Европа
Унгарија повикува на отфрлање на политиките кои поттикнуваат масовна имиграција
Безбедноста е главниот приоритет во расправата за иднината на Европската унија, а политиките кои ја поттикнуваат масовната имиграција треба да се отфрлат, порача во понеделникот унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Во расправата за иднината на Европската унија, унгарските амбасадори мора да ги застапуваат ставовите дека безбедноста е приоритет број еден. Политиката која ја охрабрува би требало да биде отфрлена, бидејќи мигрантската криза е закана, а должноста на Унгарија е да се заштити“, истакна Петер Сијарто на годишната конференција со унгарските амбасадори во Будимпешта, во присуство на колегите шефови на дипломатиите од Вишеградската група, односно Полска, Чешка и Словачка.
Сијарто додаде дека Унгарија е против преносот на нови овластувања на Брисел, бидејќи најдобрите одговори на предизвиците со коишто е соочена Европската унија, дошле од националните а не од европско ниво.
Рече, исто така, дека европските закони мора да ги почитуваат сите држави членки. „Унгарија не се согласува на двојни стандарди, ниту дека некоја држава членка може да биде критикувана поради придржувањето до правилата“, смета унгарскиот шеф на дипломатијата.
На конференцијата беа присутни и министрите за надворешни работи на Полска, Чешка и Словачка.
„Вишеградската група е сојуз доволно храбар да ги нарече нештата до вистинското име и да зборува отворено а не лицемерно и политички коректно“, рече Сијарто, истакнувајќи дека членките на Вишеградската група заедно станале релевантни во расправата за иднината на Европската унија.
Полскиот министер за надворешни работи Витолд Вашиковски рече дека централна Европа очекува дека остатокот од ЕУ ја сфаќа сериозно и ја смета за партнер.
Оцени дека самитот на НАТО во Варшава минатиот месец ја зајакнал европската соработка. Рече, исто така, дека руските потези од 2014 година предизвикале пукнатини во безбедносниот систем, но и изрази надеж дека Русија нема намера да ја поткопува веродостојноста на НАТО. Вашиковски истакна дека Вишеградската група мора да придонесе за безбедноста на Европа и регионот преку одбранбената соработка и заедничките воени вежби.
Се осврна и на британското излегување од Европската унија велејќи дека расправата за иднината на Унијата не би смеела да биде табу.
Чешкиот министер за надворешни работи Лубомир Заоралек изјави дека Европската комисија би требало да биде непристрасна и сигурна и дека би требало да претставува единството. Но тоа во овој момент не е случај, забележа. Задача на ЕУ, според него, е да се обнови единството.
„Најважната задача сега е да се осигури стабилноста на европскиот проект по Брегзит, Одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ би требало да се сфати како знам за неминовна радикална институционална промена“, додаде Заоралек.
Шефот на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак, рече дека ЕУ има две опции: или ќе постапува во согласност со потребите на луѓето или че потоне во трајна криза.„Европа не може да дозволи јакнење на евроскептицизмот, бидејќи ЕУ е решение а не проблем“, рече./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

