Македонија
(Видео) Ѓорчев: СДСМ фатен како дели црни вреќи во Битола, да реагира и меѓународниот фактор
Ве замолувам да го гледате видеото што ќе го пуштиме, а на кое главните активисти на СДСМ, секретар на општинската организација, а и двајцата се кандидати за советници на Битола, синоќа одеа во населбата Баиро и од брендиран со налепници автомобил на кандидатот за градоначалник на СДСМ во Битола, Кондовски, делеа црни вреќи. Сите знаеме што е работата, изјави на денешната прес-конференција Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Луѓето што вадат црни вреќи во населбата Баиро во Битола од возило со налепници од кандидатот за градоначалник на СДСМ во Битола се Борче Корлевски, актуелен советник во Советот на Општина Битола и повторно кандидат за советник во Битола. Второто лице е Жаклина Наумовска, просветен инспектор и секретар на општинската организација на СДСМ во Битола и кандидат за советник. Сите знаеме што прават тие во Баиро во Битола. Сите знаеме зошто делат црни вреќи. Сите знаеме дека тоа го прават и тоа се гледа од снимката, тоа го прават од автомобил кој е излепен, брендиран со името на Христо Кондовски, кандидат на СДСМ во Битола“, посочи Ѓорчев.
Истовремено, рече Ѓорчев, фирмата на Христо Кондовски, „Стентон градба“, добива куп милионски тендери од РЕК „Битола“, која сега пропаѓа, а сега гледаме, додаде членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, дека вртат нивни возила по Баирот во Битола, и тоа, едноставно, што може да биде ако не е изборен поткуп.
„Имате јасен избор, од една страна, се тајкуните и олигарсите што добиваат милионски државни тендери, а од друга, е нашиот кандидат“, нагласи Ѓорчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.
Македонија
(Видео) СДСМ бара оставка од директорката на ГАК по смртта на новороденчето: „Има сомнежи за лекарска грешка“
СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по смртта на новороденчето.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника, ГАК, и бараме одговорност за последниот скандал со смртта на бебе. Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи“, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство СДСМ.
Според неа, документите од самата Клиника говорат поинаку.
„Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“, рече Радеска.
Според неа, клучното прашање зошто директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Каква е таа докторка за која Хипократова заклетва е само на хартија? Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, рече Радеска.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изрази сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницира вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат по што ќе следува и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со Инспекторатот ќе постапи професионално, стручно и транспарентно со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивањето на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.

