Македонија
Арсовска: Залудна е црната кампања на власта, никој не им се плаши

Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник за Град Скопје, вечерва на митингот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Ѓорче Петров, истакна дека власта спроведува црна кампања и со видео спотови залудно се труди, затоа што никој повеќе им се плаши, а тие се во страв од пораз и страв дека некој ќе ревидира каде отидоа парите на скопјани и на што се потрошија, а ништо не е реализирано во овие четири години.
„Градот тоне во нечистотија и смет изминативе неколку години, но јас знам дека можам да го променам тоа. Ова што ќе замине во историјата било најлошото, а не најдоброто за нашите општини. Имам визија, посветена сум и поседувам план. Проектите на власта останаа само ветувања, а нивното време помина, затоа што имаа години за да реализираат, а не го направија тоа, такви ветувања како враќањето на езерото Треска на граѓаните, кружниот тек на влезот во Скопје кај Сарај, а Скопје не е ни прогласено за зелена метропола, ја нема ни ветената гасификација, никој не ги виде овие проекти, а и 40 години да им се даде нема да ги реализираат ветените проекти“, критикуваше Арсовска.
Таа вели дека трагедија е тоа што во 21-от век во Кучково нема вода за пиење, има заборавени места кои немаат канализација и водоводна мрежа, а исто така нема и асфалтирани улици.
„Власта спроведува црна кампања затоа што се плашат дека некој ќе ревидира каде отидоа парите на скопјани изминативе четири години, а ништо не е реализирано, им порачувам дека ќе изгубат, залудни им се црните кампањи, затоа што никој повеќе не ви се плаши. Во Градот Скопје ќе дојдат луѓе кои се чесни и ќе работат за подобар град. Мислат дека ако пуштат некој спот на телевизија нема ќе ги сокријат ѓубрето и нечистотијата во кои тоне градот, дека нема да се види дека Универзална сала е далеку од реализација, а не може да се види ништо затоа што ништо не е направено“, посочи Арсовска во Ѓорче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Кисела Вода

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1523, објектите на фирмите Пастор, Орнамакс и други во нивна близина, корисниците од бул. Борис Трајковски од бр. 77 до бр. 85, како и корисниците лоцирани помеѓу објектите на фирмите Циле Инжињеринг и Интеграф. (општина Кисела Вода)
Македонија
Шукова: Време е за резултати, уреден Бутел, нови паркови, подобар превоз и вода за сите

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вчера одржа митинг во Бутел, каде пред жителите порача дека Скопје мора да се гради со дела, а не со празни зборови.
„Вечерва не сум тука само како кандидатка за градоначалничка на Скопје. Тука сум, пред сè, како човек што верува во овој град и во луѓето што го прават Бутел дом,“ изјави Шукова.
Таа се осврна на реалните проблеми со кои се соочува општината запуштеното корито на Серава, недоволната инфраструктура, недостигот на јавен превоз и дотраената водоводна мрежа и истакна дека решенијата веќе се подготвени.
„Серава ќе стане место на кое ќе се гордееме уредено корито, пешачки и велосипедски патеки, зелена зона за сите. Новите паркови и 10.000 засадени дрвја ќе го вратат сјајот што Скопје го имаше пред децении,“ нагласи таа.
Посебен акцент стави и на водоснабдувањето и инфраструктурата:
„Денес, 60 проценти од питката вода се губи во системот. Време е за модернизација и стабилно снабдување со вода за секој дом. Новите мостови, клучки и булевари ќе го поврзат Бутел со целиот град и ќе овозможат безбедно и побрзо движење,“ рече Шукова.
Таа потсети дека во изминатите години градот беше заложник на неработење и популизам:
„Четири години ВМРО-ДПМНЕ ги запоставуваше општините. Време е за резултати, а не за слики и празни зборови. Половина од нашите проекти може веднаш да се реализираат,“ додаде таа.
Во својот говор, Шукова повика на единство и одговорност:
„Бутел не смее да биде изолиран. Бутел е почетна точка на модерното Скопје место каде што се инвестира, се гради и се слуша секој граѓанин.“
Македонија
Претежно облачно со врнежи од дожд, повремено пообилни

Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните делови, каде се очекува локално да наврнат и над 25 l/m²дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Потоа следува претежно стабилно време со потпросечни температури за овој период од годината.