Македонија
Град Скопје: На „Дрисла“ не се согорува опасен отпад без дозвола
Од Град Скопје реагираат дека во ЈП „Дрисла“ не се согорува опасен отпад без дозвола. Оттаму додаваат дека откако „Дрисла“ се врати во надлежност на Град Скопје, таа прераснала во санитарна депонија, која применува современи технологии за управување со отпадот, а целокупниот нејзин економски потенцијал е ставен исклучиво во служба на граѓаните.
„Откога ЈП ‘Дрисла’ е повторно во надлежност на Градот, набави нов стерилизатор за третман на медицински отпад од познатата италијанска марка ЦИСА, што е иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет. Со набавката на стерилизаторот се стави крај на неодговорното и несовесно постапување со медицинскиот отпад, односно неговата несоодветна обработка, што потоа завршуваше на ‘Дрисла’ како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето“, велат од Градот.
Како што наведуваат, во ЈП „Дрисла“, освен медицински отпад, кој се третира во согласност со предвидените процедури, не се согорува друг вид опасен отпад без дозвола.
ЈП „Дрисла“ постапува по забелешките на Државниот инспекторат за заштита на животната средина и до надлежното министерство има поднесено барање за скратување на бараните шифри за опасен отпад, додаваат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерот Муцунски во работна посета на Хрватска
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес (сабота, 29 јуни 2024г.) ќе престојува во работна посета на Република Хрватска, каде што на покана на министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман ќе учествува на Дубровник форум 2024.
Министерот Муцунски ќе има обраќање на панелот „Западен Балкан: Отворање на реформскиот потенцијал”.
На маргините на форумот, министерот ќе оствари и бројни билатерални средби со свои колеги од повеќе земји.
Македонија
Дел од улиците во Аеродром денес ќе бидат затворени поради градежни активности
Поради изведување градежни активности, денеска изменет режим на сообраќај ќе има во дел од скопската Општина Аеродром.
„На ден 29 јуни (сабота) на ул. ‘Борис Кидрич’ од крстосница со Ул. ‘Симеон Кавракиров’ до крстосница со Бул. ‘Кузман Јосифовски Питу ‘ – Општина Аеродром ќе се изведуваат градежни активности (гребење), па поради тоа ќе има изменет режим на сообраќај на наведените улици, информираат од изведувач на работите, компанијата ‘Гама градба’“.
Македонија
Сончево и потопло со мала до умерена облачност
Времето денеска ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени. UV=8
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степена.
Во деновите од викендот и во понеделник времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Дневните температури насекаде ќе бидат над 30 степени.
Во вторник се очекува повторно дестабилизирање на времето со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме.