Македонија
Јавно обвинителство: Дигитализацијата на правосудството треба да овозможи ефикасност и транспарентност
Дигитализацијата на правосудството, со која е опфатено и Јавното обвинителство, треба да овозможи ефикасност и транспарентност и да го олесни пристапот на граѓаните до правдата, заклучија учесниците на регионалната отворена дебата „Дигитално правосудство – нова ера на реформите на македонскиот правосуден систем“, што се одржа денеска во Скопје.
Системот на информатичко-комуникациски технологии е неопходност во работењето на јавните обвинителства, но тој мора да гарантира безбедност и трајност на податоците. За негово непречено функционирање потребна е соодветна инфраструктура, човечки и финансиски ресурси, како и соодветни законски измени, нагласи Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески.
„Во моментов, во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија се вработени само двајца инженери информатичари и по еден во три виши јавни обвинителства. Во ниту едно основно јавно обвинителство нема ИТ-кадар, а со тоа нема ниту достапна ИТ-поддршка во работењето. Опремата со која работиме е во употреба повеќе години и веќе е амортизирана и застарена во однос на потребите кои ги имаме“, рече Јовески.
Тој додаде дека Јавното обвинителство, преку финансиска поддршка од ИПА-проектите и од сопствени буџетски средства, прави обиди за надминување на овие состојби. Исто така, во рамките на обвинителството веќе постои систем за електронско управување со предметите, но тој не е целосно во функција, а една од причините за тоа е немањето доволно човечки ресурси. Потребно е надоградување на системот за да се овозможи електронска распределба на предметите со почитување на начелото на независност и увид во работата на јавните обвинители.
„Имајќи ја предвид моменталната состојба, сметам дека што поскоро треба да се зајакнат нашите капацитети, да се вработи и да се остручи соодветен кадар, да се набави нова и соодветна опрема. Врпочем, ваквата активност е предвидена и во Акцискиот план за имплементација на Стратегијата и е императив за успешноста на процесот на дигитализација на правосудството“, рече Јовески.
Дигитализацијата на правосудството е долгорочен и тежок процес, но Јавното обвинителство има сериозен пристап кон овој процес, оцени Лазар Нанев, претседател на Основен суд Кавадарци и претседател на Советот за координирање на информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи.
„Со спроведување на дигитализацијата согласно европските стандарди се олеснува работата на судовите и обвинителствата, а размената на податоци меѓу институциите станува брза и ефикасна. Интероперабилноста на институциите е исклучително важна за да се зголеми ефикасноста и да се обезбеди владеење на правото“, рече Нанев.
Потребен е соодветен план за операционализација на дигитализацијата и на ниво на јавното обвинителство, потенцираше проф. д-р Гордана Лажетиќ, член на Советот за координирање на информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи. „Неопходно е јавните обвинители да добијат можност и во текот на претходната постапка да комуницираат преку платформата за интероперабилност со другите државни органи. За ова да биде функционално, потребно е сериозно кадровско зајакнување на обвинителствата“, додаде Лажетиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје го отвори процесот за буџетот 2026: Граѓаните, организациите и бизнис заедницата поканети да дадат предлози
Град Скопје годинава го започна процесот на креирање на буџетот за 2026 година со, како што наведува, целосна транспарентност, отчетност и широка вклученост на јавноста. Од градската администрација истакнуваат дека имаат јасна определба да ја вратат довербата во институциите, па буџетот ќе се изработува преку отворен и партнерски пристап во кој секој граѓанин, организација или заедница може да даде свој придонес.
„Буџетот не е само финансиски документ, туку стратегија изградена врз реалните потреби и визијата за развој на градот“, наведуваат од Градот.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во изјава порачува дека процесот за првпат се отвора кон граѓаните, невладиниот сектор и бизнис заедницата, со цел активно да се вклучат во планирањето.
„Транспарентноста и отчетноста отсекогаш биле моја водилка. Оваа година го отвораме планирањето на буџетот за 2026 заедно со вас. Вашите потреби и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека веќе биле собрани голем број конструктивни предлози од граѓаните, но процесот останува отворен и сите се повикани да учествуваат.
Во новиот буџет ќе бидат опфатени приоритетни капитални проекти во инфраструктурата, културата, спортот и животната средина, со цел да се подобри квалитетот на живеење во Скопје.
Сите идеи и предлози граѓаните можат да ги испратат на: [email protected]. Во пораката Ѓорѓиевски додава: „Скопје ќе биде повторно горд град“.
Македонија
Mузичари од БиХ настапувале во локал во Кичево без работна дозвола, поднесена прекршочна пријава
При засилена акциска контрола спроведена на 29 и 30 ноември од полицијата во Кичево и Регионалниот центар за гранични работи Запад, во координација со Пазарниот и Трудовиот инспекторат, во угостителски објекти во Кичево биле затекнати музичари од Босна и Херцеговина кои работеле без соодветна дозвола, соопшти МВР.
Во угостителски објект на магистралниот пат Кичево–Охрид биле затекнати пејачката Џ.Р. (23) и членовите на бендот К.Џ. (27), Е.П. (25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), сите од Босна и Херцеговина. Тие настапувале без претходно обезбедена работна дозвола, соопшти МВР.
Против нив е поднесена прекршочна пријава до Основниот суд Кичево.
Македонија
Герасимовски со УНИЦЕФ: Заедно во превенција на вандализам и воведување општокорисна работа за малолетници
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, одржа работен состанок со тимот на УНИЦЕФ предводен од Лесли Милер, претставничка на организацијата во државата.
На состанокот се дискутираше на тема општокорисна работа и превенција на вандализмот кај малолетните лица.
Беа разгледани насоки за склучување меморандум за меѓународна соработка и отпочнување пилот-проект во општинските училишта, со вклучување на учениците, наставниците и родителите, со цел да се изнајдат решенија и спроведат координирани активности за превенција на девијантни појави кај малолетниците.
Експертите на УНИЦЕФ споделија искуства од регионот и светот, нагласувајќи дека проблемите поврзани со децата можат да се надминат само преку обуки, едукација и активно учество на целата заедница.
Се разговараше и за потребата од дополнителна регулација во областа на правата на децата и малолетничката деликвенција, преку подзаконска рамка и унифицирање на постапувањето на сите надлежни институции на државно ниво.
Општина Центар прва ја покрена иницијативата, која потоа ја поддржа и ЗЕЛС, за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа како воспитна мерка за малолетни сторители на вандализам.
„Вандализмот е сериозен проблем што бара итна и координирана реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со одговорност, заедно со нивните родители“, порача градоначалникот Герасимовски.
Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел општокорисната работа да стане системска мерка која ќе придонесе за превенција и ресоцијализација.
Дополнително, побарани се измени во Законот за семејство и Законот за извршување санкции, со кои би се вовела и одговорност на родителите преку заедничко учество во општокорисната работа.

