Македонија
„Играта и учењето“ – промовиран учебник наменет за наставниците
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, присуствуваше на промоцијата на учебникот „Играта и учењето – нови концепти во раното учење“ од Лена Дамовска, кој третира низа суштински и актуелни прашања поврзани со новите парадигми во педагогијата на 21 век.
Царовска истакна дека оваа литература е целосно во согласност со насоките од новата Концепција за основно образование чија имплементација започна со стартот на новата учебна година.
„Учебникот всушност е наменет за наставниците и ги упатува како да одберат начин кој ќе го привлече вниманието на учениците, за да им го пренесат знаењето кое треба да го апсорбираат на соодветната возраст. Препораката на авторката, со што јас целосно се согласувам е тоа да се прави преку игра, бидејќи докажано е дека така ефектот од учењето е најголем кај најмалите“, рече Царовска.
Министерката потенцираше дека и новите учебници за прво и четврто одделение кои се изработени согласно новата Концепција и усвоените наставни програми се изработени токму врз основа на начелото дека играта е моќна алатка во процесот на рано учење и затоа изобилуваат со квизови и игри, а оние за четврто одделение имаат и своја дигитална верзија која обезбедува уште повеќе интерактивни и мултимедијални содржини.
„Новите учебници внесуваат свежина во образовниот систем и им се допаѓаат на наставниците и на учениците. Тоа е најважно. Значи дека ќе ги практикуваат и ќе го постигнеме ефектот кој е проектиран при конципирање на промените, да изградиме генерации кои ќе бидат креативни, иновативни и критички ќе размислуваат“, рече Царовска, додавајќи дека очекува со новините кои наложуваат и примена на современ педагошки пристап од страна на наставниците ќе се овозможи учениците да бидат активни партиципанти во процесот на стекнување на сопствените знаења.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стопанска банка АД Битола бара јавно извинување од СДСМ, во спротивно најавува правни чекори
Стопанска банка АД Битола најостро ја осуди денешната прес-конференција на СДСМ и изјавите на Александар Саша Димитријевиќ, оценувајќи дека се работи за невистини и манипулативни наводи кои, како што наведуваат, се во спротивност со јавно прокламираните заложби на партијата за привлекување инвестиции и унапредување на регионалната соработка.
Во реакцијата, Банката наведува дека е зачудувачки што СДСМ, како партија што претендира да биде сериозен политички фактор, пласира неосновани и неточни информации за субјект од банкарскиот сектор, со што, според нив, се внесува несигурност во банкарскиот систем и се доведува во прашање политичката одговорност и кредибилитет на партијата.
Од Стопанска банка АД Битола посочуваат и дека СДСМ изнесува ставови идентични со оние што во изминатиот период ги застапувал нивниот долгогодишен политички партнер ДУИ. Во реакцијата се нагласува дека АЛТА Банка АД Белград е една од најзначајните членки на АЛТА групацијата и една од најиновативните финансиски институции во Србија, со значајни инвестиции во регионот, вклучително и во Северна Македонија.
Банката наведува дека АЛТА Банка бележи континуирани позитивни деловни резултати и силен раст, а во 2024 година била наградена како најбрзо растечка и најиновативна банка во Република Србија. Стопанска банка АД Битола истакнува дека добивањето сериозен и стабилен стратешки партнер претставува позитивен чекор за банкарскиот сектор и за економијата во целина.
Во реакцијата се наведува дека, доколку СДСМ јавно не се извини за изнесените, како што се оценува, невистини и дезинформации, ќе бидат преземени сите соодветни правни и институционални чекори за заштита на угледот и интегритетот на банката.
Македонија
Средба со просветните работници на годината во Битола
Наташа Тодоровска- наставник по одделенска настава во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола и Аница Б. Златевска- психолог во ОУ „Коле Канински“ во Битола, кои беа меѓу просветните работници кои добија признание од Министерството за образование и наука и Сојузот на просветни работници, денеска имаа прием кај градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски им честиташе за признанијата „Просветен работник на годината“ за учебната 2024/2025 година, кои претставуваат чин на јавно признание, но и симбол на поширока заложба за градење општество кое активно ја поддржува и вреднува улогата на воспитувачите, наставниците и стручните соработници.
Инаку по повод 5 Октомври – Светскиот ден на учителите Министерството за образование и наука ја започна кампања за истакнување на нивната незаменлива улога во општеството и поголема почит од заедницата во рамките на кампањата „Магијата е во знаењето“.
Македонија
ФЗО прворангиран во мониторинг-извештајот за државните институции за 2025 година
Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија (ФЗО) е рангиран на прво место во Извештајот за мониторинг на државните институции за 2025 година, изготвен од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. ФЗО ја дели водечката позиција со Државниот завод за ревизија, со освоени максимални 51 бод.
Ова претставува значителен напредок за институцијата, ако се има предвид дека во 2024 година Фондот бил рангиран на 45. место со 24,5 бода. Според соопштението, за само една година ФЗО се искачил на врвот на листата преку унапредување на транспарентноста и отчетноста.
Извештајот е изготвен согласно Методологијата за спроведување на мониторинг за проактивно објавување информации од јавен карактер, а е достапен на официјалната веб-страница на Агенцијата.
Во меѓувреме, ФЗО спровел контроли во 26 јавни здравствени установи, од кои 12 во Скопје и 14 надвор од главниот град. При контролите биле утврдени неправилности поврзани со пресметка на дежурства, комбинирање додатоци за сменска работа и дежурство, прекувремена работа, недоставени податоци, исплата на бонуси и други отстапувања од прописите.
Дополнително, биле извршени контроли и во 37 установи за итна медицинска помош и домашна нега, при што во 14 установи биле констатирани неуредни наоди. Најчесто утврдените проблеми се однесуваат на недостиг од соодветни одлуки и согласности за ценовници, неправилно фактурирање, наплата на услуги што не подлежат на наплата и користење застарени ценовници.
На здравствените установи кај кои се утврдени неправилности им е оставен рок од два месеци за нивно целосно отстранување.

