Македонија
Осумдесет oтсто од хоспитализираните со Ковид-19 се невакцинирани
Министерството за здравство ја објави анализата на вакцинирани од позитивни случаи на Ковид-19 во периодот од 6 август заклучно со 23 септември.
За вакцинирани се сметаат лицата што се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примањето втора доза вакцина.
Во наведениот период позитивни на Ковид-19 биле 32.818 граѓани, од кои 22 % биле целосно вакцинирани, односно 7.248 лица.
Здравствените власти нагласуваат дека голем е бројот на невакцинирани граѓани што се заразиле од коронавирус.
„Според статистиката за изминативе недели, 25.570 или 78 % граѓани од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица што се невакцинирани изнесува 80 %, а само 20 % од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.
Анлизата исто така покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.
Во периодот од 6 август до 23 септември во Македонија починале 1.033 лица од Ковид-19, 888 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 14 % примиле вакцина.
„Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини што ги има на располагање кај нас, како и пациенти што се вакцинирале во странство со вакцини на ‘Модерна’ и ‘Џонсон’“, стои во соопштението.
Министерството за здравство укажува на важноста од вакцинација и апелира граѓаните да се вакцинираат бидејќи, како што велат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска да им се извини на пензионерите што ги спореди со Мапет шоу, вели Тасевска
СДСМ неколкупати ги покачи пензиите и во споредба со времето на ДПМНЕ просечната пензија е покачена во просек за 6.400 денари. Овој месец следува и ново зголемuвање на пензиите од 5,3% согласно новата методологија којашто ја донесовме заедно со пензионерите. Дополнително, во новиот пакет антикризни мерки обезбедивме месечна поддршка и до 15.000 денари во период од 5 месеци за пензионерите со пониски пензии, вели Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.
„СДСМ ги почитува и се грижи за нашите повозрсани граѓани. Додека СДСМ ги покачува пензиите кандидатката на ДПМНЕ, Гордана Силјановска слушаме како ги навредува пензионерите, споредувајќи ги со Мапет шоу. Крајно несоодветно, непримерно и неодговорно. Пензионерите не заслужуваат да бидат омаловажувани ниту навредувани“, додава Тасевска.
Според неа, Силјановска треба да излезе и да им се извини на пензионерите за навредите.
„Односот на Силјановска кон пензионерите е потврда дека нема никаква промена во ДПМНЕ. На граѓаните не им треба претседател кој ќе биде продолжена рака на Белата палата, партиски послушник, не им треба реприза на Иванов. На граѓаните не им треба уште една катастрофа по примерот на Скопје. Ниту ДПМНЕ ниту Силјановска не можат да донесат промени на подобро. Тие едноставно сакаат да се вратиме во минатото, да ја закопаме иднината и да ја уништиме надежта за подобро утре! Затоа граѓаните на изборите ќе изберат европска иднина со СДСМ и Стево Пендаровски, завршува Тасевска.
Македонија
Тошковски: Најголем двигател за регионална соработка во земјите од Западен Балкан е приклучувањето кон ЕУ
Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, имаше воведно обраќање на инаугуративниот меѓународен симпозиум на Меѓународната асоцијација за безбедност на администраторите на кампуси на агенциите за спроведување на законот (IACLEA).
Овој симпозиум ги опфати темите поврзани со сајбер-безбедноста, спречувањето на криминалот од омраза, обезбедувањето при собири од поголеми размери, спречувањето и борбата против трговијата со луѓе и шверцувањето мигранти, а учество зедоа и реномирани меѓународни експерти од оваа област, вклучително и од македонското Министерство за внатрешни работи.
Истакнувајќи ја меѓусебната соработка во борбата против транснационалниот криминал, Тошковски во своето обраќање потенцира дека:
„Географијата нè прави соседи. Историјата нè прави пријатели. Економијата нè прави партнери, а неопходноста од заедничко дејствување против сите закани и опасности – нè направи сојузници. Најголем двигател за регионална соработка во земјите од Западен Балкан е приклучувањето кон Европската Унија. Во Европската Унија регионалната соработка е средство за постигнување стабилизација, еден од чекорите за натамошна интеграција на ЕУ. Со други зборови, сите сме ‘за’ регионална соработка, но поради разни причини“.
Сервисни информации
Сообраќајот на патот Битола – Прилеп се одвива наизменично по една коловозна лента
Од 9.10 часот сообраќајот на патот Битола – Прилеп се одвива наизменично по една коловозна лента, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.