Македонија
Петровска: Решени сме да го спречиме нелегалното градење и бетонизација на ридот на Калето

Ридот на скопското Кале на кој се истакнува моќната фортификација и Музејот на современа уметност и од каде широкиот поглед паѓа на нашето Скопје, да го претвориме во културен предел, да го искористиме потенцијалот на овој драгоцен простор, е нагласено во соопштението од тимот на кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Ана Петровска.
„Со Генералниот урбанистички план овој простор со исклучителни археолошки, културни и пределски вредности е наменет за зеленило. Меѓутоа, не е изработен Елаборат за валоризација на археолошкото наследство и затоа не е донесен Детален урбанистички план. Тој плански вакуум не е пречка за некои инвеститори помеѓу Калето и Музејот на современа уметност нелегално да изградат хотел. Има изградба и на други објекти на местото на стари куќи. Градењето може да земе замав, ако не се истражат околностите под кои е овозможено да се гради на ова заштитено земјиште. Постои наградено конкурсно архитектонско-урбанистичко решение што не се реализира без донесување на Деталниот план“, вели Петровска.
„Заедно со Зелен хуман град се бориме да го заштитиме Калето од нелегална градба и уништување на зеленилото. Тоа мора да остане како дел од континуираниот зелен коридор покрај реката Вардар. Да му го вратиме Калето на Скопје и скопјани“, потенцира Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Паника во Катланово и Петровец поради голем пожар, Ангелов смирува дека нема опасност да се запали бензинската

Попладново пожар изби и помеѓу Катланово и Петровец. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов вечерва во видео-изјава посочи дека пожарот е пресечен и не претставува закана за бензинската пумпа која е во близина.
„Пожарот кој што изби помеѓу Катланово и Петровец во близина на безинската пумпа е делумно локализиран, односно е пресечен и не претставува опасност за блиската бензинска пумпа. Се движи кон село Чифлик, а на негово ставање под контрола работат скопските пожарникари. Рано наутро ќе се упати и ер-трактор, а ќе упатиме и неколку возила. Се работи за непријатен пожар кој се наоѓа на непристапно место, но верувам дека утре пожарникарите ќе го стават под целосна контрола. Видлив е од автопатот и предизвикува вознемиреност, но граѓаните да не се плашат бидејќи не може да ја зафати бензинската пумпа“, изјави Ангелов.
Македонија
До 18 часот вкупно 29 пожари на отворен простор, гори уште на 14 места

До 18 часот вкупно 29 пожари на отворен простор, од нив 14 активни, четири под контрола и 11 изгаснати.
Како што информираат од ЦУК активни пожари има во Општина Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино (планината Голем Готен и Малешевските планини – нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација), Општина Прилеп – с. Бешиште, Бешишки Рид, кон с. Градешница (опш. Новаци) и кон границата со Р. Грција (мешана шума), Прилеп и Кавадарци – помеѓу с. Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен, Галиште и Трстеник (мешана шума и ниска вегетација), Македонски Брод – помеѓу с. Црешево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума и грмушки, Желино – помеѓу с. Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума),Крива Паланка – с. Нерав (висока борова шума), Старо Нагоричане и Куманово – с. Облавце, Бељаковце, Довезенце, Орах и Ругинце (ниска вегетација), Битола – с. Велушина (ниска вегетација), Битола 2 – с. Миџитлија (ниска вегетација), Кичево – с. Горно Трско (ниска вегетација и ниска шума), Македонска Каменица – с. Косевица (борова шума), Струга – с. Ново Село и с. Делогожда (ниска вегетација и стрниште), Штип – помеѓу с. Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева),Петровец – с. Ржаничино (ниска вегетација).
Пожарите кај Македонски Брод 1 – с. Грешница, Македонски Брод 2 – с. Латово, Карбинци – с. Јунузлија и кај Петровец – с. Средно Коњаре кај р. Пчиња се ставени под контрола.
Македонија
Алиу ветува 205 милиони евра за болници кои инспирираат доверба, а не страв

Верувам дека здравството е повеќе од систем. Тоа е нераскинливо морално ветувањето што си го даваме едни на други: дека кога најмногу ни треба, ќе има некој тука за нас“, порачува во видео обраќање министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој нагласува дека тоа ветување денес има потреба да се врати во системот, но без импровизирани одлуки, туку со јасна визија. Без носталгија, со податоци и храброст.
-Визијата станува реалност со голем прв чекор: 205 милиони евра за болници кои инспирираат доверба, а не страв, вели министерот Алиу, додавајќи дека во Штип ќе се гради модерна клиничка установа и Факултет за медицина за идните генерации лекари.
-Во Тетово, болницата ќе добие современа медицинска опрема и два нови објекти, со што ќе прерасне во симбол на грижа и достоинство. Во Кичево, каде што болницата остана нереализирано ветување од минатиот век, од темел ќе градиме нова, светла, топла и достојна за секој од вас, вели министерот Алиу.
Тој истакнува дека ова е само почеток, бидејќи хоризонтот на неговата визија е многу подалеку.
-Да изградиме модерно, хумано и дигитализирано здравство. Ние не сме тука да чекориме по патеки од минатото кои не водат никаде, ние сме овде да градиме доверба за идните генерации. И заедно со вас, ќе ја направиме оваа визија реалност, порачува министерот за здравство, Азир Алиу во неговото видео обраќање.