Македонија
Мицкоски до Заев: Не е храброст да го продадеш името, сети се зошто никој досега не го потпиша тоа што ти го направи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот предизборен митинг во Кавадарци во однос на промената на името на Македонија истакна дека Зоран Заев предавството го објаснува како храбар чин и му порача на Заев дека не е храброст да направи глупост и да се сети зошто никој пред него не го направи тоа.
„ Не е храброст да направиш глупост од која ќе страдаат народот и државата, но Заев не ја знае разликата. Со реченицата дека ниеден челник немал храброст да го реши спорот значи дека Заев ги обвини Глигоров, Црвенковски и останатите дека немале храброст да го предадат најскапоценото, македонското достоинство и името. Епа Заев сети се зошто никој не го потпиша тоа што ти го потпишуваше, истакна Мицкоски.
Мицкоски му порача на Заев дека храброст и патриотизам не е предавство туку заеднички патриотизам со кој граѓаните ќе бидат обединети, ќе имаат подобри можности и подобра иднина, и кога граѓаните и државата ќе нижат успеси и победи, а не како сега само понижувања кои ги приредува власта на СДСМ.
„ Победа е да направиме спротивно од овие 30 години. Победа е заеднички да рушиме ѕидови. Победа е кога ќе спасиме 14 човечки животи. Победа е да се почитуваме дури и тогаш кога сме различни. Победа е да создадеме вредности, да создадеме принципи. Победа е да има одговорност кога треба, и кога можеме да кажеме да направивме сè што можевме. Треба да градиме заеднички патриотизам, модерен, обединувачки. Заедничкиот патриотизам е да ја победиме заедничката мака, да создадеме заедничка иднина. Да се разбираме едни со други. Да покажеме дека политичарите од власта ги немаат гласовите во џеб, туку треба макотрпно да работат и поддршката да ја заслужат, рече Мицкоски.
Според него, заеднички патриотизам е народот да има повеќе пари во џебот, да има повеќе можности за развој. Да носиме добри вести низ регионот, да се радуваме на новите работни места, порача тој и истакна дека ВМРО-ДПМНЕ работи на таква иднина која ќе донесе подобро утре, повеќе можности, нова иднина, промени, проекти и победи.
“ Програмите на ВМРО-ДПМНЕ содржат вкупно 14 835 проекти од различни сфери и области и се решенија за реалните проблеми на народот. Реконструкција на 2000 улици низ цела држава. Градба или реконструкција на 100 градинки, 150 училишта. Инвестиции во животната средина и градба на нови 150 паркови. Инвестиции во 60 објекти на културата, 90 спортски сали за младите. Гасификација за понапредни општини и многу други конкретни дела кои ги нудиме. Ова е тоа што ги плаши, рече Мицкоски.
Мицкоски ги повика граѓаните на 17 октомври да излезат и да дадат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, за иднина на промени, проекти и победи, иднина за која вреди да се бориме и со која ќе се гордееме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски-Мацут: Србија е искрен партнер и пријател со кого ја споделуваме визијата за стабилен, безбеден и просперитетен Балкан

Премиерот Христијан Мицкоски, денес во Владата оствари средба со премиерот на Република Србија, Ѓуро Мацут, кој престојува во официјална посета на нашата земја.
Двајцата премиери разговараа за унапредување на билатералните односи, економската соработка и инфраструктурното поврзување.
Акцент беше ставен и на трговската размена, заедничките енергетски проекти и олеснувањето на движењето на луѓе и стоки.
Мицкоски истакна дека Србија е искрен партнер и пријател, со кого ја споделуваме визијата за стабилен, безбеден и просперитетен Балкан.
Мацут изрази поддршка за реформските процеси во државата и нагласи дека Белград и Скопје ќе продолжат да соработуваат на заеднички проекти кои се во интерес на граѓаните на двете земји.
Двете страни се согласија дека продлабочувањето на пријателските врски меѓу двете држави претставува значаен придонес за регионалната стабилност и европската перспектива на Западен Балкан.
Македонија
(Видео) Коњановски: Реката Драгор добива ново лице

Во следниот мандат, една од најголемите заложби ќе биде реализација на многу значаен проект, уредувањето на коритото на реката Драгор, симбол на нашата љубов кон Битола, кон нејзината историја и иднина. Сега е време овој симбол да добие ново лице, со уредување по највисоки светски стандарди, изјави Тони Коњановски, кандидат за градоначалник на Битола од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
„Со овој проект не само што ја заштитуваме реката и околината, туку создаваме простор кој ќе нè обединува. Реконструираните мостови и новите пешачки патеки ќе овозможат полесно и побезбедно движење, ќе го поврзат градот од сите страни и ќе ја зајакнат неговата функционалност“, рече тој.
Дополнително, додаде Коњановски, поставувањето на современо, енергетски ефикасно осветлување, ќе овозможи Драгор да биде жив и безбеден дел од градот и во текот на ноќта.
Македонија
Со 43 штеки цигари тројца наши државјани сакале да летаат за Лондон, Царината им ги заплени

Тројца македонски државјани се фатени на Меѓународниот аеродром Скопје со 43 штеки цигари, дел со, а дел без акцизни маркици, сокриени во нивните куфери. Цигарите биле откриени при контрола со рентген, непосредно пред патниците да се качат на лет за Лондон.
Ова е само дел од серијата заплени што Царинската управа ги изврши во текот на изминатата недела, при засилени контроли на граничните премини и терминали низ државата.
Запленети се 15.603 литри средство за стакла за возила откриени на граничниот премин Блаце, во камион на влез во државата, без да бидат пријавени во царинските документи.
410 пара патики со ознаки на заштитена трговска марка се задржани на излез од државата, поради сомневање за фалсификат. Стоката потекнува од Турција и била наменета за фирма од Косово.
Во два случаи на граничниот премин Табановце се откриени 23 автоделови меѓу кои употребувани гуми, алуминиумски бандажи, вентилатори и ремени за товарни возила.
39.5 килограми кафе се пронајдени во автобус на влез во државата, спакувани во 36 пакувања по 1 килограм и 14 пакувања по 250 грама.
Во кабина на камион во пределот на горниот кревет се откриени и запленети 69 парчиња облека односно дуксери, панталони, маици, фармерки и тренерки.
Цариниците открија и два користени велосипеди во багажник на автомобил на Табановце, 44 кружни ножеви за циркуларна пила се најдени во автобус под седиштата на патниците, а на граничниот премин Делчево се запленети бугарски регистарски таблици и сообраќајни дозволи за возило кое било раходувано и без платени давачки.
Царинската управа информира дека мобилните тимови и службениците од граничните царински испостави откриле и спречиле повеќе прекршочни дела, и најавуваат продолжување на засилените контроли.
Институцијата апелира до граѓаните и фирмите да ги почитуваат законските прописи при увоз, извоз и транспорт на стока, со цел да се заштити економскиот систем и јавната безбедност.