Филм
„Златен Манаки“ за режисерот Каан Муждеџи

Проекција на филмот „Сивас“ во киното „Синеплекс“ во Скопје че се одржи во четврток во 20 часот, во организација на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ од Битола и Културниот центар – „Институт Јунус Емре“ од Скопје.
Повод за проекцијата е наградата „Златен Манаки“, што режисерот Каан Муждеџи ја доби на неодамна завршениот фестивал, во програмата „СЕЕ Камера“. Режисерот Каан Муждеџи ќе биде гостин и ќе и се обрати на публиката. Уметничкиот директор Благоја Куновски-Доре ќе му ја врачи статуетката „Златен Манаки“. Наградата за најдобар филм му ја довери жирито во состав: Маја Богојевиќ, филмски критичар, Диомидес Никитас, продуцент од Кипар и Мирослав Момчиловиќ, режисер од Србија. -„Сивас“ е храбар и иновативен филм кој непретенциозно се фокусира на љубовта помеѓу дете и куче, преку потресен портрет на едноставниот дневен живот во турско село, со контрасти на детските невини игри и несогласувањата со алчноста на возрасните. Ја покажува хуманоста во најдобро и во најлошо издание – стоеше во образложението на жирито. Режисерот Муждеџи беше најавен како гостин и во Битола, но поради обврски поврзани со промоцијата на неговиот филм за наградата за странски филм „Оскар“, Муждеџи не можеше да биде со нас. „Сивас“ е турско-германска копродукција снимена во 2014 година. Муждеџи е автор и на сценариото, а исто така е и продуцент на филмот. „Сивас“ е негов прв долгометражен игран филм. Кинематографери на филмот се: Норвежанецот Армин Диролф и Германецот Мартин Солванг. „Златен Манаки“ ја надополнува листата со награди кои веќе надминаа десет. Престижниот Венециски филмски фестивал лани му ја додели „Специјалната награда од жирито“.Филмот во Скопје ќе има само една проекција.Улогите ги толкуваат: Доган Изџи, Озан Челик, Муталип Муждеџи, Ези Ерин, Хасан Оздемир, Фуркан Ујар, Окан Авџи, Хасан Јазилитас, Бану Фотоџан. Аслан е 11-годишно темпераментно дете од мало сиромашно место во Анадолија. По една борба со кучиња тој го спасува поразеното куче по име Сивас, оставено да умре. Му помага на кучето да закрепне. Сакајќи да импресионира едно девојче кое му се допаѓа, договара меч со друго боречко куче. Сивас повторно почнува да се бори и да победува, со што Аслан го добива посакуваното внимание и од неговите соученици и од возрасните. Пред да го сними „Сивас“, Муждеџи е потпишан на неколку кратки и документарни филмови. Режисерот Муждеџи доаѓа по покана на „Јунус Емре институт“, кој беше еден од поддржувачите на 36.издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Со заеднички ангажман помеѓу двете институции беше прикажан филмот „Сивас“, чиј режисер не можеше да пристигне во Битола во договорениот термин. Благодарение на соработката, гостинка во Битола беше и една од најпознатите турски актерки Хатиџе Аслан, која беше член на жирито на програмата „Нов европски филм“./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
(Видео) Tри филма што Скорсезе ги смета за врв на кинематографијата

Мартин Скорсезе, еден од највлијателните американски режисери, со децении ги поместува границите на филмскиот израз. Неговата филмографија опфаќа широк опсег на жанрови – од насилни урбани приказни до сложени љубовни драми и духовни дилеми.
Иако неговите понови филмови, како „Ирецот“ и „Тишината“, сè уште се препознатливи по нивната визуелна раскош и длабока анализа на ликови, многумина сè уште сметаат дека неговите најголеми дела потекнуваат од поранешниот период – со насловите „Таксист“, „Добри момци“ и „Разјарениот бик“.
Во текот на својата кариера Скорсезе често ги издвојуваше режисерите што го инспирираа, меѓу кои и Акира Куросава, Ингмар Бергман и Џон Форд. Сепак, еден особено го допре – јапонскиот режисер Кенџи Мизогучи, познат по класичните филмови, кои прикажуваат емоции преку поетски ритам и внимателно изработени слики.
Како негов омилен го наведува филмот на Мизогучи, „Приказни под месечината и дождот“ (Ugetsu monogatari) од 1953 година, кој ја следи приказната за амбициите, љубовта и за војната во 16 век.
„Овој филм имаше најголемо влијание врз мене. Има моменти во тој филм што ги гледав одново и одново и кои секојпат ми го одземаат здивот“, рече Скорсезе, пренесе магазинот „Фар аут“.
Иако „Приказни под месечината и дождот“ често се смета за ремек-дело, Скорсезе ја цени целата трилогија, која ги вклучува и „Животот на Охару“ (Saikaku ichidai onna) и „Саншо судијата“ (Sanshô dayû), а за која вели дека е врвот на светската кинематографија.
Работата на Мизогучи го отелотворува она што многумина го сакаат во јапонскиот филм – суптилност, емоции и елеганција. Неговото влијание може да се види и кај современите режисери, како Хироказу Коре-еда, кој го комбинира секојдневниот живот со длабоки емотивни слоеви. Восхитувањето на Скорсезе кон Мизогучи е уште еден доказ за неговата длабока поврзаност со филмската историја – и неговата непоколеблива почит кон мајсторите на визуелното раскажување приказни.
Култура
„Македокс“: Платформата „Некстас“ го носи документарниот филм во училница

Употреба на документарниот филм како едукативна алатка во формалното образование е силна мисија на Здружението за промоција на документаристиката „МакеДокс“. Оваа децениска посветеност резултира со бројни успеси, а новитет во едукативната програма на „МакеДокс“ е „Некстас“, платформата за наставници кои се стремат да поттикнат критичко размислување кај младите луѓе и се подготвени да иновираат со нови аудиовизуелни средства во наставата.
Во насока на претставување на платформата „Некстас“ пред професори од средните училишта во Скопје, во петок, 11 април, во просториите на „Јуроп хаус Скопје“, со почеток во 11:00 часот, „МакеДокс“ ќе одржи презентација и кратка обука проследена со дискусија. Свои обраќања ќе имаат Надица Таневска Јанева, социолог и професорка во СУГС „Георги Димитров“ – Скопје, и Сашо Алушевски од „МакеДокс“.
Настанот е од отворен тип, но пријавувањето за присуство на настанот е задолжително. Линк за пријавување: https://forms.gle/cpEnERjVx4etdAsm8
Оваа образовна платформа на наставниците и учениците им нуди бесплатен пристап до динамична дигитална средина која содржи обемна колекција на документарни филмови од целиот свет, придружени со помошни материјали во насока на наставните планови на речиси секој предмет во средното образование. „Некстас“ е достапна на неколку јазици, отсега и на македонски јазик, а користењето на оваа платформа како ново аудиовизуелно средство е одобрено од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука на РСМ.
„Некстас“ е партнерски проект на „Docs Barcelona“ (Шпанија), „DOK.fest Munich“ (Германија), „Thessaloniki Film Festival“ (Грција), „Indie Lisboa“ (Португалија), „Sottodiciotto Film Festival“ (Италија) и „МакеДокс“ (С Македонија), а проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ – потпрограма Медиа.
„Некстас“ веќе ја користат над 10.000 наставници и професори ширум Европа. Линк до платформата: https://nextus.global/mk
Култура
„Бруталистот“ и „Емилија Перез“ доминираа на Златните глобуси – над 10 милиони луѓе го следеа емитувањето

Овогодинешната церемонија на доделување на Златните глобуси привлече повеќе од 10 милиони гледачи на телевизиските екрани, што е благ пораст на гледаноста во споредба со претходната година, изјавија во понеделникот продуцентите на настанот, на кој доминираа филмовите Бруталист и Емилија Перез во однос на наградите.
Зголемувањето на гледаноста на неделната гала во последниве години покажува благ нагорен тренд кога станува збор за интересот за слични настани, бидејќи Холивуд се обидува да се оддалечи од влијанието на штрајковите и пандемијата, а наградите Глобус постепено се опоравуваат од сопствените контроверзи и скандали.
Просечната бројка од 10,1 милиони гледачи кои го гледале шоуто е зголемување од 7 отсто во споредба со галата во 2024 година и значителен скок од едвај шест милиони гледачи една година порано.
Златните глобуси, холивудски филмски и телевизиски награди, кое некогаш беше второ по популарност по Оскарите, беше во криза во последниве години. Во 2022 година, гала настанот не се ни емитуваше. Поранешната телевизија Ен-Би-Си ја донесе ваквата одлука затоа што нејзиното раководство беше огорчено од недостатокот на различност и етички пропусти на групата новинари кои претходно ги организираа наградите.
Церемонијата на доделување на престижните награди беше повторно лансирана минатата година под нов приватен сопственик, а беше емитувана на „Си-Би-Ес“ во неделата навечер. Исто така, вреди да се напомене дека наградите им беа доделени на холивудските ѕвезди од А-листата во блескавата сала за бал во Беверли Хилс. На овогодинешните награди доминираа мјузиклот Емилија Перез и епската имигрантска драма Бруталист.
Мексиканскиот филм Емилија Перез на францускиот режисер Жак Аудиар освои четири награди, вклучително и за најдобра комедија или мјузикл, додека „Бруталистот“ беше прогласен за најдобра драма, а наградата за најдобар актер му припадна на главниот лик на филмот Адриен Броди, кој го игра архитектот Ласло Тот, Евреин којшто го преживеал холокауст.