Македонија
Џафери со делегација од францускиот Сенат – поддршката од пријателска Франција секогаш во вистинско време
Денес, во рамките на посетата на Република Северна Македонија на делегација од Групата за пријателство Франција-Западен Балкан во францускиот Сенат, предводена од претседателката на Групата, сенаторката Марта де Сидрак, се оствари средба со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери. Во состав на делегацијата се и сенаторите: Арно Базен, надлежен за соработката со Република Северна Македонија, Венсан Сегуен, надлежен за соработката со Црна Гора, и Микел Вале, надлежен за соработката со Република Србија. На средбата присуствуваа и претседателот на пратеничката група на Собранието за соработка со францускиот парламент, Александар Николоски, и амбасадорот на Франција во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер.
Претседателот Џафери го поздрави нагорниот тренд на развој на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Француската Република, кои се традиционално добри и пријателски и се одвиваат со несмален интензитет речиси 3 децении. Конструктивната соработка особено е видлива во доменот на европската интеграција на земјава, која добива нова димензија во согласност со француската стратегија за европска интеграција на Западен Балкан. Тој ги запозна гостите со актуелната работа на Собранието, како и за реформските чекори во приоритетните области на процесот на евроинтеграција во согласност со новата методологија, при што искажа очекување на валоризација на нашите резултати пред или за време на француското претседавање со Унијата од јануари 2022 година. Претседателот Џафери го поздрави потпишувањето на договорот за активностите во земјата на Француската агенција за развој, при што истакна дека поддршката од пријателска Франција секогаш доаѓа во вистинско време и во клучни области.
Сенаторката Де Сидрак на почетокот на своето обраќање изрази длабоко сочувство за жртвите од трагичниот настан во Тетово и им посака брзо закрепнување на повредените. Таа му се заблагодари на претседателот Џафери за срдечниот пречек и овозможувањето отворен разговор и добивање одговор на сите прашања за конкретните теми за кои беа заинтересирани, како што е општата здравствена состојба, процесот на евронтеграција на земјата и тешкотиите на тој пат. Таа високо ја оцени меѓупарламентарната соработка во меѓународните парламентарни собранија.
Соговорниците изразија уверување за натамошна заемна поддршка на мултилатерален план, особено во работата на меѓународните парламентарни собранија преку постојаните делегации. Беше констатирана и заложбата за натамошен развој на економската соработка, соработката во образованието, културата, продлабочувањето на меѓупарламентарната соработка и споделувањето на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Македонија
Убиство во Челопек, 78-годишна жена задушена со перница
Полицијата уапси дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек, соопшти денеска СВР Куманово. Како што наведуваат од кумановската полиција, на 12-ти февруари, осомничениот влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал и со перница ја задушил жената.
-Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б.(25) од с. Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничат дека на 12-ти февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М.С.(78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото, соопшти полицијата.
Тој се сомничи дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
СДСМ: Две недели без одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, бараме одговорност од Мицкоски
СДСМ обвинува дека и по 14 дена нема одговор од институциите за, како што велат, „најголемиот нарко-скандал во регионот“, поврзан со транспорт на пет тони дрога преку државната граница.
Од партијата посочуваат дека молчат премиерот Христијан Мицкоски, како и повеќе функционери, оценувајќи дека тоа отвора сомнежи за одговорност на власта.
„Овој гласен молк е најсилна потврда дека скандалот води до врвот на Владата“, се наведува во соопштението.
СДСМ реагира и на изјавите дека биле запленети 100 тони марихуана, оценувајќи дека доколку постоело толкаво производство, тоа претставува сериозен пропуст на институциите.
Според нив, за такво количество би била потребна површина од над 30 хектари, поради што прашуваат дали биле извршени контроли од надлежните служби, вклучително и полицијата, инспекторатите и безбедносните агенции.
Партијата дополнително прашува како пет тони дрога биле транспортирани со товарни возила покрај системите за надзор, камерите и граничните контроли.

