Македонија
Мицкоски до земјоделците: Во ВМРО-ДПМНЕ имате пријател, партнер за решавање на вашите проблеми и маки

Сакам да се обратам до земјоделците, до работниот народ на Македонија, луѓето кои заслужуваат многу повеќе почит и повеќе поддршка од Македонија. Не ` верувајте на власта и на нивните убави зборови, тие сакаат и овој пат да ве излажат. Нема ништо и да се промени со нив, работите ќе тргнат на подобро кога ќе се смени оваа власт. Во ВМРО-ДПМНЕ имате пријател и соговорник, партнер за решавање на вашите проблеми и вашите маки, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во Карбинци.
Точно знам, рече Мицкоски, со што се соочувате, излезете на овие избори и гласајте за промени, промени од кои ќе тргне создавањето на новата иднина, и на новото време кое треба да донесе за вас сигурност и повеќе грижа.
Мицкоски од Карбинци се обрати и до пензионерите.
„Барам и замолувам поддршка од пензионерите, од тие кои својот живот го дадоа за подобра иднина, а сега оваа власт ги разочарува. 52 месеци не им ги покачија пензиите, туку им ги скратија за да имаат повеќе за крадење. Заслужувате достоинствена старост, почит од државата и она што ви следува, повисоки пензии, поголема грижа. И таа ќе ја имате, и затоа се потребни промени“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Пулс“ ќе се суди во Основниот кривичен суд Скопје, предметот е доставен

Основниот суд во Кочани денеска го достави предметот за пожарот во „Пулс“ во Основниот кривичен суд Скопје, согласно одлуката на Врховниот суд.
Врховниот суд го утврди Основниот кривичен суд Скопје како надлежен суд за постапка по обвинителниот акт за пожарот, во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Одлуката е донесена поради недостаток на доволен број судии од кривична област без законски пречки во основните судови во Штип и Струмица.
Основниот кривичен суд Скопје ќе распредели обвинителниот акт преку системот АКМИС. По приемот, обвинението ќе биде доставено до обвинетите, по што ќе почне да тече рокот од осум дена за приговор.
Јавното обвинителство на 13 јуни поднесе обвинение против 34 физички и три правни лица за кривично дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден обвинет за примање мито поврзано со издавање лажни лиценци за работа на објектот. Дел од истражните постапки за некои лица се прекинати поради недостаток на докази.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски истакна дека постапката е прекината и за 11 лица, вклучително и двајца поранешни министри.
Македонија
(Видео) Костадиновска-Стојчевска: Со ребалансот власта крати средства за социјални надоместоци, а вработува партиски кадри пред изборите

Ребалансот на буџетот за 2025 година, иако навидум не менува многу во клучните макроекономски параметри како вкупни приходи, расходи, дефицит и економски раст, претставува јасен показател за владините приоритети и стратегии, особено во пресрет на локалните избори, истакна пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на денешната расправа посветена на ребалансот на Буџетот за 2025 во комисијата за финансирање и буџет.
Костадиновска Стојчевска нагласи дека 14 милиони евра не се за зголемени плати, како што рече и самиот заменик министер се дообезбедуваат средства за исплата на плати, пензии, програмски, проектни активности со едновремено искористување на средства од претходни години.
„Ова најверојатно е заради претстојните локални избори, па тактиката е добро позната – нови вработувања на партиски кадри пред изборите, што е долгогодишна практика која го оптоварува буџетот и ја нарушува професионалноста на јавната администрација, наспроти најавите на министерот за јавна администрација“, истакна Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека за тоа зборува и зголемувањето на ставката „стоки и услуги“, за околу 30 милиони евра во однос на 2024 година, која е недоволно транспарентна и вклучува договори на дело како форма на квази-вработување во јавната администрација.
Костадиновска Стојчевска нагласи дека истовремено со зголемувањето на расходите за пензии и плати, владата прави кратења кои директно ја погодуваат економијата и најранливите категории граѓани.
„Кратењето на социјалните надоместоци е најголема критика за владата. Намалувањето на парите за „социјалните случаи“ е антисоцијална и антисоцијалдемократска политика. Недозволиво е да се крати од најсиромашните слоеви на населението, а во исто време да се вработуваат партиски кадри пред избори. Ова покажува висок недостаток на емпатија и социјална одговорност“, рече Костадиновска Стојчевска.
Таа го истакна и, како што рече, очајното ниво на реализација на капиталните инвестиции од само 22,5 проценти, кое е за 13,6 процентни поени помалку од истиот период во 2024 година, а признанието дека претходната влада била подобра во реализацијата на капитални проекти е силна критика за неефикасноста на сегашната влада во спроведувањето на развојни проекти.
Во своето излагање пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, особено се осврна на состојбите во министерството за култура и туризам, каде е намалена ставката за плати, што според неа значи дека заложбите за поголеми плати за вработените во министерство за култура останале само предизборни ветувања а и додатокот на плата за 30 отсто денес во министерство за култура се прави по партиски клуч.
„Не се предвидени средства за зголемувањето на платите на културните работници. Иако некои од нив два месеци немаат земено плата и добиваат само закани дека нема да земат плата, не се предвидени средства за исплата на 700 тужби за неисплатените проценти согласно колективниот договор“, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека културните работници го добија достоинството во 2019 година со потпишувањето на колективниот договор, а во 2025 година им го ускратува еден од нив.
Костадиновска Стојчевска наведе дека Буџетот на инспекторатот за употреба на македонски јазик е намален за 2/3, се крати од ставката за културно наследство, не е помрднато со прст за завршување со изградбата на центарот за промоција на макеоднски јазик во село Љубојно, првото училиште по македонски јазик, се намалува и сумата за реконструкција на Музеј на Македонија и покрај тоа што министерот наследи готов проект и завршена процедура.
„Во буџетот на самото министерство зголемена е ставката за патувања. Тука ништо не не изненадува. Осака чинеше 90.000, а само за министерот и неговата шефицата на кабинет беа платени 10.000 евра трошоци“, рече Костадиновска Стојчевска.
„Она што е најевидентно се средствата за инфраструктурни објекти во општините коишто од 275 милиони сега со ребалансот изнесуваат 335 милиони. За користење на овие средства оваа година нема распишан конкурс па така не е јасно како овие и така зголемени средства ќе се користат“, рече Костадиновска Стојчевска.
Таа истакна дека финансирањето на дејностите од областа на култура е зголемено, во средствата овој јануари беа распределени на најнетранспарентен можен начин, без јавно објавување на резултатите од конкурсот, така и овие зголемени средства ќе одат во нечии џебови, а не таму каде треба.
Македонија
Азизи: Одобрени 829 проекти од околу 15 милијарди денари за патишта, училишта, градинки

На 88 седница на Владата која се одржа вчера, 6 ресорни министерства вклучени во потпрограмата за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа – позната како АА, доставија предлог одлуки до Владата за проектите на општините кои ги исполнуваат условите наведени во самиот повик.
Оваа потпрограма, како што објаснија од владините служби, претставува значаен инструмент за поддршка на општините и нивното институционално и инфраструктурно јакнење, во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„Во рамки на втората фаза, вкупно се одобрени 829 проекти во вредност од околу 15 милијарди денари, кои ќе се реализираат преку следниве министерства:
Министерство за транспорт и врски – над 8 милијарди денари
Министерство за животна средина и просторно планирање – околу 2, 5 милијарди денари
Министерство за образование и наука – околу 1,6 милијарди денари
Министерство за култура – 622 милиони денари
Министерство за социјална политика, демографија и млади – 520 милиони денари
Министерство за спорт – 544 милиони денари
Со ова продолжуваме континуирано да ја поддржуваме секоја општина која ги исполнила условите според јавниот повик, без разлика на политичката припадност на нејзиното раководство. За нас, единствено важни се граѓаните, нивната благосостојба и создавање подобри услови за живот во секој дел од државата“..
Во рамки на првиот јавен повик, беа доделени 4,1 милијарди денари за 274 проекти, дел од кои се веќе реализирани, а другите се во реализација, соопштија од Владата.