Македонија
Нова пресуда за убиството на Пино Секондо
Кривичниот суд повторно ѝ изрече затворска казна од 19 години на Ангела Ѓорѓиевска за убиството на Пино Секондо. Ова е практично иста казна како што и претхдно ѝ беше изречена, а Апелација ја укина и го врати предметот на повторно судење. Адвокатот Sвонко Давидовиќ, кој ја застапува Ѓорѓиевска пред судот, тврди дека без ниту еден доказ, туку врз основа на, како што посочи, ти реков, ми рече, е донесена пресуда по предметот. Според него, не е постапено по напатствијата дадени од Апелација, од каде што посочиле дека материјалните докази не го потврдувале извршеното дело.
„Ова е грозоморен чин и наша обврска е да се расчисти и утврди вистината. Но, врз основа на докази, не врз основа на ти реков – ми рече. Без ниту еден нов доказ е донесена пресуда иако Апелација стриктно тоа го бараше во пресудата. Дури и во обвинителниот акт се наведува дека таа не го извршила убиството, а не се докажа дека е соизвршител, дека го повикала убиецот. Базните станици покажуваат дека никогаш не биле заедно, освен во 22.08 часот во Ѓорче Петров. Потоа не биле на иста базна станица. Материјалните докази не покажуваат ништо во однос на самото дело. Нема одговор каде, кога, како, зошто, кој… Само една конструкција од типот ти реков – ми рече, што Апелација ја уважи и ја укина пресудата со точни напатствија по кои не се постапи“, вели Давидвиќ.
Ѓорѓиевска, која одново е осудена како соизвршител на убиството, останува во притвор до правосилност на пресудата или евентуална нова одлука. Нејзиниот адвокат посочи и дека ќе поднесат одново жалба до Апелација, со која ќе бараат укинување на пресудата.
Ангела Ѓорѓиевска и првиот пат доби 19-годишна казна затвор поради свирепото убиство на Пино Секондо, која подоцна беше укината. При првата пресуда судијката Ленка Давитковска ја прогласи за виновна, односно дека помогнала во извршување на убиството, кое се случи во 2018 година. Телото на убиениот Пино беше пронајдено неколку месеци по убиството, во април 2019 година, кај местото наречено Башинец, во атарот на селото Љуботен.
Во бегство и натаму е Фуркан Али, обвинет дека го извршил убиството, користејќи пушка што ја носел со себе во автомобилот. Тој се гони за кривично дело убиство, но е недостапен за органите на правдата.
Според обвинението, осудената Ѓорѓиевска го повикала Пинета Секондо – Пино и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и Фуркан Али со возило „опел аскона“ носејќи со себе пушка. Тој го оставил возилото на насипот и седнал да управува со автомобилот „шкода“, со кое до насипот дошол Пино. На совозачкото место седнала Ѓорѓиевска, а Пино седнал на задното седиште.
Обвинителството тврди дека тројцата се упатиле по обиколницата кон атарот на селото Арачиново и во една нива почнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент Фуркан Али со пушката го застрелал Пино Секондо во главата. Осудената Ангела Ѓорѓиевска придонела да се изврши убиството, така што овозможила Пино да се сретне со убиецот иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

