме во нормалните текови на секојдневно функционирање“, рече потпретседателот Филипче.
Филипче се осврна и на претстојните локални избори и понудата со која СДСМ ќе настапи пред граѓаните на Велес.
Во Општина Велес, на претстојните локални избори, СДСМ ќе настапи со кандидатот Ненад Коциќ, актуелен пратеник, доктор по интерна медицина, човек кој години наназад се грижи за здравјето на велешани и активист во граѓанскиот сектор кој се грижи за заштита на животната средина и борбата против загадувачите. Докажуваме и покажуваме дека СДСМ несомнено и овој пат го нуди најдоброто.
Граѓаните ја препознаваат нашата посветена работа, нашиот труд да обезбедиме подобри услови, подобар стандард и нашата желба да го понудиме најдоброто. Остануваме прогресивни, мотивирани и единствено насочени кон политиките кои водат кон напредок, раст и развој, порача потпретседателот Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Административна тортура врз повредените во „Пулс“, секој месец мора да се појавуваат пред комисии
Со тешки изгореници, незараснати рани и длабоки психолошки трауми, повредените од смртоносниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ се принудени секој месец да се појавуваат пред комисии за продолжување на боледувањето. Уште од првите денови по пожарот лекарите укажуваа дека дел од повредените ќе се соочат со лекување што ќе трае со години. Наместо државата да го земе тоа во предвид и да обезбеди мир, стабилност и непречено лекување, таа ги изложува на дополнителен физички, психолошки, административен и финансиски притисок, кој го загрозува и нивното закрепнување, велат од Левица.
Според партијата, дополнително загрижува фактот што постојната законска регулатива за боледување е крута за вакви трагедии. Од Левица велат дека според важечките прописи долгорочно боледување се продолжува преку месечни лекарски комисии, со временски ограничувања и административни процедури кои се целосно несоодветни за масовна трагедија со тешки телесни и психички последици.
„Токму затоа државата уште од првиот момент имаше морална должност да изнајде начин за решавање на овој правен вакум. Државата во изминатава речиси година од трагедијата требаше да донесе посебен указ, подзаконски акт или да направи интервенција во законите за да обезбеди автоматско и долгорочно боледување без месечни комисии за сите повредени. Освен што владата на ДПМНЕ не се заангажира тоа да го направи дополнително им отежна повредените. Иако Владата на ДПМНЕ по трагедијата најавуваше апсолутна помош, реалноста е поинаква – не е обезбедена никаква финансиска поддршка ниту за семејствата на загинатите, ниту за повредените. Трошоците за патувања за лекување во странство, скапите креми, силиконски лепенки и медикаменти неопходни за долгорочна нега, целосно паѓаат на товар на семејствата“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека најсрамен пример за институционална бесчувствителност е фактот што државата не само што не помогна, туку од хуманитарната солидарност на граѓаните наплати и данок од милион денари.
„Средствата собрани преку граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, наменети за помош на настраданите, беа оданочени од државата, наместо самата да застане зад тие луѓе. Додека граѓаните покажуваат човечност и солидарност, институциите демонстрираат ладна бирократија и финансиски апетит. Левица смета дека е недозволиво државата да ги малтретира повредените со месечни комисии, да не обезбеди непречено боледување до конечно излекување, да не покрие трошоци за лекување, патувања и медицинска нега, а притоа да оданочува хуманитарна помош и да троши милиони на папаја во владината луксузна кујна“, се наведува во соопштението.
Македонија
Патниот правец Струга-Ќафасан е пуштен за сите видови возила
Од 11.00 часот патниот правец Струга-Ќафасан е пуштен за сите видови возила, информира АМСМ.
Од таму најавија дека денеска граничниот премин Богородица, односно ГП Евзони од 17 часот ќе биде затворен за сите видови на возила.
„Поради протест на грчките земјоделци, од денес 08.01.2026 г. со почеток во 10:00 часот на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила во наредните 48 часа заклучно со 10.01.2026 г. во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек“, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по влажни коловози.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Македонија
Синдикат на култура: Преседан во културата, министерот Љутков повторно против колективните договори
Министерот за туризам, „културно“, но доста ехидно и веќе видено (за Велигден), сега им ја честиташе Новата година и божиќните празници на вработените во културата со честитка во форма на „Упатство“, со кое ПОВТОРНО се обидува да го поништи она што судот веќе јасно и недвосмислено го утврди: дека платите во културата мора да се зголемат согласно член 14 став 1 од Општиот колективен договор, односно за 10% од основната бруто плата утврдена со Колективниот договор за културата, велат од Синдикатот на културата (СКРМ).
Според нив, наместо да спроведе судска пресуда, министерот самоволно и тврдоглаво, незнајно од кои причини, повторно ја воведува истата незаконита формула – т.н. „разлика меѓу август и септември 2023“, формула која, како што велат, судот експлицитно ја прогласи за спротивна на Општиот колективен договор и на утврдените права на вработените.
Со ваквото дрско и свесно постапување, велат од Синдикатот, кое претставува морална недоличност со умисла, преку одбивање да се постапува по службена должност и преку непочитување на универзалните начела на правото, господинот министер не само што ги пречекорува своите овластувања, туку се поставува над судот, над колективните договори и над законите.
„Ова е директно кршење на владеењето на правото, создавање правна несигурност и грубо мешање во веќе утврдени работнички права. Ова не е „упатство“, туку обид за поништување на правниот поредок во културата. Не станува збор за никаква „административна грешка“, туку за свесно и јавно кршење на колективните договори, самоволно редефинирање на платите и демонстрација дека господинот министер си зема за право да ИЗМИСЛУВА права, наместо да ги спроведува. Ова „упатство“ е срочено без ИССО стандарди, нема кој го составил и кој го одобрил, потписот на министерот е осамен – како министерот сам да го срочил – затоа што е јасно: никој што ги познава законите не сака да стави потпис на ваков противзаконски документ. Министерот за туризам, кој во моментов си ја додели улогата на правник, адвокат и судија, утре можеби вештак, а зошто да не и премиер, мора да научи една едноставна, но суштинска лекција: не постои акт на министер што е над судска пресуда и над колективен договор“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека СКРМ нема да дозволи платите во културата да се пресметуваат по „министерска математика“, наместо согласно закон и колективни договори.
„Повторно ќе ги преземеме сите расположливи правни механизми – од управни спорови, до иницирање постапки за утврдување кривична одговорност – со цел да се запре ова самоволие и да се заштитат правата на вработените во културата, кои добро знаат колку трнлив беше патот до склучување на Колективниот договор, на кој очигледно министерот заборави откако стана дел од извршната власт. Кога извршната власт се поставува над судската, во случајов – Вие, господине министре – тоа не е чин на управување, туку чин на узурпација на воспоставените и договорени норми и правила кон кои, барем декларативно, и самите се стремите. Или не? Дали премиерот Христијан Мицкоски знае дека министерот за туризам донел упатство без претходно да биде свикана Комисијата за толкување на Општиот колективен договор, како што јасно стои во информацијата на Влада од 9 декември 2025, што по редот на нештата треба да е основа за да се донесе какво било упатство за проблем кој зависи од сосема други страни. Дали господинот министер, со ова самоволие преку ова упатство, покрај тоа што се става над законите и судовите во државата, има намера да делува спротивно на насоките на владата од која е дел?“, прашува синдикатот.
„Затоа СКРМ учтиво возвраќа на вашата „честитка“ со следнава порака: „Изнудени судски пресуди“, „донесени на начин на кој се донесени“ и „без вештачење“ – цитат, постојат исклучиво во Вашата имагинација и претставуваат произволни конструкции со кои се обидувате да ги оправдате сопствените погрешни постапки по преземањето на министерската функција. Конечно, имајте доблест да ја преземете одговорноста за своите постапки и да покажете здрав разум, бидејќи не Вие, туку судот одлучува дали е потребно вештачење и под кои услови се носи судска пресуда. Ниту еден министер нема уставна или законска надлежност да ја преиспитува или релативизира судската одлука по сопствено убедување. Со вакво однесување, преку континуирано кршење на законите и колективните договори, не се добиваат поени во една Влада; напротив, директно се нарушува нејзиниот кредибилитет и се урива нејзиниот рејтинг. СКРМ доби уште 13 судски пресуди кои со претходните две се веќе 15, и истите ќе бидат објавени. Среќни и весели празници, министре!“, пишува во соопштението на СКРМ.

