Македонија
Шилегов: Со „Паметен град“ Скопје штедиме 1,3 милиони што се враќаат како директна инвестиција за граѓаните
Во тек е последната фаза од проектот „Скопје паметен град“, кој започна во март годинава. Преку иновативна и напредна технологија, главниот град ќе добие поздрава животна средина, намалување на трошоците, подобри услуги и подобра комуникација со граѓаните, поголема безбедност, а со тоа и поквалитетен живот.
Со употреба на технологијата за Теснопојасен интернет и со поддршка на Македонски tелеком, Град Скопје ќе добие платформа за која ќе ги има карактеристиките за управување со системот на паметен град. Со оваа платформа ќе се управува систем на над 10.000 паметни светилки и систем за паметно осветлување, сензори за паметен паркинг, сензорни станици за следење на микроклиматските параметри, уреди за мерење на потрошувачката на вода, интерактивна мобилна апликација и паметни столбови за изградба на паметна мрежа.
„Преку овој проект се поставуваат 10.000 нови лед-светилки со што Скопје добива совршено осветлени и безбедни улици, вело патеки и тротоари. Со паметно осветлување, Град Скопје заштедува 1,3 милиони евра годишно на електрична енергија, кои ќе се пренаменат за директна финансиска поддршка на граѓаните од различни групи“, потенцираше Шилегов.
Апликацијата „Мое Скопје” е клучен дел во „Скопје смарт сити“ и носи сосема ново ниво на интеракција и информирање. Во оваа фаза апликацијата ќе им понуди на граѓаните: информации од сферата на градскиот живот, настани, случувања и новости, анкети, пристап до апликациите и сервисите на градските институции и преглед на паркинзите на Град Скопје.
Таа подоцна се надополнува со содржини за сообраќајот и јавниот превоз, а ќе може да се пријавуваат инфраструктурни и комунални проблеми. „Мое Скопје“ е иновативен, информативен и интерактивен канал за комуникација со граѓаните, кој преку постојани анкети и прашалници им овозможува на граѓаните да одлучуваат за градските прашања и да го насочуваат градот кон нивните приоритети.
„Скопје е првиот град во државата кој го воведува овој револуционерен систем, кој преку употреба на технологијата и паметно користење на технолошките ресурси ќе воведе иновативен начин на управување со градот и искористување на технологијата во насока на подобрување на условите за живот во главниот град“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
„Со Скопје смарт сити, Скопје станува град без шалтери! Скопје сите услуги ќе ги дава онлајн и со тоа станува првиот целосно дигитализиран град во регионот. Сите плаќања и сите документи ќе бидат достапни на интернет или на телефонот на граѓаните. Освен ова, секој граѓанин може да следи како градот работи, до каде е неговото барање, до каде е секоја постапка и сето тоа да му биде достапно во секое време на својот телефон“, додаде Шилегов.
За подобрување на ефикасноста на платформата, дополнително се изработува и мобилна апликација, преку која граѓаните ќе можат да ги пријавуваат платформите и ќе ја олесни нивната комуникација со градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Финансиска помош за 125 граѓани од Општина Центар со здравствени проблеми и тешка материјална положба, исплатата почнува месецов
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, одобри финансиска поддршка за 125 граѓани кои се соочуваат со нарушена здравствена состојба или тешка материјална положба.
Станува збор за баратели кои поднеле барања во периодот од јули 2025 година до 31 декември 2025 година, а исплатата ќе започне во текот на месецов.
Еднократната финансиска помош е наменета за покривање на трошоци поврзани со лекување, нега и секојдневна поддршка. Висината на помошта се утврдува според индивидуалните потреби, а износите се движат од 3.000 до 25.000 денари.
За остварување на правото на финансиска поддршка, потребно е доставување на документи со кои се докажува здравствената или финансиската состојба, како што се потврда за невработеност од Агенцијата за вработување, потврда од Управата за јавни приходи, медицинска документација или друг соодветен доказ.
„Секој наш сограѓанин е важен. Заедно градиме општество на еднакви можности. Оваа финансиска помош е наменета за оние на кои им е најпотребна, за лекување, нега и поддршка во секојдневниот живот“, истакна Герасимовски.
Мерката ќе продолжи и оваа година, со цел да се помогне на жителите на Општина Центар што се соочуваат со здравствени и материјални потешкотии.
Македонија
ЗНМ одбележа 80 години постоење и ги додели годишните новинарски награди
По повод јубилејот, 80 години од своето основање, Здружението на новинарите на Македонија, ЗНМ, ги додели годишните новинарски награди, одбележувајќи осум децении континуирана и посветена работа во заштита на новинарската професија, слободата на изразување и јавниот интерес.
Комисијата за награди оваа година работеше во состав од новинарките Милка Смилевска, Семра Мусаи и новинарот Марјан Николовски, кои ги вреднуваа пристигнатите трудови според критериумите за професионалност, јавен интерес, темелност и влијание.
Годинава, наградата за животно дело му беше доделена на новинарот Ристо Тасев, за неговиот долгогодишен придонес во македонското новинарство, како и на фоторепортерот Роберт Атанасовски, за неговиот исклучителен придонес во визуелното документирање на современата историја на земјата.
Наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребара“ годинава беше доделена за три стории поврзани со известувањата за пожарот во Кочани и трагичните последици кои и денес се присутни во нашето секојдневие.
Оваа награда беше доделена на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ), КОД – Новинарски истражувачки магазин на Тв Телма и новинарката Ирена Мулачка од Фокус, за серија истражувачки текстови и документарни прилози што отворија прашања за одговорноста на институциите, работата на инспекциските служби, политичките влијанија и процесите што следеа по трагедијата со пожарот во Кочани, вклучително и истрагите и судските постапки.
Годинава, наградата за известување на теми од локално и регионално значење му беше доделена на новинарот Ардит Рамадани, за истражувачки стории објавени на Порталб. Преку документи и институционални реакции, истражувањето придонесе кон јавна дебата за управувањето со јавната сопственост на локално ниво.
Комисијата годинава додели признание на новинарот Владо Апостолов од Балканска истражувачка репортерска мрежа, БИРН, за придонес во промоција на професионалното истражувачко новинарство, за истражувањата „Систем вон систем: државата слепа за парите на МПЦ-ОА и ИВЗ“ и интерактивниот проект „Верски имоти“.
Признание за придонес во промоција на професионалното новинарство на теми од локално и регионално значење беше доделено на Анета Блажевска, за серијата текстови објавени во Независен.мк, поврзани со постапувањето на директорка на ученички дом во Битола.
Добитниците на овогодинешните награди изразија благодарност за признанијата, истакнувајќи дека тие претставуваат мотив за понатамошна работа во интерес на јавноста.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, во своето обраќање пред присутните се наврати на почетоците на новинарството, на развојот на слободната мисла, на проблемите со кои се соочувале новинарите тогаш, но и на предизвиците со кои се соочуваат и денес.
„Од првите броеви на Нова Македонија и Вечер, преку гласот на Македонско радио, тој најзначаен новинарски сегмент на цела една епоха, до сликата што ја донесе Македонска телевизија, новинарството овде растеше и паѓаше заедно со државата. Со сите нејзини премрежија, со сите нејзини слабости и со сите нејзини надежи. Денешните предизвици се поинакви. Не се секогаш груби и видливи. Понекогаш доаѓаат тивко, преку економска зависност, преку медиуми што едвај опстојуваат, преку СЛАПП тужби, правно насилство што треба да те замолчи со судски трошоци, со непроспиени ноќи, со психички притисок, преку алгоритми што ја наградуваат сензацијата, а не проверената информација, преку сајбер напади и невидливи онлајн квалификации, етикетирања, навреди и закани. Битката денес не е помалку тешка. Само е поинаква, но ЗНМ продолжува да ги брани професионалните стандарди, да стои зад новинарите и да го штити јавниот интерес“, рече Чадиковски.
Во чест на снимателите и фоторепортерите, на свечениот настан беше поставена изложба на фотографии што сведочат за нивниот професионализам, храброст и посветеност, слики што не се само визуелна хроника на секојдневните случувања, туку длабоко сведоштво за времето во кое живееме, оставајќи неизбришлива трага во нашата колективна свест и во историјата на ова општество.
Македонија
(Видео) Не може да поставуваме пратенички прашања во ветер: Спасовски реагира на отсуството на министрите на собраниска седница
Која е смислата на поставување пратенички прашања, ако министрите од владејачкото мнозинство кои треба да одговараат на прашањата не се присутни на седницата, укажа координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, пред почетокот на денешната собраниски седница наменета за поставување прашања од страна на опозицијата. Спасовски посочи дека со своето отсутво, министрите од власта повторно ја избегнаа својата законска и политичка обврска и покажуваат непочитување на Собранието.
Спасовски потенцираше дека пратеничките прашања се инструмент за контрола на Владата и отчетност пред јавноста, а не формалност која може да се игнорира кога на министрите не им одговара.
„Според деловникот обврската е да се извести на кого ќе му се поставува прашање и кој ќе поставува прашања до опозиција. Во дописот којшто го доставив до вас како претседател, најавено е дека нашата пратеничка Јована Тренчевска, ќе поставува прашање до Бесар Дурмиши, министерот за економија и труд. Истиот проблем кој што го имавме на минатата седница да го игнорира Собранието да не присутвува и кога ќе дојде тука во Собранието да кажува и да се правда колку бил зафатен со приватни работи итн, денеска повторно не е тука. Мислам дека ваков однос кон Собранието најмалку може да има Бесар Дурмиши, од сите тука кои што се присутни. И мислам дека крајно време е да го почитуваме овој институт на пратенички прашања и да бидат министрите тука“, рече Спасовски.
Тој нагласи дека ваквиот однос претставува потценување на институцијата Собрание и бегање од одговорност.
„Имате министер, ако не може министерот, имаме заменик министер, ако не може со еден заменик министер дај сменете, ставете два, три заменици министри, бидејќи имаат многу обврски натаму наваму, нека дојдат овде да одговараат на пратенички прашања или пак ако не сте спремни нека кажат слушајте не сме спремни ние да дојдеме да одговараме на пратенички прашања ќе седиме во влада, ќе бидеме на пат, или си имаме други многу поважни работи тоа што е Собрание“, рече Спасовски.
Тој укажа дека не може да се дозволи пратеничките прашања да се сведат на формалност без суштина.
„Не може да поставуваме пратенички прашања во ветер. Бесар Дурмиши не е тука, Марјан заменикот не е тука, и сега која е смислата на поставување на пратенички прашања, за да ги одговараат писмено. Па секој ден имаме право да поставуваме писмени прашања, секој ден. И тие кои што ги поставуваме писмени прашања самите на координација реагирате дека не ни се одговараат од страна на министрите. Која е смислата да сето ова го правиме овде, да глумиме дека имаме некаква одговорност или состојба во која што однесувањето на минстрите ќе биде на ниво на одговорноста која што ја носат кон собранието и на овој начин покажуваме сосема поинаков пристап“, рече Спасовски.

