Македонија
Граѓаните што не биле дома ќе може да се попишат на одредени локации во општините

Влегуваме во последната фаза од пописните активности на терен, во која се привршуваат сите активности што се спроведуваа во последните 20 дена. Апелираме до граѓаните да бидат трпеливи. Пописот трае до 30 септември и уверуваме дека никој нема да биде пропуштен или изоставен од овој процес, изјави Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика.
Токму од овие причини, додаде таа, Државниот завод за статистика ќе им овозможи на сите оние граѓани, кои по кој и да е основ не успеале да остварат контакт со попишувачот, кој поминал во нивниот пописен круг, но не ги нашол, да може да се попишат на одредени локации во својата општина.
Ѓоргиева посочи дека попладнево на веб-страницата popis2021.stat.gov.mk ќе бидат објавени локациите во сите општини и каде граѓаните ќе може да појдат и да се попишат.
Таа повика граѓаните да бидат трпеливи бидејќи пописот трае до 30 септември и некои граѓани ќе бидат посетени и на последниот ден. Таа изрази уверување дека никој нема да биде пропуштен или изоставен од овој огромен статистички процес бидејќи целта на пописот е целосен опфат на сите граѓани што во моментот живеат во Македонија.
Заклучно до денеска во 12 часот попишани се вкупно 1.395.000 граѓани, над 435.000 домаќинства и над 600.000 станови, а самопопишани се 195.477 граѓани од дијаспората.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Македонија е првата земја во регионот што ги реши сите случаи на бездржавјанство од СФР Југославија

Северна Македонија стана првата земја во регионот што ги реши сите познати случаи на бездржавјанство произлезени од распадот на СФР Југославија, соопшти Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење.
Од таму додаваат дека последните 317 лица кои живееја во правна несигурност од прогласувањето на независноста на државата, сега се стекнаа со државјанство.
За првпат, тие ќе уживаат целосни права и заштита што им се гарантира на граѓаните на Северна Македонија.
Заменик на претседателот на Владата за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, изјави: „По три децении неправда, Северна Македонија ја сврте страницата на историјата, ставајќи крај на бездржавјанствто за стотици луѓе родени и израснати во оваа земја. Денес, со гордост велиме: сите оние кои живееја како невидливи, конечно добија име, идентитет и права. Победата над бездржавјанствт е доказ дека правдата не е илузија – таа е можна кога постои политичка волја, меѓународна соработка и непоколеблив активизам. Овој момент ја претвора земјата од ѕид што разделува – во засолниште за секој граѓанин.“
Од 2001 година досега, речиси 20.000 лица без државјанство стекнале државјанство во Северна Македонија.
Во целиот свет, најмалку 4,4 милиони луѓе остануваат без државјанство. Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, Филипо Гранди, ја поздрави постигнатата цел на Северна Македонија:
„Ова е една од најсилните иницијативи во Европа и, навистина, во целиот свет. Разбирам дека Северна Македонија сега се наоѓа на прагот на целосно искоренување на бездржавјанство. Ви благодарам за вашата посветеност, за тоа што го споделивте овој напредок со нас и за тоа што сте шампион во Глобалната алијанса“, рече тој.
УНХЦР и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, исто така, го поздравуваат континуираниот ангажман на земјата за решавање на 168 преостанати познати случаи, кои, иако не се апатриди како последица на распадот на Југославија, никогаш не добиле изводи од матична книга на родените.
Нивниот статус моментално се разгледува, додека властите активно работат на пронаоѓање соодветни решенија.
Македонија
Даниела Димовска избрана за претседателка на скопскиот кривичен суд

Судијката Даниела Димовска е избрана за претседател на Основниот кривичен суд Скопје на денешната седница на Судскиот совет откако претходниот претседател Иван Џолев беше избран за судија во Апелациониот суд. Димовска ќе ја извршува функцијата од 6 јули до завршување на постапката за избор на нов претседател.
Кандидатурата на Димовска ја предложи координаторката Данка Ристова, а предлогот беше поддржан со мнозинство гласови.
На истата седница Судскиот совет назначи вршители на должноста претседатели и во другите судови: Елјеса Алији за Основен суд Гостивар, Мерсим Марку за Основен суд Дебар и Валентина Буревска за Основен суд Свети Николе.
Советот разреши дел од судиите поротници во судовите во Свети Николе, Основниот кривичен суд Скопје и Основниот граѓански суд Скопје поради истек на мандатот. Исто така, беше изгласана одлука за формирање комисии за увид и оценка на пријавите по огласот за избор на претседатели на судовите во Дебар, Гостивар и во Свети Николе.
Дополнително, судијата Драган Јаковлески од Основниот суд Битола е делегиран во Основниот суд Прилеп на една година со цел подобрување на функционирањето на судот.
Македонија
Коцевски побара повеќе пари од буџетот за Обвинителството

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски, денеска, пред Комисијата за финансирање и буџет на Собранието упати апел за зголемување на буџетските средства на Јавното обвинителство нагласувајќи дека сегашниот износ е недоволен за исполнување на основните функции и на реформските обврски.
Обвинителот истакна дека минималниот законски предвиден износ од 0,4 отсто од вкупниот државен буџет не е целосно доделен и дека средствата за 2025 година изнесуваат речиси половина од оваа сума. Дополнително, нагласи дека недостигот на финансии го отежнува функционирањето на институцијата, особено во делот на вештачењата, кадровскиот капацитет и дигитализацијата.
Јавниот обвинител посочи дека поради зголемените трошоци за вештачења, како и поради недостиг на стручни кадри, Обвинителството се соочува со сериозни предизвици, особено во сложени предмети, како „Онкологија“ и трагедијата во Кочани.
„Сите сте свесни дека трошоците на Обвинителството по основ на вештачења минатата година значително се зголемија. За предметот ‘Онкологија’ беа изработени две обемни и скапи вештачења во странство. Трагедијата во Кочани, сите трошоци за анализа на обемниот доказен материјал, за обдукции, за истражни дејства, за сложени мултиинституционални вештачења – сѐ ова падна на товар на Обвинителството. Во најава се уште неколку предмети во кои, поради недостиг на стручни лица од соодветна област во нашата земја, вештачењата ќе треба да се бараат во странство, а странските институции веќе бараат претходни гаранции дека сработеното навремено ќе им биде исплатено“, рече Коцевски.
Истовремено, ја потенцира потребата за продолжување на лиценците на донираните софтвери и кофинансирање на проектот за дигитализација.
Од кадровски аспект, Обвинителството укажа дека поради забрана за нови вработувања веќе трета година, како и одбиен годишен план за вработување за 2025 година, екипираноста сериозно е нарушена.
Во обраќањето беа дадени и примери од регионот, каде што Обвинителствата добиваат значително поголема финансиска поддршка, како во Албанија и во Црна Гора.
Јавниот обвинител ги повика пратениците да интервенираат и да обезбедат дополнителни средства нагласувајќи дека вложувањето во правдата е вложување во стабилноста и владеење на правото.