Свет
Нов проблем за Бајден: илјадници мигранти чекаат под мостот во Тексас
Илјадници мигранти пристигнаа под мостот што ги поврзува градовите Дел Рио во Тексас и Акуано во Мексико и поставија импровизиран камп на горештините поставувајќи му на американскиот претседател Џо Бајден нов проблем со границата со кој ќе мора да се соочи.
Температурите се искачуваат до 37 Целзиусови степени, а има многу малку храна и вода, така што стотици мигранти беа принудени да го преминат Рио Гранде и да се вратат во Мексико за да се снабдат со основните продукти.
Мигрантите се претежно од Хаити, но има и такви од Куба, Венецуела и од Никарагва.
Тешките услови на границата го одразуваат хуманитарниот предизвик со кој се соочува Бајден, додека бројот на уапсени лица на границата е најголем во последните дваесет години. Американските власти уапсија повеќе од 195.000 мигранти на границата со Мексико во август, покажуваат владините податоци објавени во средата.
Царинската и граничната служба не одговорија на прашањето колку луѓе има во кампот во Дел Рио, а еден службеник во средата за „Ројтерс“ изјави дека таму има околу 6.000 луѓе.
Граничната патрола рече дека го зголемува персоналот во Дел Рио за да обезбеди безбеден и хуман третман. За мигрантите се обезбедени вода за пиење и тоалети, се додава во соопштението.
Американскиот претседател Бајден, демократ што ја презеде функцијата во јануари, ги отфрли строгите мерки за имиграција воведени од неговиот претходник, републиканецот Доналд Трамп.
Дел Рио се наоѓа во областа Вал Верде, која гласаше за Трамп на изборите во 2020 година. Некои жители на тој пограничен град велат дека федералната влада ги напуштила кога станува збор за граничната безбедност.
Мексиканските власти велат дека во наредните денови може да се очекуваат многу поголем број мигранти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нетанјаху најави дека израелските напади врз Иран ќе се интензивираат
Нападите на Израел врз Иран ќе продолжат да се интензивираат, вели израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по состанокот со министерот за одбрана Израел Кац, началникот на Генералштабот на ИДФ, генерал-потполковник Ејал Замир, и шефот на Мосад, Дејвид Барнеа.
„Нашите сили сега напаѓаат во срцето на Техеран со зголемен интензитет, а ова само ќе се интензивира дополнително во наредните денови“, вели Нетанјаху од покривот на седиштето на ИДФ Кирја во Тел Авив.
„Сепак, ова се болни денови“, вели тој, осврнувајќи се на смртоносните ирански напади во Тел Авив и Беит Шемеш.
„Моето срце е со семејствата и во име на сите вас, граѓаните на Израел, им испраќам желби за брзо закрепнување на ранетите.“
Свет
Трамп изјави дека 48 ирански лидери се убиени во тековните американско-израелски напади
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека 48 ирански лидери се убиени во тековните американско-израелски напади врз земјата.
„Никој не може да поверува во успехот што го имаме, 48 лидери исчезнаа одеднаш. И се одвива брзо“, беше цитиран Трамп во интервју за Фокс њуз.
Во посебно интервју за Си-Ен-Би-Си, тој вели дека американската операција во Иран е „пред предвидениот рок“.
Свет
Израелската војска пак го нападна Иран
Израелската војска соопшти дека нејзините сили започнале со спроведување нови воздушни напади врз иранскиот главен град.
„Воздухопловните сили сега започнаа нов бран напади во срцето на Техеран“, се вели во краткото соопштение на „X“.

